Нешта што не се купуваат со пари

Нешта што не се купуваат со париПостојат работи за кои можеш да го одврзеш кесето и да ги имаш, но постојат и нешта што не се купуваат со пари. За таквите плаќаш со љубов, внимание, работа, интегритет, а за некои едноставно не можеш ништо да сториш – ги имаш или ги немаш.

Овој пост сакам да им го посветам на неколкуте работи за кои парите не вредат ништо, колку и да е ова општество во кое живееме зависно од пари и материјални богатства.

Многу често се споменува еден цитат кој вели дека најубавите нешта во животот се бесплатни. Јас не мислам дека постојат бесплатни нешта, за сè мора да платиш со нешто. Можеби не со пари, но мораш нешто да дадеш. Животот е една голема трансакција. Дури и кога даваш несебично без да очекуваш да добиеш нешто за возврат, ти тоа го правиш затоа што се чувствуваш добро кога даваш, го добиваш чувството на задоволство кога знаеш дека некој има корист од тоа што го даваш.

И, да се вратам на цитатот според кој најубавите нешта во животот се бесплатни – во суштина, најубавите нешта во животот се најскапи – за нив плаќаш со животот. Некои работи се толку убави што остануваш нивни заробеник целиот твој живот.

Здравјето, љубовта, пријателите, довербата, талентот, младоста, правадата. Ова се многу повеќе од теоретски концепти. Имале пари или не, луѓето може да уживаат во благодетите на овие нешта.

1. Здравје – Секако дека претераните грижи, посебно кога станува збор за парите, може да ти го уништат здравјето, но имањето пари не е никаква гаранција дека ќе имаш и здравје. Со пари можеш да обезбедиш подобри лекари кои можат да те насочат на подобра превенција и лечење на евентуалните проблеми – но, тоа не е никаква гаранција дека нема да се разболеш.

Медицината сè уште нема одговор на многу закани за здравјето. Фактот дека и најбогатите се разболуваат и умираат покажува дека здравјето со пари не се купува.
И да, никогаш немој да штедиш кога е во прашање здравјето.

2. Љубов – Нема такви пари што можат да натераат некому срцето да му затрепери кога ќе ти го слушне гласот. Тоа не се купува. Можеш да натераш некој да те слуша што ќе му кажеш, да те гледа умилно или да те допира; можеш дури и да платиш некому за да има секс со тебе, но, како што знаеме, тоа има друго име – не љубов.

Психолозите го објасниле чувството на многу начини, но ниеден од нив никогаш не бил поврзан со парите. Затоа кога ќе препознаеш љубов немој да ја ставаш пред парите. Парите се трошат, љубовта, колку и да звучи ова патетично, не се троши, туку се зголемува или ја снемува.

3. Пријатели – Дали имаш многу пријатели? Ако имаш повеќе од 5, веројатно немаш. Не знам колку е статистички докажано, но секој од нас може вистински во животот да смета само на неколкумина луѓе. Човек може да ти помогне кога ти треба нешто, може да направи некои несебични работи за тебе, но вистинското пријателство е подлабоко од тоа. Станува збор за комуникација без зборови, поврзаност која трае до смртта.

Парите и материјалните богатства, кога ќе се споредат со таквите пријателства, се безначајни, и секој што ги вреднува повеќе, веројатно не заслужува пријатели.

4. Почит и доверба – Живееме во капиталистичко општество, каде што сè е на продажба. Поминато е времето на аристократијата кога врвни вредност биле сметани честа и почитта. Денес, дури и таквите благородни нешта како довербата се на продажба. Размислете само како политичарите ја добиваат „довербата“ да дојдат на власт – со скапи кампањи купени со парите на разни спонзори.

Во такви околности нема ништо повредно од личниот интегритетот. Во ова хаотичо време на беспарица и безглава борба по профити, луѓето што знаат да ги зачуваат основните човечки вредности треба да ни значат многу повеќе од парите. Затоа секогаш треба да сме свесни дека почитта што некој ни ја изразува, и довербата што ни ја дава – не можеме да ги купиме со пари. Тие се стекнуваат со интегритет.

5. Талент – Можеш да ги имаш сите пари на светот, ама тоа нема да ти купи ни грам талент. Талентот е нешто со што се раѓаш и што го развиваш целиот твој живот. Секако дека ако си богат можеш да си обезбедиш едукација во најдобрите школи и да ги имаш најдобрите учители, тоа нема да го зголеми твојот потенцијал, затоа што вредноста на знаењата и вештините што ги учиш зависат од тоа како ти ги примаш. Двајца ученици може да имаат исти учители и исти животни искуства, а сепак едниот да стане гениј запомнет во историјата, а за другиот никој да не ни чул. На пример, дали сте слушнале за Ерасмус Дарвин? Не, затоа што го немал талентот на неговиот помлад брат Чарлс. Сепак, целото семејство очекувало и инвестирало многу повеќе во Ерасмус отколку во Чарлс. Иако двајцата живееле и се развивале во иста средина, помладиот и поталентиран брат постигнал многу повеќе.

6. Младост – Многу работи во животот можеш да ги вратиш, сакајќи или несакајќи би можеле да ти се случат повторно. Сите освен една – младоста. Луѓето со векови се обидувале да ја најдат фонтанта на младоста, со чија вода ќе може да се вратат годините. За жал, овој сон е невозможен. Постојат некои научни истражувања во кои процесот на стареење кај црвите е запрен или успорен, но тоа е по цена на мрзливост и импотентност на организмот. Дури и млади, таквите црви се однесуваат како постари од најстарите познати црви. Таа младост во суштина и не е младост.

Богатите се обидуваат и со разни козметички интервенции да изгледаат помлади, но освен делумни површински промени, тоа е безуспешно. Со овие козметички промени не се добиваат млади луѓе, туку само разубавени старци.

7. Правда – Постојат многу контроверзи, посебно во капитализмот, каде што сè е на продажба, дека со доволно пари можеш да си купиш и правда. Но, купувањето на некоја судска пресуда сепак не е правда. Кога би било така, многу од најмоќните цареви не би биле запомнети како касапи кои го масакрирале сопственото население. Јас не сум религиозен, но точен е фактот дека над секој судија постои и друг судија и дека на крајот – на сите ќе ни суди историјата. Дури ни најсовршениот систем на PR (односи со јавноста) не може да го смени јавното мислење до тој степен, што по извесно време фактите да не можат да зборуваат за вистината. Трошењето пари за купување на правдата е со привремен ефект. Правдата вреди повеќе од парите и треба да се почитува повеќе од парите.

Доколку ти се допадна овој пост можеби ќе сакаш да го прочиташ и мојот пост за тоа на кои работи вреди да се потрошат парите. Сподели го постов на Фејсбук и Твитер или прати им го на твоите пријатели во приватна порака. Потсети ги дека во животот има многу поважни работи од парите.

Следи ги содржините на блогов преку имејл – претплати се за да ги добиваш директно во твоето сандаче.

Speak Your Mind

*

*