Совет за заглавените во долгови

Совет за заглавените во долговиАко го читаш ова многу е веројатно и ти да должиш пари, па пред да заспиеш си се прашуваш како се чувствуваат луѓето што немаат финансиски проблеми, оние среќните што никому не должат. Дури и да немаш таков проблем, добро е да го знаеш ова затоа што да бидеш должник е многу повеќе психичка отколку финансиска состојба. Додека заглавуваш често и не си свесен што се случува.

Советот што овде ќе го објаснам не е некое откровение, ама, за жал, на многу луѓе нема кој да им го даде. Тој најмногу се однесува на начинот на кој луѓето размислуваат за состојбата во која се наоѓаат. Тие забораваат дека секое решение почнува како идеја.

Кога луѓето должат пари многу често се парализирани, малку од страв, малку од недостаток на самодоверба, малку од фрустрација. Наместо да сторат нешто, тие најчесто не преземаат ништо. Поради стравот или срамот да се соочат со оние на кои им должат, тие ги избегнуваат средбите со поверителите. Со тоа, нивната емотивна состојба станува уште полоша. Тие губат самодоверба, почнуваат да се самообвинуваат, се чувствуваат безвредни и бескорисни, а многу често ги јаде и чувството на вина кон себеси и кон другите.

Во овој пост ќе формулирам еден совет кој, ако правилно го примениш, може да ти ја смени ситуацијат од корен, да ти ја врати самодовербата – и што е најважно – надежта дека е можно да излезеш од ќорсокакот на долговите.

Дрвјата се можеби најголемите живи суштества на планетава, меѓутоа, кога почнало да расте секое дрво било семка која можеш да ја ставиш в џеб. Така е и со решенијата на проблемите. Големите придвижувања почнуваат како мали промени. Како и семката од која израснува џиновско дрво, никој не може на почетокот да претпостави дека малите промени може да ти ја преобразат финансиската состојба. Никогаш не смееме да мислиме дека нешто што правиме за решавање на некој проблем е премалку: сè додека е во вистинската насока.

Истава оваа идеја ја сретнав и кај Тони Робинс, кој објаснува како се преобразува целиот живот на една личност, со минимални промени кои можеш да ги направиш сега. Тој прави аналогија со играњето голф: ако траекторијата на топчето на местото каде што го удираш е еден милиметар в лево или в десно, тоа е десетици метри разлика на местото каде што топчето ќе заврши.

Тој еден милиметар промени што се неопходни, мора да ги направиш денес. Денес е времето за сеидба, за утре да ги жнееш плодовите на она што го правиш.

Најлошо нешто што можеш да сториш кога си во финансиски неприлики е да не направиш ништо. Филозофијата дека проблемите се решаваат сами од себе е чиста илузија. Ако ништо не преземеш тие ќе се променат, тоа е сигурно, но ќе се променат на тој начин што е неповолен за тебе.

Го стекнуваш правото на мирна совест и чиста сметка само ако се охрабриш да се соочиш со проблемите. Сретни се со луѓето на кои им должиш, поразговарај во каква ситуација си. Побарај дополнителна работа. Разговарај со луѓе кои имале слични проблеми. Побарај помош од луѓе што се стручни за твоите проблеми.

Немој да се плашиш од спориот напредок, плаши се од стоењето во место – кинеска поговорка

Затоа најдобриот совет што може да го добиеш кога си заглавен во долгови е дека мора да преземеш нешто, дека не смееш да оставиш работите самите да се решаваат.

Ако си имал/а слични искуства или ако познаваш некој што бил во ваква ситуација тоа можеш да го споделиш во коментарите под постов. Кој е, според тебе, најдобриот совет што може да му се даде на некој заглавен во долгови? Сите коментари се добредојдени.

Comments

  1. Од совети за излегување од долгови…
    1) да станеш свесен дека имаш проблем
    2) да имаш желба да ја промениш ситуацијата
    3) да направиш
    – преглед на трошењата и примањата во месецот и вкупно во моментот,
    – список на долгови, приоритет на враќање на долговите,
    – список на должници (доколку некој тебе ти должи) и начин да си ги вратиш
    – спецификација на трошењето, утрвдување на приоритети, и отфрлање на непотребни навики – штедење!
    – утврдување на сопствените силни страни и моментални можности
    – и работа, работа, работа 🙂

    п.с. Предлог идеја за следен пост: “Совет за заглавените од должници”

  2. Ти благодарам Весе, се согласувам со твоите предлози. Во суштина решенијата се едноставни. Единствен проблем е што мислиме најчесто кога веќе е доцна 🙂

    PS. Повели – на овој линк ќе го најдеш постот „Кога пријател ти должи пари“

Speak Your Mind

*

*