Осум финти за помали трошоци кога си на пат

Осум финти за помали трошоци кога си на патБарцелона, Лондон, Берлин, Венеција… Ако и покрај ниските примања некако си успеал да заштедиш за патување во некоја европска метропола или туристичко место, можеш и дополнително да ги намалиш сите трошоци на својот престој со тоа што ќе трошиш паметно.

Ако си студент, невработен или некој кој навистина има тенок буџет, а не сака да си ускрати од патувања, овој пост ќе ти помогне секое туристичко доживување да биде дури двојно поевтино.

Бидејќи навистина многу патувам, луѓето често помислуваат дека имам многу големи примања и дека трошам премногу. Она што луѓето не го знаат е дека доколку паметно си го испланираш патувањето можеш да престојуваш било каде, а трошоците да не бидат многу поголеми од престојот дома.

Во овој пост ќе ти дадам осум начини како да си ги преполовиш трошоците на твојот престој во било кое место каде патуваш. Можеш да доживееш многу повеќе доколку вложиш малку време и енергија на планирање и претпазливо трошење – без да паднеш во замката на локалните трговци кои се богатат од непромислените трошења на туристите.

1. Подготви се – Најмногу се троши кога не знаеш што сакаш да видиш и каде да одиш во градот што го посетуваш. Затоа пред да тргнеш на пат направи едно истражување на интернет – кои места мора да се видат, како да стигнеш до нив, каде да јадеш и слично. Потоа направи план на патувањето со сите детали, како и каде да ги најдеш местата, телефонски броеви и адреси, а исто така е препорачливо да си даунлодираш и мапи. Јас лично ја користам Google Maps апликацијата каде што можеш да си ги симнеш локалните мапи и да ги користиш и офлајн. Провери ги и опциите и цените за превоз, а доколку имаш пријатели кои живеат таму, најдобра опција е да стапиш во контакт со нив.

2. Готви дома – Како и секаде, храната купена во супермаркет и зготвена дома е секогаш повтина отколку ресторан. Често е и поквалитетна. Кога ќе влезеш во супермаркет секогаш знај која храна е специфична за поднебјето каде што се наоѓаш – на тој начин ќе знаеш што да купиш затоа што тие производи обично имаат најниска цена и се најквалитетни. Ако си покрај море, обично риба и морски производи; ако си на планинско место, обично млеко и млечни производи и слично. Притоа немој да се чувствуваш непријатно да прашаш што да купиш, бидејќи не можеш да ги знаеш локалните брендови.

3. Бирај ги локалните ресторани – Дел од доживувањето на секое патување е да се проба локалната кујна. Затоа, во зависно од буџетот, гледам неколку оброци да имам во ресторан. Избирањето на ресторан е многу важно затоа што поголемите градови имаат многу ресторани наменети за туристи, каде што цените може да се и двојно поголеми. Затоа најдобро да ги побараш локалните ресторанчиња кои обично се на страна од прометните места, онаму каде што туристите не можат да ги најдат, а за нив знаат само локалните жители. Затоа е важно да познаваш некој локалец, што би можел да те упати. Локалните ресторани не се добри само за буџетот, таму и храната се подготвува на поавтентичен локален начин.

4. Користи јавен превоз – Доколку патуваш во група понекогаш такси превозот е поевтин – но најчесто јавниот превоз е најдобра опција. Избегнувај ги нападно рекламираните експресни превози кои се обично неколкупати поскапи од локалниот превоз. Секако дека понекогаш тие експрес директни линии се неизбежни, посебно ако треба да фатиш некој лет, но доколку си го испланираш времето паметно, може да скратиш двоцифрени суми во евра.

Овде сакам да ти напоменам дека често за подалечни дестинации – на пример до аеродром – во некои случаи е поевтино да купуваш карти онлине и неколку недели пред патот.

5. Избегни ги ловците на туристи – Разните тури со водичи и слично остави ги на богатите пензионери од западноевропските земји. Според макдонскиот просечен туристички буџет најдобро турите да си ги организираш сам и притоа да го користиш локалниот превоз или да пешачиш. Не велам овде дека треба да бидеш скржав и на работи кои навистина се корисни, но трошокот за вакви тури обично е превисок за она што го добиваш за возврат. Денес на интернет може да ги најдеш сите потребни информации за локалитетите што ги посетуваш, така што да плаќаш за водич е луксуз (искрено, јас многу повеќе им верувам на моите истражувања на интернет отколку на приказните на локалните туристички водичи).

6. Направи го ручекот главен оброк – Обично во туристичките места вечерата во рестораните има повисоки цени отколку ручекот. Секако, ова не е случај со сите држави и сите градови, но генерално е добра идеја да се проверат разликите во цените. Јас лично не сум ги осетил многу овие разлики, но многу извори го посочуваат ова како нешто на што би требало да се обрне внимание кога патуваш со тенок буџет – па затоа еве, го приложувам и тоа на оваа моја листа.

7. Избегни ги ситните трошоци – Ако си студент или невработен, и ако патуваш со навистина тенок буџет, паметно е однапред да испланираш колку можеш да потрошиш во текот на еден ден. Ако се тоа 10 евра (што во просек е некој минимум со кој може да поминеш во просечна европска земја) тогаш нема да се опушташ со кафиња или сокчиња во кафич – наместо тоа ќе си понесеш шишенце со вода од дома и кога ќе се измориш ќе седнеш на клупа во парк или покрај пристаниште. Ужинката може да ја смениш за сендвич од дома, јаболко или банана што ќе си ги носиш во ранецот. Дури и влегувањето во супермаркет може да донесе трошоци поголеми од планираните, затоа биди многу воздржан за секоја ситница што ја купуваш. Внимавај на дневниот лимит што си го зацртал.

8. Фаст фуд туризам – Ако првите денови кога буџетот е прилично комотен сум се опуштил, па сум си дозволил повеќе оброци во ресторан, на крајот неколкупати ми се случило да мора да штедам на храна. Тоа сè уште не значи дека треба да гладуваш, туку дека ќе треба да побараш нешто поевтино. Најпрепорачливо во такви случаи е да се храниш во фаст фуд ресторани. Не знам зошто многумина кај нас (додека го имавме) мислеа дека Мекдоналдс е скап ресторан – можеби затоа што беше поскап од другите сендвичари, но во големите европски метрополи, ваквиот тип ресторани за брза храна е евтина варијанта. Покрај Мекдоналдс, Сабвеј и слично, прилично пристојна храна за ниски цени може да се добие и во рестораните за кебаб и донер.

Доколку те интересираше овој пост, можеби ќе сакаш да ја ѕирнеш и мојата е-книга „Пат околу светот за еден денар“, каде што ќе најдеш и други финти за евтини патувања.

Помогни им на твоите пријатели со тоа што ќе го споделиш овој пост на Фејсбук, Твитер или преку е-маил или месинџер. Посебно ќе им користи на оние кои се подготвуваат наскоро да отпатуваат некаде. Доколку имаш некое свое искуство и ако си научил некоја финта за штедење при престој во некоја европска метропола, јас и моите читатели ќе ти бидеме благодарни доколку ги споделиш со нас во коментари, или на емаил (па јас ќе ги споделам во некој иден пост).

Шест начини да си ги поправиш финансиите по празниците

posle prazniciПразниците ќе поминат и ќе треба повторно да се соочиш со реалноста и со – истенчениот новчаник. Во овој пост ќе се обидам да ти дадам шест идеи како да си го премостиш кризниот период после празничното потрошувачко лудило.

