За блогот

Зошто, по ѓаволите, почнав да пишувам блог за лични финансии? Повеќе од 10 години работев како новинар, неколку години во агенција за односи со јавност и уште неколку како волонтер-инструктор по танго. На ниедно од овие места не се занимавав директно со финансии. Ако во тоа време ме прашаше што е најздодевната работа што можам да ја замислам веројатно ќе беше поврзана со сметководителство или финансии. На второ место веројатно ќе беше сè што е поврзано со опера.

Денес уживам да слушам опера. Иако сè уште разбирам многу малку, со самиот акт на слушање, почнав да се интересирам и научив многу работи како за оперската уметност, така и за индивидуалните дела и автори.

Така е и со личните финансии: учиш затоа што во тоа гледаш смисла. Многумина од нас не гледаат смисла во финансиското образование, а во училиште веројатно тоа и воопшто не се учи. Во моето основно образование имаше еден предмет наречен Домаќинство, во кое по некоја логика би требало да се учи водењето сметка за домашните финансии, ама јас не се сеќавам дека нешто се учеше за ова.

И, вака финансиски бос, јас бев пуштен да се соочувам со светот, а знам и многу други кои потполно финансиски необразовани го почнаа нивното соочување со драматично променливата реалност на транзицијата.

Финансиското образование значи одговорно однесување за финансиската состојба во која се наоѓаш. За многумина одговорното однесување завршува со вработувањето, плаќањето сметки и полниот фрижидер. Секако дека тоа е голем дел од одговорностите, но одговорноста значи и планирање на иднината, но и многу повеќе од сето тоа.

Поради сето ова пред неколку години решив да ги пополнам овие празнини во мојата едукација. Овој блог е резултат на тоа мое патешествие. Верувам дека многумина, претежно млади луѓе, ќе најдат овде материјали што ќе им помогнат да не ги направат оние грешки кои јас ги правев поради необразованоста во врска со парите.