Институција ти должи пари





institucija mi dolzi pariКомпанија или институција ти должи пари? Колку и да изгледа невозможно да преземеш нешто освен да одиш и да им се издереш на шалтер, паметните луѓе може да постигнат многу доколку постапуваат со план.

Ќе се обидам во овој пост да ти дадам неколку идеи кои може да ти помогнат при твојата потрага по правда.

Враќањето пари кои ти ги должи институција или компанија не е толку емотивно комплициран процес како што се случаите кога должник ти е пријател. Компликациите во овој случај се однесуваат најмногу на техничките детали и разбирањето на процедурите.

Кога бараш пари од институција или компанија треба да бидеш подготвен на маратон, посебно кога си имаш работа со високобирократизирана организација.

Подготви се добро, познавај ги неформалните и формалните процедури, биди позитивен, размисли за компензација, побарај поддршка. Мислам дека овие и уште неколку други идеи би можеле да ти помогнат доколку компанија или институција ти должат пари.

1. Подготви се добро – Не можеш да прогласуваш право дека некоја компанија или институција ти должи пари без да можеш тоа недвосмислено да го докажеш. Колку докази ќе ти требаат зависи од тоа за колку пари се работи и колку е комплициран случајот. Собери ги сите потврди што ги имаш, изводи од банки, сметки и слично, и стави ги во една папка. Осигурај се со тоа што секаде ќе носиш и една папка со копии.

За покомплицирани случаи или ако се работи за повеќе пари можеби не е лошо за ова да се консултираш и со адвокат. Во некои случаи можеби ќе биде паметно како дел од доказите да ти бидат и писмени изјави (доколку можеш да ги обезбедиш) заверени на нотар.

Понекогаш самата сериозност во подготовката може да биде дополнителен аргумент што ќе ја убеди фирмата или институцијата да ти ги врати парите што ти ги должи.

2. Формални процедури – Дел од твојата домашна работа е и колку што е можно да ги проучиш формалните процедури. Речиси сите фирми и институции денес имаат сајтови на кои многу често се објаснети формалните процедури. Дополнителни информации може да добиеш ако се јавиш или напишеш и-мејл до секторите за односи со клиенти и за поддршка, а често корисни може да се и информациите што може да ги добиеш и од други клиенти кои имале слични проблеми.

Генерално компаниите и институциите не можат да постапуваат пред да добијат и формално барање за враќање долг од твоја страна. Меѓутоа, убаво е пред да го поднесеш формалното барање да се консултираш со некој од компанијата или институцијата дали е тоа паметно, затоа што понекогаш интерните регулативи може да го одложат процесот доколку тој започне по формален пат. Понекогаш неформалните процедури може да бидат поповолни за тебе. Секако, ова важи само во случај кога од страна на вработените има волја и разбирање.

3.Неформални процедури – Како што споменав неформалните процедури во многу случаи може да се поповолни за тебе. Обиди се да дознаеш колку што може повеќе за вработените, посебно оние кои се на одлучувачки позиции. Побарај да те примат за лично да го искажеш своето барање и да се консултираш пред да ја почнеш формалната процедура. Понекогаш со менаџментот може да направиш неформален договор, пред да почне формалната процедура.

Обиди се да научиш колку што можеш за тоа кој навистина одлучува, а кој има само привидна моќ. Разговарај со секретарките, со службениците од пониските рангови – тие може да ти дадат многу корисни информации за начинот на функционирање, па дури ако се пријателски расположени, дури и да те препорачаат кај некој од менаџерите.

4. Биди позитивен – Секако дека кога компанија или институција ти должи пари е многу фрустрирачко искуство, но ако се обидеш да го искажеш својот бес директно во очи, нема да постигнеш многу. Постапувај паметно. Доколку ги третираш тамошните вработени како луѓе, многу од нив може да ти станат сојузници. Многумина од службениците не се задоволни со платата и односот на раководството, а некои дури и ја мразат компанијата или институцијата во која работат. Не можеш да знаеш кој од нив може да одлучи да застане на твоја страна и тајно да те поддржува, некогаш со информации, а некогаш и со директна интервенција.

Биди позитивен и ако некој од раководителите те примат да разговараат со тебе. Немој веднаш да настапиш со нервоза и напаѓање, туку пробај смирено да го искажеш својот проблем, да ги покажеш аргументите кои си ги подготвил (точка 1) и да прашаш како заедно да дојдете до решение. Како што велат старите: договор куќа гради, а добриот збор – железни порти отвора.