Искрено, јас не сум некој примерен член на ова потрошувачко општество во кое живееме. Сакам да кажам дека многу ретко се случува да ме понесе претпразничното расположение за да потрошам повеќе отколку што можам или отколку што сум планирал. Јас сум од оние потрошувачи што не им се баш најомилени на сопствениците на продавниците. Ова сепак не значи дека не трошам и дека не ми се случува да излезам од планираните трошоци – но за мене тоа нема врска со празниците.

Многумина, сепак, после празниците се жалат дека премногу потрошиле и се прашуваат како ќе издржат до следната плата. Не велам дека е ова сè што можеш да сториш, но многу од работите што ги споменав во постов можеби ќе те инспирираат да го најдеш својот начин да си ја подобриш состојбата.

Размислувањата се во три главни насоки: прво, во текот на месецов да потрошиш што помалку; второ, колку што можеш од трошоците да ги префрлиш за следниот месец; и трето, да заработиш дополнително.

1. Посвети се на планирање и рефлексија – Независно од финансиите, празниците се често период кога излегуваме од секојдневната рутина и кога размислуваме за „големи“ работи: за животот, за луѓето, за светот… Искористи го тоа расположение да си посветиш време за размислување за сопствените цели и за насоките во кои се движиш. Тоа размислување најдобро се прави дома – а кога не излегуваш обично и најмногу заштедуваш. Одреди го послепразничниот период за свој период за рефлексија, за анализа и планирање – наместо излегување помини неколку вечери сам/а дома, прочитај добра книга или изгледај Јутјуб видео што ќе те инспирира. Не само што е добро за твојот дух, тоа е благопријатно и за твојот новчаник.

2. Искористи ја храната што останала – За празниците луѓето обично купуваат повеќе храна отколку што им е потребно – она што е одвишно не мора да заврши во канта за ѓубре. Пребарај го интернет – со голем дел од месото, салатите, ордеверите, јајцата, можеш да направиш одлични јадења. Води сметка храната да не е расипана и да ја чуваш во фрижидер. Мои омилени таканаречени рециклирани рецепти се разни салати со свеж зеленчук (овде одлично ќе ти дојдат јајцата, месото и разните ордевери, а како дресинг и разни руски салати или паштети). Многу од храната може да ја употребиш и како основа за зачинети сосови за паста. Експериментирај.
Она што е одвишно и не можеш да го искористиш сега, а е сè уште добро за јадење, може да се стави во замрзнувач и да го искористиш кога ќе се изеде другото.

3. Фати ги попустите – За време на празниците трговците гледаат нивните дуќани да се добро снабдени и набавуваат поголеми количини стоки. Често многу од тоа останува непродадено, па (особено по Нова година) многу продавници имаат попусти. Дури и кога нема попуст генерално на сите стоки, во многу продавници и супермаркети ќе може да најдеш попуст барем на дел од производите. Искористи го тоа и набави си го поевтино сето она што ти треба, за да му помогнеш на истенчениот постпразничен буџет.

4. Одложи ги сметките – Прегледај кои од сметките за овој месец не мора да ги платиш веднаш. Тоа значи дека наредниот месец ќе имаш двојно поголеми трошоци за сметки, но на тој начин ќе добиеш еден месец за да ги покриеш трошоците што си ги направил/а во претпразничното потршувачко лудило. Секако дека е мудро да се биде педантен во исплаќањето на обврските, но сепак, некои финансиски советници велат дека паметните луѓе не брзаат да платат за она што не мораат да платат веднаш – посебно ако тоа одложување на исплаќањето нема никакви последици (камати и слично).

5. Употреби ја заштедата – Иако не е баш најпаметно да чепкаш во заштедата, тоа може да биде неизбежниот начин да се извлечеш од немањето пари по празничните трошоци. Притоа секогаш води сметка да знаеш колку од заштедата си потрошил/а и направи сè што можеш наредниот месец тоа да го надоместиш.

6. Заработи дополнително – Можеби екстра тезга ќе ти помогне да покриеш некои од трошоците што си ги направил/а за време на празниците. Разгледај ги можностите за дополнителна работа, па ако е потребно понуди и некој попуст за својата работа, посебно ако си во итна потреба од пари. Искрено, ова е можеби најпаметниот начин да се закрепнат финансиите, но сите знаеме дека, зависно од струката, после празниците често и нема баш многу работа.

Идејата на Еден денар е со мали совети и идеи да им помогне на што повеќе луѓе. Помогни ми во таа намера со тоа што овој пост ќе го споделиш со своите пријатели преку и-мејл, месинџер или преку Фејсбук, Твитер и другите социјални мрежи. Претплати се на мојата мејлинг листа за да ги добиваш и другите корисни содржини преку е-мејл.

Како со слободен софтвер да заштедиш повеќе од 100 евра

Како да ги намалиш трошоците за компјутер користејќи слободен софтверАко сакаш да избегнеш да плаќаш за легален оперативен систем најдобрата опција е да користиш слободен софтвер. Помина времето кога во Македонија на големо се користеше пиратски софтвер – денес кога купуваш нов компјутер мора да доплатиш и за оперативен систем.

Според она што го видов на сајтовите на компаниите што продаваат компјутери во Македонија, Windows чини некаде од 100 евра нагоре. Наместо да трошиш за операвен систем, јас ти препорачувам овие 100 евра да ги вложиш во посилен процесор, повеќе меморија, посилна графичка картичка и слично. Овој пост е посветен на користењето слободен софтвер како бесплатна алтернатива на комерцијалните оперативни системи.

Кога купуваш компјутер невозможно е да го користиш без оперативен систем. Дури и да си компјутерски гик, црниот екран нема да ти заврши ниедна од работите за кои си го купил. Многумина купуваат компјутер дури и без да размислат дека може да заштедат стотина евра ако избегнат да го купат Windows оперативниот систем, кој во Македонија доаѓа како некаков стандард. Луѓето обично не можат да замислат компјутер со некој друг оперативен систем. Секако, има и Apple корисници. Но, за среќа постои и една група ентузијасти кои работат на промоција на Линукс.

Додека работев во маркетинг агенција единственото нешто што ме спречуваше потполно да се префрлам на Линукс беше фактот што лаптопот го користев за службени работи, па не сакајќи да ги комплицирам работите околу компатибилноста моето користење на Линукс остануваше само на домашниот десктоп компјутер. Како и да е, со малку дополнителен труд и искуство мислам дека е возможно да се работи со Линукс без никаков проблем дури и во средина каде што сите други корисници имаат Windows или Apple. Линукс системите во ништо не заостануваат зад другите комерцијални брендови, дури за некои работи се и подобри и постабилни.

Јас Линукс не користев само поради тоа што е бесплатен, туку и поради идеолошки причини – целата идеја зад проектот слободен софтвер се состои во колку што може послободното споделување на интелектуалните добра како основа на напредокот на цело општество.

Пред да ги објаснам предностите на користењето Линукс, само сакам да те информирам дека јас не сум стручњак, туку само корисник кој се информирал за своите потреби. Сепак, те уверувам, доколку се консултираш со професионалец, тој сигурно ќе ти ги потврди работите што овде ти ги кажувам.

Еве во неколку точки за тоа кои се предностите од користењето на слободен софтвер (Линукс) како алтернатива на комерцијалните Windows и Mac OS.

1. Бесплатен оперативен систем – Прво, едно кусо и многу поедноставено инфо за оние кои не се толку упатени, оперативен систем е компјутерска програма која посредува помеѓу електронската направа и корисникот. Во неа ги инсталираш сите програми и апликации кои ги користиш. Најпознати оперативни системи се Windows, Mac OS и Unix (Линукс), а ако имаш смартфон многу е веројатно тој да работи на оперативниот систем Android, кој исто така се заснован на Линукс. Оперативниот систем го дефинира изгледот и користењето на направите или компјутерот.
Еден од најбогатите луѓе во светот во моментов е Бил Гејтс, човекот кој го создаде Windows. Неговото богатство доаѓа од продажбата на неговиот оперативен систем инсталиран на милиони компјутери низ целиот свет. И неговиот најголем конкурент Apple создаден од Стив Џобс и Стив Возниак, заработи огромни суми со продажба на нивните компјутери со Mac оперативниот систем. Од трите најдобри оперативни системи кои постојат во моментов, единствено Линукс можеш да го користиш бесплатно.

За многумина користењето на компјутер е поврзано со навиката да користат компјутер со Windows, затоа што во овој оперативен систем тие полесно се снаоѓаат. Така е зашто тоа е првиот систем со кој се сретнале и каде што ги створиле своите навики. Најчеста причина зошто не би го смениле оперативниот систем е поради стравот дека во нова средина нема да се снајдат. Тоа е многу погрешно. Доколку си дадеш време за да се навикнеш на новата средина, Линуксот може да биде дури и полесен за користење од Windows. Многу од дистрибуциите намерно имаат дизајн сличен со Windows за да им помогнат на корисниците полесно да се адаптираат. Сето ова го кажувам од лично искуство.

Но, како да инсталираш Линукс? Еве еден кусо упатство во неколку чекори:

a) Одбери дистрибуција – Бидејќи е слободен, различни групи создале различни верзии на Линукс (дистрибуции) секоја со свои специфики и која е погодна за различни потреби. Според мене најдобра е Linux Mint, затоа што е најцелосна и бара најмалку учење за просечен корисник. Исто така е и една од најубавите кои постојат. Покрај веќе споменатиот Linux Mint, многу популарни се и Ubuntu и Debian. За да си одбереш дистрибуција јас ти препорачувам да го посетиш сајтот Distro Watch каде што од десно има рангирање на најкористените дистрибуции. Тоа ќе ти помогне да си одбереш релевантна дистрибуција.

б) Даунлодирај го оперативниот систем – Постојат и можности да го снимиш оперативниот систем и на USB мемориски стик, но според мене најдобро ако инсталацијата ја направиш од DVD. Пред да го инсталираш оперативниот систем можеш да направиш една проба, доколку ја употребиш опцијата наречена Live CD. Пробата значи дека ќе можеш да го користиш компјутерот во новиот оперативен систем дури и без да го инсталираш.

в) Следи ги инструкциите – Во овој пост немам многу простор да ти дадам повеќе детали за чекорите и спецификите при инсталирање на одделни дистрибуции (за тоа веројатно ќе треба наскоро да напишам нов пост). Затоа најдобро пред да инсталираш прочитај ги внимателно упатствата на сајтот. Доколку ти е потребна помош, може да се обратиш до заедницата на поддржувачи кои радо ќе ти помогнат. Можеш да ги најдеш во форумите на сајтот од каде што си го даунлодирал оперативниот систем.

2. Сите нови верзии се бесплатни – Плаќањето за оперативен систем не е еднократно. Windows на определени интервали објавува нови верзии на нивните оперативни системи. Тоа значи дека одвреме навреме мора да трошиш дополнителни пари за да инсталираш нова верзија на оперативниот систем. Секако дека и стариот, посебно ако е стабилен и успешен, може да ти служи долго без да мора да инсталираш нова верзија. Доколку останеш на стариот оперативен систем многу од новите верии на програмите кои ги инсталираш нема да бидат компатибилни со твојот компјутер и нема да може да ги користиш.

И Линукс дистрибуциите на повремени интервали објавуваат нови верзии на нивниот софтвер, но разликата е што за нив не мора да плаќаш ништо. Нивниот оперативен систем е потполно бесплатен. Ова, секако не важи, доколку организацијата што го изработува оперативниот систем реши да почне да бара пари за него. Можеби се лажам, но колку што ми е мене познато тоа досега не се случило.

3. Сите програми се бесплатни – Сите програми што ги користиш во Линукс се бесплатни. Во подобрите дистрибуции како што е Linux Mint, кога го инсталираш оперативниот систем по автоматизам ги инсталираш и основните програми. Секоја од најпотребните програми на кои си работел во Windows има своја алтернатива и во Linux. Програмерите се погрижиле дури и дизајнот да биде сличен за луѓето да може полесно да се снајдат.

Доколку сакаш да ги користиш оригиналните програми, ни тоа не е тешко. Некои од програмите за Windows имаат и Линукс верзија, но дури и кога немаат постои опција да користиш специјална програма која се нарекува Wine и која ти овозможува да користиш Windows програми во Линукс. Од лично искуство, ова не успева секогаш, па затоа ти препорачувам да ги користиш оригиналните Линукс програми кои понекогаш се и подобри.

Единствениот хендикеп, како што веќе споменав, ќе го имаш доколку компјутерот го користиш за игри – манијацита за видео игри на својот компјутер ќе мора да се држат до Windows.

Кога јас почнав да го користам Linux Mint, бев исплашен дека нема да може да обработувам фотографии, што порано го правев во Photoshop. Линукс алтернативата GIMP ми се чинеше многу комплицирана и со недоволно опции. Но, со време почнав да ја користам повеќе и денес може да кажам дека сè што гледаш на блогов е дизајнирано на мојот компјутер во програмата GIMP, која во Линукс ја добиваш потполно бесплатно.

4. Нема вируси – Кога користиш Линукс невозможно е твојот систем да се зарази со вируси како што е тоа случај со Windows. Секако дека кога си онлајн секогаш постои опасност некој да го пробие твојот ситем, но според она што јас го знам, Линукс е многу побезбеден оперативен систем од оние што обично ги користиме.

Поради сето тоа, искустото со Линукс е многу побезгрижно. Исто така и многу поевтино, затоа што некои трошат пари и на купување антивирус програми.

5. Драјвери и постари компјутери – За крај уште две предности на Линукс: 1) Кога инсталираш Линукс, нема потреба оперативниот систем ги препознава сите твои уреди кои се приклучени на компјутерот, како што се тоа разни печатачи и други уреди. Нема потреба да бараш и инсталираш драјвери како што беше тоа во минатото. 2) Друга предност на Линукс е што постојат дистрибуции кои се наменети за постари компјутери, оние со помали ресурси, послаба меморија и послаб процесор. Користејќи минимални ресурси овие оперативни системи се обидуваат да извлечат максимум од компјутерот што го поседуваш.

Намерата на овој пост е да им користи на што повеќе луѓе. Јас мојот дел, кој се состоеше да го напишам текстов, го завршив. Заврши го твојот и помогни ми со тоа што ќе го споделиш на својот профил на Фејсбук или Твитер, како и во приватна порака или по и-мејл или повикај ги и твоите пријатели да го споделат.

Како набрзина да дојдеш до привремени приходи

Привремени приходиСекој од нас некогаш бил во ситуација да му требаат привремени приходи. За да ги добиеш најдобар начин е да си најдеш привремена работа, но имајќи предвид дека во Македонија и не е тоа толку лесно, овде ќе образложам неколку идеи за тоа како да дојдеш до привремени приходи на алтернативен начин.

Секогаш кога ти требаат привремени приходи можеш да дојдеш до нив ако добро размислиш што можеш да дадеш во замена. Го посветувам овој пост на начините на кои можеш да дојдеш до пари кога си во итна нужда од нив.

Направив едно кусо истражување за потребите на постов. По разни форуми и блогови се изначитав секакви глупости за тоа како и што може да направиш ако ти требаат некои ситни привремени приходи.

Колку за илустрација: една од лудите идеи на кои налетав е да продадеш дел од телото или дел од телесните течности како на пример крвна плазма или сперма (ако си машко) – не знам колку е можно да заработиш од ова во Македонија, ама дури и да можеш јас не мислам дека е тоа паметен начин да дојдеш до пари. А и не знам колку е тоа легално.