5. Компензација – Компаниите и институциите секогаш се малку тешки на враќање пари. Често тоа е затоа што и самите се ограничени со законски и интерни ограничувања. Биди подготвен да понудиш доколку не може долгот да го покријат со пари, да добиеш компензација или услуга. Размисли што компанијата произведува и што од тоа може да ти користи. Некој од производите би можел и да го препродадеш и на тој начин да си ги добиеш парите.

6. Поддршка – Во модерните демократски капиталистички општества многу често постојат разни потрошувачки организации, сојузи на разни интересни групи (пензионери, студенти, пациенти и слично), синдикати, организации за заштита на човекови права, а кај нас има и омбудсман (Народен правобранител). Обрати се до нив, тие може да ти помогнат и да те поврзат со други кои имаат сличен проблем, па заедно да си ги барате правдата и парите.

Доколку станува збор за поголем случај помош и информации може да добиеш дури и од политички партии. Биди свесен дека често политичките партии ќе сакаат твојот случај да го искористат за напад на опонентите, но тоа сепак  може да ти користи.

Овие организации може да ти помогнат и со обезбедување правна помош, а понекогаш и да ти платат адвокат. Исто така, тие ќе ти бидат од значителна помош доколку се одлучиш да поведеш јавна кампања.

7. Јавна кампања – Нема ништо полошо за компаниите и за институциите од лош PR. Затоа, доколку ништо друго не функционира секогаш ти останува во рака можноста да почнеш јавно да ги кажуваш проблемите кои ти ги предизвикале. Тоа може да им ја уништи репутацијата до непредвиливи размери.

Биди свесен, дека оваа можност е секогаш посилна како закана, пред да ја употребиш, отколку кога ќе почнеш да ја реализираш. Пред да почнеш со јавна кампања, биди сигурен дека си ги поминал сите формални процедури и дека имаш документи за сите нив: писма, барања, записници, и-мејли, смс пораки. Немој да им оставиш можност да ти одговорат дека не знаеле за проблемот или дека не си искористил некоја можност што ти ја нудат процедурите и дека затоа твојот долг не е вратен.

Пред да почнеш со кампањата, побарај уште еднаш да се видиш со луѓето кои одлучуваат и да ги предупредиш што планираш. Тоа може биде одлучувачкиот притисок.

Во кампања се влегува подготвен. Лоцирај ги клучните точки на напад и клучните медиуми преку кои ќе го правиш тоа. Исто така, најди сојузнизи: тоа може да бидат невладини организации, еснафски здруженија, новинари, уредници на медиуми, јавни личности, други институции и компании и, секако, оние на кои како тебе компанијата или институцијата им должи пари. Користи ги сите можни медиуми, печатени и електронски, а најголем сојузник може да ти е интернет – социјалните медиуми, блоговите, форумите. Доколку станува збор за позначаен случај, може да размислиш и да свикаш прес конференција – за помош обрати се до невладините организации.

Ах, да, очекувај и контранапад. Многу компании имаат „свои“ луѓе по медиумите и во јавноста. Исто така, биди свесен дека колку и да се силни, ти си во предност, затоа што репутацијата многу потешко се брани отколку што се напаѓа.

8. Суд – Ако се одлучиш на јавна кампања многу е веројатно да немаш избор. Случајот ќе мора на суд. Покрај адвокат, биди свесен дека многу е важно да обезбедиш и медиумска покриеност на настанот: информирај ги новинарите за тоа што се случува, преку и-мејл и телефон и одржувај добри односи со нив. Секогаш давај им информација кога е следното рочиште за, ако можат да бидат присутни. Доколку се сомневаш во правичноста на судот, од невладините што се занимаваат со правично судење, побарај да обезбедат претставник на секое рочиште. Едноставно пребарување на интернет може да ти даде информација за тоа кои органзиации би можеле да ти помогнат.

Те молам овие препораки да ги сфатиш само како идеи. Тие не можат сами по себе да важат како корисни секогаш, бидејќи понекогаш станува збор за многу сложени случаи кои бараат сложени решенија.

Можеби ќе ти биде интересен и постот каде што пишувам за случаите кога пријател ти должи пари.

Дали овие идеи ти помогнаа? Доколку си имал слични искуства или имаш и други идеи, те молам да ги споделиш во коментари за да може да им користат на оние што се соочуваат со слични проблеми.

Сподели го постов на Фесјбук, Твитер или преку месинџер. Претплати се за бесплатно да ги добиваш сите постови директно на твојот и-мејл.

Speak Your Mind

*

*