Прочитав дури и еден предлог да молиш за пари и дека наводоно некои „домаќинки“ со молење, или нашки кажано питање, успевале да соберат доволно пари да си купат нова кујна за дома. Во постот каде што го прочитав ова се вели и дека постојат дури и сајтови и форуми каде што можеш да замолиш да ти дадат пари. Како и да е, ова во никој случај не ми се чини достоинствен начин да дојдеш до некој динар кога си во нужда.

Читав и споредував, и дојдов до неколку интересни идеи кои можеш да ги преземеш ако ти требаат привремени приходи. Мене ми е најважно тоа што кога би го сторил ова би си го задржал човечкото достоинство и тоа што сите се спроведливи и во Македонија.

1. Книги – Ако си библиофил како мене, веројатно дома имаш огромна библиотека. Можеби некој твој роднина, татко, мајка, дедо или баба ти оставил огромна библиотека која тебе не ти значи многу, па книгите зафаќаат место и собираат прашина или гнијат во подрум. Ова е одлична прилика да дојдеш до некој денар плус. Дури и кога самиот сакаш да собираш книги, секогаш во твојата библиотека ќе најдеш некоја книга која е по грешка кај тебе, некоја која си ја купил или добил, а никогаш не си ја отворил и не планираш да ја читаш во иднина.

Нека не бидат само украс – собери ги сите книги што не ти требаат, стави ги во една торба и оди во центарот на Скопје, покрај кеј, некаде во делот од Народна банка накај Камени мост. Како што веќе пишував во мојот пост за евтини книги, покрај кејот на Вардар во Скопје има антикварни книжарници кои откупуваат користени книги. Продај ги своите, гледај добро да се исценкаш. Со ова истовремено ослободуваш корисен простор во домот, заштедуваш време за чистење и си заработуваш некој екстра денар.

2. Продај го своето знаење – Секој од нас има некое знаење што другите го немаат, а им е потребно. Немој да се потценуваш независно од тоа за какво знаење станува збор. Размисли што е она за кое си добар и за кое имаш некакво искуство во животот. Испланирај на кој начин би можел тоа знаење да го продадеш.

Во Македонија постојат повеќе сајтови за онлајн огласи – напиши еден оглас дека даваш часови или дека можеш да бидеш тутор за извесен финансиски надомест. На пример, ако си бил добар во математика, или ако си студент, понуди да им помагаш на ученици кои имаат проблеми со учењето; ако твоја пасија е историјата и знаеш многу за спомениците во центарот на Скопје, понуди ги своите услуги на туристи и биди им водич.

Зависно од твоите занења, таленти и снаодливост, сите овие работи може да ти донесат извесна заработка – најважно е да преземеш акција и да не чекаш парите да ти дојдат сами.

3. Изнајми дел од станот – Во моментот кога го пишувам постов е веќе октомври, па веројатно повеќето студенти веќе имаат изнајмено стан. Сепак, тоа не значи дека не можеш да понудиш на изнајмување една соба од твојот стан или да побараш цимер. Не сум сигурен како тоа функционира во Македонија, но можеш да понудиш сместување и на сајтови како Airbnb.com, а можеби паметна идеја за издавање би било да ја кажеш својата понуда и на агенции со недвижнини, како и на туристички агенции, за да ја имаат предвид доколку треба да сместат некого за неколку денови.

Заработувањето на овој начин е прилично лесно и, освен малку деранжирање, не бара речиси никаков дополнителен напор од тебе.

Освен изнајмување, како што веќе споменав, на располагање ти стои и опцијата да си најдеш цимер. Ова посебно важи за оние кои живеат сами и за студенти. На тој начин не само што добиваш пари од киријата, туку ќе ги делиш и другите трошоци како сметки за струја, интернет, парно… Секако, да живееш со некого понекогаш ги намалува и трошоците за исхрана, затоа што готвењето за еден е секогаш поскапо.

4. Продај го она што не ти треба – Ок, Американците имаат нешто што го нарекуваат garage sale. Кај нас тоа не постои, но затоа постојат пазарите. Појди до најблискиот пазар и прошетај по тезгите. Секако, нема да те интересира делот со зеленчук и овошје, туку оние тезги каде што се продаваат секакви ситници за дома. Поразговарај со продавачите, ако нив не ги интересира да го купат или препродадат за некаква заработка она што ти сакаш да го понудиш, можеби ќе може да те упатат кај некој што е заинтересиран.

Многу често низ дома имаме секакви ситници кои никогаш не ги користиме. Со продажба на непотребните работи добиваш многу повеќе од парите од продаденото – непотребните ситници зафаќаат место, собираат прашина и бараат дополнително време за чистење. Ослободувањето на просторот и твоето време ќе влијае благопријатно и на твоите расходи.

5. Продај го своето време – Некои од нас немаат пари и работа, но затоа имаат многу време и не знаат што да прават со него. А времето е одличен ресурс што можеш да го искористиш за да заработиш некој денар. Со завршување на некои ситни услуги на оние кои намаат време или не можат самите да ги завршат, возможно е да дојдеш до некакви привремени приходи.

Поразговарај со соседите кои имаат куче, а постојано се зафатени со работа – дали им би им биле корисни твоите услуги за да го шеташ понекогаш, за извесна финансиска награда. Исто така можеш да им се понудиш на пензионерите во твојата зграда доколку не се способни самите да појдат до продавница или до аптека, секој ден да пазариш за нив, за некоја мала парична награда. Секој е во специфична ситуација, затоа размисли самиот на кој друг начин би можел да го продадеш своето време за некаква брза заработувачка.

Дали си имал некое слично искуство кога и самиот си дошол до привремени приходи? Сподели ја својата идеја во коментарите под постови или пиши ми приватна порака.

Како да добиеш поголема плата

Како да добиеш поголема платаСекој сака поголема плата. Во суштина секој и може да добие повеќе од она што го прима, само доколку има стратегија и волја да ги преземе потребните чекори за нејзино остварување.

Ќе се обидам во овој пост да сублимирам неколку клучни чекори кои секој би можел да ги преземе кога сака да добие поголема плата од онаа што во моментов ја зема.

Овие идеи не се апстрактни. Тие произлегуваат од практичното искуство. Додека работев како новинар ги поминав сите скалила на хиерархијата – од ученик кој работи пробно и без плата, до позицијата главен и одговорен уредник на национален дневен весник. Исто така со години работев и на други работни места каде што гледав и анализирав што преземаат луѓето кои имаат амбиција да напредуваат, пред сè финансиски.

Направив и едно мало истражување за тоа што препорачуваат оние кои се соочувале со овие дилеми и кои своите искуства ги споделиле на интернет.

Оние кои имаат талент кој е редок и за кој фирмите имаат потреба и плаќаат прилично високи суми, добиваат зголемувања лесно. Но таквите се помалку од 5% од сите вработени. Другите своите покачувања ги добиваат со решителност и активност. Но, што треба да се направи?

Еве пет чекори кои би требало да влезат во секоја стратегија за зголемување на платата што еден вработен во фирма ја прави – на хартија или само во главата. Овие идеи ќе ти помогнат да постапуваш паметно и барањето за покачување да не заврши лошо за твојата идна кариера.

1. Заслужи го зголемувањето – Пред да сториш било што друго, треба да провериш дали си сторил сè што можеш да сториш за да го заслужиш зголемувањето.

Платата често е соодветна на тоа колку ѝ вредиш на фирмата каде што работиш. Твојата вредност зависи од тоа колку твојот вработувач има потреба од работата што можеш да му ја завршиш и од тоа како и колку ја вршиш. Покачувањата секогаш се случуваат откако ќе ја зголемиш вредноста – никој не дава покачување ако уште му вредиш исто. Затоа, обиди се да откриеш зошто твојата фирма има потреба од тебе – размисли, прашај ги колегите, прашај го шефот.

Кога ќе откриеш што е тоа што фирмата го вреднува во тебе, обиди се да го надградиш и да го правиш повеќе. Ако работиш креативна работа, обиди се да бидеш уште покреативен; ако ја ценат твојата способност да привлечеш клиенти, обиди се да привлечеш уште повеќе. Со зголемувањето на твојата вредност за фирмата, ти си на позиција која заслужува да бидеш повеќе платен.

Затоа секогаш, пред да помислиш да чукнеш на вратата на шефот и да бараш покачување, обиди се да го заслужиш.

2. Зголеми го влијанието – Со зголемувањето на моќта и влијанието доаѓа и зголемување на платата. Во секоја организација постојат формална и неформална структура на моќта. На пример, често може да се случи секретарката на директорот да има поголема моќ од некој што формално има одлучувачка позиција. Исто е и со вработените: оние кои градат мрежи од пријатели и со тоа си го прошируваат влијанието, имаат поголеми шанси да добијат покачување.

Едно старо правило вели дека доколку сакаш да напредуваш во хиерархијата (а со тоа и да добиеш поголема плата) не треба да се качуваш, туку треба да се шириш по хоризонтала. Тоа значи дека треба да добиваш повеќе одговорности и да го шириш своето влијание. На тој начин ти ќе станеш незаменлив за фирмата. До колку повеќе луѓе си допрел, по хоризонтала или вертикала, толку повеќе ќе го поддржат твоето унапредување или твоето зголемување на платата.

3. Утврди ја својата пазарна вредност – Распрашај се и размисли, која е твојата вредност на пазарот на трудот? Дали доколку ја напуштиш оваа работа ќе најдеш место каде што ќе бидеш подобро платен? Без да ја направиш оваа проценка не можеш да бидеш сигурен дека навистина заслужуваш повеќе.

Пазарот на трудот понекогаш знае да е прилично динамичен, па додека мислиш дека нема друг што би го работел она што го правиш ти за истите пари, може да се појавила цела армија невработени кои би го правеле истото дури и за помалку. Доколку сметаш дека заслужуваш повеќе, тоа не значи дека твоето мислење го дели и твојот работодавач. Ако може да најде некој друг да ја врши твојата работа за истите пари, зошто би давал повеќе за тебе?

4. Провери ја финансиската состојба во фирмата – Да побараш покачување кога фирмата е во криза, не само што нема да ти донесе ништо добро, туку може да го натера работодавачот да те смета за нелојален и неблагодарен. Независно што ти си го заслужил покачувањето. Во моменти кога не може да те плати, а ти инсистираш на повеќе, работодавачот го ставаш во ситуација да нема избор, па да помисли на тоа да побара некој друг кој би ја работел твојата работа за помали пари.

Од друга страна, кога гледаш дека фирмата презема поголеми проекти кои носат поголеми профити, тоа е вистинскиот момент да се побара зголемување.

5. Подготви се за преговарање – Доколку фирмата не може да ти даде покачување во пари, а ти си го заслужил, биди свесен дека се можни и други опции освен парите. На пример, може да добиеш денови платен одмор или други олеснувања, кои ќе направат да работиш помалку за истата плата. И тоа е еден вид покачување. Овде секој може самиот да изнајде начин на кој ќе може да добие непарично покачување, во зависност од потребите и природата на работата што ја работиш.

Во секој случај, имај на ум дека треба да се продадеш, а не да молиш за покачување. Фирмите по дефиниција не се живи суштества со емоции – молењето за нив нема ефект. Од друга страна пак, кога со аргументи ќе докажеш дека го заслужуваш покачувањето, имаш силна преговарачка позиција која ќе ти донесе успех.

На крајот на постов сакам само да ти посакам успех во твојот проект за зголемување на платата. Го нарекувам проект. И ти би требало да го нарекуваш така или да најдеш некој друг сличен збор кој укажува на тоа со каква сериозност му пристапуваш на проблемот.

Сподели го постов со твоите пријатели. Нека бидат и тие свесни за прашањата кои би требало да ги одговорат доколку сакаат поголема плата. Под овие редови ќе ги најдеш копчињата за споделување на социјалните мрежи. Текстов исто така може да го споделиш и директно во твојот чат со нив или во приватна порака.

Шест идеи како и каде да купиш евтини книги

Како и каде да купам евтини книгиКупувањето евтини книги е одличен начин да си ја збогатиш домашната библиотека. Кога зборуваме за книгите цената многу често не соодветствува со квалитетот на содржините – многу поголемо влијание тука игра квалитетот на хартијата и печатот, како и тоа колку е звучно името на авторот или колку издавачот потрошил на реклама.

Во овој пост ќе опишам неколку начини на кои може да купиш евтини книги во Македонија.

Еве како да направиш голема домашна библиотека без притоа да мора да потрошиш богатство?

Додека бев студент една од омилените работи ми беше да купувам книги. Секако и да ги читам. Она што ми стана вистинска пасија, покрај читањето, беше да ги поседувам. Сакав да ми бидат при рака, затоа што често знам дури и денес да посегнам по некоја од нив и да препрочитам дел кој ми останал во сеќавање и кој е релевантен и актуелен. Тоа значи дека во спалната покрај работната маса имам библиотека која го зафаќа целиот ѕид. Никогаш не сум пребројал колку книги имам, но, колку за илустрација, полиците, собрано во целиот стан, зафаќаат околу петнаесетина квадратни метри.

Во сите тие години на купување книги научив неколку финти кои овде сакам да ги споделам со оние кои не сметаат дека е ретро да поседуваш библиотека со книги од хартија. Денес, сè се дигитализира, но книгите остануваат вредност.

Во следниве шест точки се опишани шест идеи кои ќе ти помогнат да дојдеш до посакуваните книги по цени што се поевтини отколку кога би ги купувал во книжарница. Вистински добрата книга е бесценета, но кога можеш и кога знаеш како, би требало да ја платиш поевтино.

1. Антикварни книги – Постојат специјализирани антикварни книжарници каде што доколку знаеш што ти треба може да најдеш навистина добри, зачувани и книги со поволни цени. Главната поента на антикварното книжарство не е книгите да бидат поевини, туку да ги најдеш тие книги што ти требаат. Или некој да ги продаде оние што не му требаат. Сепак, постојат места каде што можеш да купиш и поевтино. Во Скопје во главно ги има во центарот и на оние тезги покрај кејот на Вардар. Доколку ти треба помош да ги најдеш пиши ми и ќе ти дадам детални инструкции.

Подобрите антиквари се луѓе што и самите се љубители на книгата, па доколку комуницираш со нив, може и самите да ти понудат интересни наслови и интересни цени. Исто така, можеш и да им кажеш кои наслови и автори те интересираат, па дури и да им дадеш список со книги кои би сакал да го купиш. Мене ми се случувало да однесам список и да го оставам мојот контакт, па секогаш кога ќе добие некоја книга, антикварот да ми се јави и да ми каже дека ми нашол некоја од посакуваните книги.

Доколку купуваш антикварни книги, не заборавај да преговараш. Твојата преговарачка позиција е секогаш подобра во случаите кога купуваш повеќе книги, и, секако, кога си редовен купувач. Затоа гледај почесто да купуваш кај еден антиквар и да одржуваш добри односи. Исто така, добра стратегија е да купуваш книги заедно со пријателите, затоа што на тој начин купувате поголема количина за што може да добиете и пониска цена.

2. Клубови за размена – Неколкупати на Фејсбук бев поканет на евенти за размена на книги. Доколку си пасиониран љубител на печатените книги ова е вистински начин да дојдеш до нови и интересни наслови и да се ослободиш од книгите кои не ти се интересни, но кои некому би му биле драгоцени.

За жал, мојот интерес од хартиените книги во последниов период се префрли на електронските книги, па не учествував на споменатите настани за да може да известам како функционирале.

Доколку не постојат такви настани, никој не те спречува да организираш. Појди во блиската книжарница или кафе-книжарница, разговарај со менаџерот и договори настан. Објави го и замоли ги пријателите да го споделат со нивните пријатели на социјалните мрежи.

3. Онлајн огласи – Во Македонија постојат многу сајтови за бесплатно огласување. Кај нас, колку што ми е познато, не постојат специјализирани сајтови за огласување продажба на книги, а и на оние општите не постојат многу огласи за книги. Тоа сепак, не мора да значи дека не можеш да го искористиш и овој канал. Доколку сакаш да најдеш некоја книга поевтино, напиши оглас дека ја купуваш, тоа сепак ти дава некаква шанса дека ќе се најде некој кој ќе ти понуди да ти ја продаде.

4. Попусти на нови книги – Саемите на книга понекогаш знаат да бидат вистинско место каде што можеш да најдеш евтини книги. Како студент бев редовен посетител на секој саем. Една финта која би требало да ја примениш: гледај на саемот да бидеш првите денови и последните – на почеток, пред да се распродадат најповолните книги и на крај, кога многу од книжарите не сакајќи да ги враќаат книгите повторно во магацин, се спремни да преговараат и да ги продадат по багателни цени. Не заборавај на последните денови да се обидеш да преговараш ако е можно.

Друг вид на попуст се таканаречените клуб картички, кои во суштина се попусти за лојалните купувачи. Не станува збор за големи попусти (10-20 отсто), но и тоа може да биде значително, посебно доколку купуваш многу книги и ако тоа го правиш често.

5. Читај електронски книги – Цената на електронските читачи во последно време е драстично падната, а истовремено квалитетот е драстично зголемен. Јас лично користам Kindle и сметам дека за било кого, кој може да чита книги на англиски, тоа е одлична инвестиција. Нормално ако знаеш да ја надминеш скепсата и аверзијата што љубителите на книги често ја имаат кон електронските читачи. Покрај еден куп бесплатни книги, можеш да најдеш книги по навистина евтини цени кои во просек се околу 2-3 долари поевтините и околу 10 долари поскапите. Како додаток, на овие читачи може да читаш и pdf електронски книги.

Друга поволност е што доколку ја симнеш бесплатната Kindle апликација, овие книги можеш да ги читаш и на твојот мобилен телефон. Бесплатни книги, бесплатна апликација. Доколку се задржиш само на бесплатните книги, ова е 100% бесплатна опција.

Постојат и други места освен Amazon (кој е сопственикот на Kindle) каде што можеш да најдеш книги, доволно е само на Гугл да пребараш free e-books, а вреден за споменување тука е Гутенберг проектот и сличните на него.

6. Библиотека – Најевтиниот начин да читаш книги се секако – јавните библиотеки. Ова важи за оној дел на љубителите на книги кои не се оптоварени со поседување на книгите, таканаречените библиофили кои сакаат да имаат богата домашна библиотека. Ова е најдобриот начин за оние кои сакаат да читаат без притоа да се оптоваруваат со тоа чија е книгата.

Лоша страна на овој начин е што библиотеките кај нас доста често не се апдејтувани со новите изданија и автори, но од друга страна тие се одлично место за љубителите на класиката. Сепак, моето искуство ме научило дека доколку прашаш библиотекарите понекогаш може да те изненадат со интересни нови наслови и изданија.

Доколку ти се допадна постов сподели го со своите пријатели на Фејсбук или Твитер. Сподели ги своите искуства во купувањето книги во коментари подолу или во директна порака.

Како да го подготвиш домот за заштеда на енергија во зима

Како да го подготвиш домот за заштеда на енергија во зимаДоколку не мислиш на заштеда на енергија, зимските трошоците во домот може да ја уништат твојата финансиска стабилност. Навремената подготовка и долгорочните инвестиции може да ги намалат овие трошоци понекогаш дури и за 50%.

Ова е пост за начините на кои можеш да го подготвиш домот за зимскиот период.

Ви текнува на приказната за штурецот и за мравката? Додека мравката цело лето собирала житни зрна, штурецот се излежавал и свирел на својата виолина. Кога дошла зимата тој прегладнет морал да ја моли мравката да му даде нешто да јаде.

Еве осум идеи за тоа што можеш да преземеш за кога ќе дојде зима да не се осетиш како што се чувствувал штурецот во приказната. Секако дека во зависност од спецификите секој може и би требало да си додаде и други работи на овој список, но сметај го ова како основа од која може да почнеш.

1. Провери ја исправноста на греењето – Независно на какво греење си, провери дали целиот систем на затоплување на твојот дом е во добра кондиција. Понекогаш е потребно да се интервенира за некои работи, најдобро е ако тоа го направиш порано – многу е лошо чувството на 5 под нула да бараш сервис и да откриеш дека има листа на чекање. Ако се грееш на дрва веројатно ќе треба да ги провериш оџаците и ќунците, ако си на парно греење – цевките, вентилите и радијаторите. Доколку нешто не е во ред, поисплатливо е да инвестираш да се поправи и да се купат нови делови. Целата инвестиција, секако, е помала кога не е сезона, затоа што побарувачката е помала. Докажано е, системот што е исправен и добро одржуван троши помалку енергија и е поголем пријател на твојот буџет.

2. Изолација на системот за греење – Доколку домот го затоплуваш со парно греење, посебно ако станува збор за сопствен систем, можеби треба да размислиш за изолација на цевките. Според некои производители ова значи и до 80% поголема ефикасност. Дури и половина од ова е доволно да размислиш за таква инвестиција.

3. Заштити се од прокиснување – Ова е посебно важно за оние што живеат во куќа. Проверката на кровот и олуците мора да биде дел од процедурата за подготовка. Ова посебно важи ако претходните години имало проблеми. Инвестирањето во овие поправки ќе спречи да се случат поголеми штети, затоа оваа инвестиција секогаш се исплаќа.

4. Изолирај од провев – Изолацијата помага да се задржи толку драгоцената топлина која излегува низ ситните процепи на прозорците. Ова посебно важи ако станува збор за постар стан и постари дрвени прозорци. Тие со текот на времето се деформираат, па се случува да се појават големи отвори од каде што топлината излегува од домот. Доколку не можеш да инвестираш во нови прозорци и врати, постојат повеќе опции за изолација – од самолепливи траки до пена за изолација. Најчесто ова може да го направиш самиот, но доколку е потребен посериозен зафат, размисли и за ангажирање на мајстор. Проверете дали постојат и други шуплини во таваните, ѕидовите и подовите, а причина за губење на топлината многу често се и шуплините на местата каде што се наоѓаат ролетните.

5. Изолација на целиот објект – Постојат повеќе видови изолација на ѕидовите. Изолацијата е погодна за оние површини кои се граничат со незагреани делови на куќата. Доколку сте во стан, покрај други станови кои се грејат, изолацијата не е потребна. За можностите за изолација на незаштитените делови консултирај се со специјалист. На интернет ќе најдеш повеќе компании кои се занимаваат со изолација. Станува збор за малку поголема инвестиција, но тоа може значително да ги намали трошоците – дури за 30%. Ова е посебно погодно за станови и куќи кои трошат навистина многу на затоплување.

6. Студ, мраз и снег – Доколку живееш во куќа немој да чекаш да дојдат снеговите и ниските температури за да размислиш за тоа како ќе се соочиш со нив. Набави сол и соодветна лопата за снегот. Дочекај ги подготвен. Оние што живеат во куќа треба исто така да го подготват и дворот – сите цевки со вода да ги изолираат и да ги заштитат од смрзнување, како и да ја сопрат водата. Исто така, доколку имаат куќен љубимец, треба да му најдат топло место во куќата.

7. Подготви го автомобилот – Промена на зимски гуми, антифриз-средството против замрзнување, како и проверка на системот за загревање. За да го заштитиш од голем студ и од снег, добро е да најдеш решение за тоа каде ќе го чуваш автомобилот во текот на ноќта.

8. Итни случаи – Размисли за најчестите итни случаи што би можеле да се случат и што би ти требало во такви моменти. Кога има силни зими, во Македонија има цели региони на некои од градовите кои остануваат без струја поради дефекти. Ова може да биде сериозен проблем ако си дел од оние кои се грејат на струја. Плинско греење може да биде добар резервен систем, а мобилно плинско решо може да биде твој резерен шпорет. Исто така, добро е да имаш и батериска лампа, како и запалки и свеќи.

Доколку ти беше интересен овој пост би можело да ти биде занимлив и текстот за контрола на финансиската состојба.

Ако мислиш дека твоите пријатели би имале корист од текстов сподели го на социјалните мрежи Фејсбук или Твитер, или прати им го во приватна порака или по и-мејл.

Како функционираат сајтовите за групни попусти

Со групни попусти е поевтиноВо светот тоа се нарекува купонинг (couponing), кај нас групни попусти. Одиш на сајтот гледаш што има во понудата и кликаш за да си купиш што ти треба – и притоа добиваш огромен попуст. Попустот знае да е и до 90%.

Ќе објаснам во постов како сето тоа функционира и што треба да направиш за да станеш дел од оние луѓе што користат купонинг.

Отворам една тема која може да им биде многу интересна на многумина кои сакаат да си ја подобрат својата финансиска состојба со малку попаметен пристап во купувањето на секојдневните ситници. Третмани, курсеви, спортска опрема, разни тракатанци за низ дома или канцеларија… Има попаметен начин да купиш поевтино отколку да одиш на Бит-пазар. Ако ништо друго, ќе купиш евтино и со најчесто гарантиран квалитет.

Еве еден брз опис на тоа како функционираат групните попусти? Во целиот процес има три актери:

1) производители – производителот на некој производ, трговец кои има продавница или застапник на некој голем бренд; или тоа може да биде некој давател на услуги. Најчести производители што се јавуваат во групните попусти во Македонија се ресторани, козметички салони, школи и центри за обуки, стоматолози и лекари, трговци, туристички агенции и слично.

2) посредници – тоа се најчесто сајтови зад кои стои одредена фирма која ги преговара попустите. Преку нив оди целиот процес.

3) купувачи – тоа се оние кои преку веб-сајтот на посредниците ги купуваат производите или услигите на производителите со одреден попуст.

Иницијативата во целиот процес тргнува од посредниците. Тие прават договор со производителот според кој, доколку обезбедат одреден број на купувачи, на пример 30, добиваат попуст за производот. Овие зделки се објавуваат на сајтот (најчесто во вид на „попуст на денот“) и обично важат одреден период, на пример 3 дена. Купувачите со кликање „купи“, ја искажуваат својата согласност да купат некој производ. Доколку во текот на определениот период се соберат доволен број купувачи, на пример 30 купувачи за 3 дена, секој од оние кои кликнале купи, добива купон по и-мејл или на мобилна апликација. Со овој купон може да појде кај производителот и да си го добие производот со ветениот попуст.

Кога купувачот на сајтот на посредниците ќе кликне „купи“ од неговата картичка се задржува сумата за купување на производот, која доколку зделката не се оствари (доколку не се пријават доволно купувачи во определениот рок) му се враќаат на сметка.

Во Македонија последниве 5-6 години се појавија голем број на посреднички фирми со свои сајтови. Исто така се појавија и агрегатори на купони, односно, сајтови каде што на едно место ќе може да ги следите понудите на различни посреднички фирми.

Немам точна статистика, но се чини дека по првичниот бум, интересот за групните попусти спласна. Многу од сајтовите се појавија и ги снема, а исто така ги снема и повеќето од агрегаторите.

Немајќи прегледна датабаза на сите компании, решив да ја направам оваа листа која се надевам дека ќе им користи на моите читатели. Се обидов да ги прегледам сите за на неа да бидат само оние што се активни и корисни. Распоредени се по азбучен ред.

Доколку знаеш за некој што не е на листава те молам да ми пишеш.

Покрај овие постојат и други посредници кои нудат одредени купони и попусти, но тие бараат ексклузивно членство и имаат посебни картички за своите членови. Како примери овде само ќе ги споменам Lyoness и Екстра попусти.

Намерата на овој пост е да им користи на што повеќе луѓе. Јас мојот дел, кој се состоеше да го напишам текстов, го завршив. Заврши го твојот и помогни ми со тоа што ќе го споделиш на својот профил на Фејсбук или Твитер и повикај ги и твоите пријатели да го споделат.

Ако те интересираше овој пост, веројатно ќе те интересираат и моите постови за тоа како да купуваш на попуст и прирачникот за паметно трошење.

Четири причини зошто секој би требало да научи танго

Научи тангоКога барем за малку би го осетил чувството, јас знам дека секој би сакал да научи танго. Без исклучок. Ова не го пишувам како некој кој е безнадежно вљубен во овој танц, туку како човек кој видел и пробал многу работи, како некој кој имал многу други искуства.

Ќе објаснам во овој пост зошто мислам дека кога би ја почувствувал магијата, секој би сакал да танцува танго.

Овој пост е наменет за сите кои мислат дека тангото е нешто што го танцуваат таму некои други луѓе кои се појавуваат на сцена или на телевизија. Според мене, најлошата реклама за тангото се токму тие шоу акробации и холивудски претстави. Вистинското социјално танго е за обични смртници. Не е потребно да си балетан или балерина, акробат со манекенска става, професионалец кој вежба по неколку саати на ден. Исто како што не ти е сето ова потребно за да играш оро на свадба, не е потребно да си професионалец за да можеш да танцуваш на милонга (танго игранка).

Токму поради тоа, мислам дека танго би требало да танцуваат сите, од 17 до 77 години, независно од социјалниот статус и независно од професијата.

Еве ги четирите најважни работи што ќе ги добиеш ако почнеш да танцуваш танго.

1. Тангото те учи на основната човечка комуникација. Сте го слушнале афоризмот дека Господ на човекот му дал способност да зборува за да си ги скрие мислите? Сите луѓе се кријат зад зборовите кога се соочуваат со непријатна вистина. Непријатно е да стоиш во лифт со некого во многу интимна близина и да молчиш.

Тангото те соочува со таква ситуација: стоиш во интимниот простор на некое друго човечко суштество и молчиш. Разликата е во тоа што кога танцуваш танго уживаш во тоа молчење затоа што и двајцата партнери се фокусирани на нешто многу повеќе од самите нив, на музиката, на движењата, на комуникацијата.

Вистинската магија на танцот почнува и завршува тука – во поврзувањето. Во јавноста не е тоа толку познато, но во светот во моментов се случува една невидлива танго револуција, една танго-манија. Не постои поголем град во светот каде што нема да најдете фанатично посветена танго заедница која организира милонги (игранки) и која има свое училиште. Овде зборувам за социјалното танго, онакво какво што се игра во Буенос Аирес.

Оваа популарност на тангото не е случајна. Живееме во свет кој е многу динамичен и кој луѓето ги прави напнати, затворени во себе, исплашени еден од друг. Кога танцуваш танго, ти го добиваш спротивното – се опушташ, се отвораш, почнуваш да му веруваш на друго човечко суштество. И често, дури и не го познаваш оној со кој танцуваш – не е важно името, не е важно што работи, колкава плата прима, какво минато и каква иднина има. Она што е важно е што има во душата, што размислува и што чувствува. Има ли поубав и подлабок начин да запознаеш некого отколку овој?

2. Тангото е креативна и активна забава. Јас почнав да танцувам танго затоа што отсекогаш ми биле одбивни забави со гласна и нападна музика, со пијанства и повраќање, со трошење многу пари и покажување пред другите, со глупи муабети, оговарања и несолени зафрканции затоа што немаш што попаметно да правиш… Тангото е начин да поминеш неверојатно убава вечер без да мора да трошиш многу пари на пијачки или влезници, без да пиеш или да мора со некого цела вечер да зборуваш.

За убавината на танго музиката веројатно не треба ни да почнувам – тоа си е еден свет во кој не можеш да ја исцрпиш магијата. Јас познавам танго Ди-џеи кои и по петнаесет години откриваат нови песни кои претходно не ги знаеле и на тоа се радуваат како деца. Овде не зборувам за луѓе што немаат попаметна работа во животот – туку за остварени луѓе, хирурзи, инженери, интелектуалци, банкари, луѓе кои работат на одговорни места во големите европски метрополи како Берлин, Рим, Лондон, Париз, Барцелона.

Сум видел многу луѓе чии животи биле откорен променети откако научиле танго. Танцот да им дал нова смисла на живеењето.

3. Научно е докажано дека прегратката е добра за твоето здравје. Постојат многу студии за тоа колку е важна прегратката и какви ефекти таа има за здравјето. Овде ќе наведам само неколку поважни заклучоци до кои дошле научниците.

– го намалува нивото на стрес и напнатоста
– оние што редовно добиваат прегратка имаат подобра работа на срцето и подобар срцев притисок
– ја намалува депресијата и помага при егзистенцијалните стравови (страв од смрт и болести)
– го зголемува нивото на окситоцин, што ни дава топли и пријатни чувства

Тангото, кога првпат се појавило во Европа пред втората светска војна, било шокантно за Европјаните – токму поради интимноста на прегратката. Постојат многу теории за тоа зошто во тангото има толку интимна прегратка. Според мене најверојатна е онаа на професорот Освалдо Натучи.

Историјата вели дека Буенос Аирес на почетокот на 20. век бил место каде што доаѓале многу емигранти од Европа за да се збогатат во рудниците за сребро. Големо мнозинство од нив биле голобради момчиња кои ги напуштиле семејствата, мајките, татковците, сестрите и браќата, девојките и верениците. Тие се надевале дека ќе се збогатат и ќе се вратат кај своите семејства. Ова го знаеме со сигурност – затоа што многу од танго песните го пејат токму ова. Но, нивните соништа се распрснале во суровата реалност – 90 отсто од нив немале пари ниту да купат карта за да се вратат дома. Сиромашни, разочарани и осамени тие наоѓале утеха во танцувањето. Во таква средина е создадено тангото. Интимната прегратка е израз на човечки суштества кои страдаат и на кои им треба топлина.

Како што споменав во точката број 1, денес живееме во такво отуѓени општество што на сите ни е потребна таа интимна прегратка.

4. Кога танцуваш танго запознаваш многу луѓе. Ако ја погледнете мојата листа на пријатели на Фејсбук ќе видите дека во неа има луѓе од целиот свет. Не постојат бариери, не постои омраза и национализам меѓу оние што танцуваат. Често на шега велам, сите што танцуваат танго се Аргентинци, една нација.

Ако знаеш да танцуваш, можеш слободно да појдеш во било која светска метропола и самиот да се појавиш на игранка. По само неколку изиграни танди (танда е група од 4 песни), ти веќе имаш пријатели. Танго заедниците се како секти, било каде да појдеш, тие те прифаќаат како нивен.

Поради причините што ги споменав погоре, луѓето кои танцуваат танго се обично поотворени и попријателски расположени. Знам за многу танго пријателства кои ги преминуваат границите на танцот и стануваат вистински пријателства, а некои од нив и прекрасни меѓународни љубовни приказни.

Доколку ти се допадна идејата и доколку сакаш да ја почувствуваш магијата на тангото, јас овде сакам да те повикам да не чекаш и уште веднаш да ме исконтактираш за да те запишам за бесплатни часови. Да, постои место во Скопје каде што бесплатно може да научиш да танцуваш. Пиши ми веднаш!

Добиј бесплатна книга – прирачник за евтини патувања

Пат околу светот за еден денарСекој што ќе се претплати на мејлинг листата на блогов ќе добие бесплатна e-книга „Пат околу светот за еден денар“. Станува збор за прирачник за евтино летање со авион: од наоѓање евтини карти до практични начини на пакување.

Содржините на edendenar.com можеш да ги следиш со тоа што ќе се претплатиш да ги добиваш директно преку електронска пошта. Како бонус ја добиваш оваа книга која ќе ти помогне да патуваш со авион било каде во Европа со трошоци поевтини дури и од 100 евра.

Ќе бидам искрен: кога го објавив мојот пост за евтини авионски карти не очекував да биде толку читан и да има толку споделувања на социјалните мрежи. За неполни 48 часа постот имаше над 70 споделувања на Фејсбук, а го презедоа и некои портали.

Сакајќи да им помогнам на сите оние кои сакаат да патуваат евтино решив да ја направам оваа бесплатна е-книга. Дел од содржините што ќе ги најдете во неа веќе беа објавени на блогов, но голем дел е нов и надграден. Во неа влегоа и сите информации што ги добив дополнително од искуствата на моите читатели. Јас им благодарам на сите што коментираа и посебно на оние што ми праќаа приватни пораки и мејлови преку кои ги споделија своите искуства. Доколку и ти имаш некое искуство кое би им користело на другите, сподели го, исто како што и ние ги споделуваме нашите со тебе.

Книгата ја делам бесплатно. Единствено нешто што барам од моите читатели за возврат е да се претплатат на мојата листа.

Еве во продолжение што точно содржи книгава:

1. Како да најдеш евтина авионска карта?

– Дел во кој е објаснето кои се најдобрите сајтови што пребаруваат летови и како може да ги користиш. Опишани се финтите и триковите за наоѓање евтини карти – експериментирање, симулирање, патување од и до соседните аеродроми

2. Што можеш да сториш ако пребарувачите не помогнат?

– Дел во кој е објаснето што можеш да направиш ако пребарувачките машини не ти помогнат. На кој начин може планот на летови да го направиш самиот. Овде исто така е објаснето како да го намалиш ризикот да пропуштиш некој лет.

3. Како да купиш поевтина карта со Виз-ер?

– Дел во кој е објаснето на кој начин можеш да добиеш уште поевтини карти со Виз-ер користејќи ја мобилната апликација, ваучерите за попуст. Овде е исто така објаснето на кој начин може да заштедиш на багажот.

4. Како да се пакуваш за да патуваш поевтино?

– Посебен дел наменет за тоа како да се спакуваш за да заштедиш колку што може повеќе од трошоците на багажот. Чекор по чекор метод како да го оптимизираш куферот.

За да ја добиеш бесплатната книга доволно е да го внесеш својот имејл во долново поле. Со внесувањето на мејлот стануваш и претплатник на Еден денар. Биди спокоен – не планирам твоите податоци да ги користам за спамирање – листата ја користам само за комуникација со моите читатели.



Поддржи ја мојата работа со тоа што ќе го споделиш овој пост на својот Фејсбук профил и на Твитер. На тој начин и твоите пријатлеи ќе имаат можност да ја добијат книгава и да можат да ги следат содржините на мојот блог.