Прирачник за паметно трошење

Прирачник за паметно трошењеИма безброј начини да ги потрошиш своите пари, но постојат само неколку кои може да ги наречеме паметно трошење. Оној што штеди има, ама оној што штеди на сè нема ништо. Не е лесно да одлучиш на што да штедиш, а на што да трошиш.

Во овој пост ќе ги опишам четирите начини на кои паметните луѓе ги трошат своите пари.

Живот поминат во штедење не е живот. Постојат моменти кога се штеди, но постојат и моменти кога треба да се одврзе кесето. Но, на што и во кои моменти вреди да се троши?

Замисли го својот живот после 10 години. Сигурно е тоа дека нема да се сеќаваш каков бил твојот буџет и кои предмети си ги купил. Она што најногу ќе ти остане во сеќавањето се авантурите што си ги доживеал, знаењата што си ги стекнал, пријателите кои ти останале и, секако, инвестициите што си ги направил и кои ти го направиле животот полесен

Еве ги четирите правила за паметно трошење кои ќе ти помогнат да донесуваш подобри одлуки тогаш кога си во дилема околу тоа на што да ги потрошиш своите пари.

1. Нови искуства – Научи да правиш разлика меѓу купувањето предмети и трошењето за нови искуства. На пример романтично патување во Венеција, авантура во Париз, стекнување пријатели во Барселона или откривање на тајните на Истанбул, се нешта кои никогаш во животот нема да ги заборавиш. Најновиот модел на лаптоп, не е многу подобар од стариот. Предметите се расипуваат, се губат и можат и да бидат украдени. Искуствата никој не може да ти ги одземе.

Исктуства не се само патувањата. Обиди се да направиш нешто што никогаш не си се обидел. Скокни со падобран, планинари, научи да скијаш, запиши курс по фотографија, нуркај… Секое ново искуство го прави твојот живот побогат и повозбудлив.

Тоа е патот до среќата. Тоа се работите за кои вреди да се троши. Секогаш кога си во дилема дали да купиш предмет или да ги потрошиш парите на ново искуство, одлучи се за искуството – зашто тоа е она за што вреди да се живее.

2. Пријателите и блиските – Има една руска народна поговорка која вели:

Немам сто рублји ама имам сто пријатели

Пријателите вредат повеќе од парите. Оној што има повеќе пријатели е побогат од оној што има повеќе пари. Затоа, сметај го за паметно трошење секој денар потрошен за пријателите и блиските.

Сепак, не е секое трошење за блиските исто. Подароците може да се добар начин да му кажеш некому дека ти значи, но уште подобар начин е ако ги потрошиш парите на активности во кои ќе може да учествувате заедно, во кој ќе може да поминете време еден со друг. Покана за заеднички ручек, честење пиво или кафе, карти за фудбалски натпревар или театар, кино и слично, тоа се подароци кои се многу подобри отколку давањето предмети.

Доколку, на пример, знаеш дека оној што ти е близок е страстен фан на некој пејач, можеби најдобриот подарок што можеш да го смислиш е заедничко патување на концерт. Друг добар подарок е ако уплатиш часови по танц за двајцата, ако на пример, знаеш дека твојата девојка отсекогаш сакала да научи да танцува.

Поентата е дека оние пари што ги трошиш за да ги направиш среќни блиските и за да поминеш време со нив, ќе ти се вратат со љубов и прекрасни моменти целиот живот.

3. Паметни инвестиции – Не постои поглупав начин да ги потрошиш своите пари отколку да купиш нешта што ќе те тераат да трошиш уште повеќе. На пример, луксузен автомобил што троши многу е ужасно лоша инвестиција, освен ако не си милионер што не знае што да прави со парите. Не само што е непрактично скап, луксузниот автомобил ќе бара од тебе да потрошиш ужасно многу пари и на гориво и на одржување. Тоа е како да си ги фрлил парите во бунар и како да си се обврзал одвреме навреме да фрлаш уште.

Зошто е тоа така? Затоа што купувањето луксузен автомобил е инвестирање во пасива. Паметните луѓе инвестираат во актива – тоа се оние нешта што наместо да го празнат, ќе го полнат твојот буџет.

Ако имаш поголема сума за трошење, купи недвижнина што ќе може да ја издаваш. Toa е инвестиција што е паметна и што долгорочно ќе се исплати. Друг, пример за паметна инвестиција е вложување во проект од кој ќе произлезат некакви авторски права или патент, кој потоа ќе ти генерира приход. Добра инвестиција е и купување акции на компанија во подем, или пак, инвестирање преку инвестициски фонд.

Инвестирањето во актива е трошење, но онакво кое во иднина не само што ќе ја врати инвестицијата, туку кое може дури и да те направи богат.

4. Знаења и вештини – Најголемата грешка што човек може да ја направи во животот е да престане да учи нови работи. Секоја вештина и секое знаење кое ќе го стекнеш, независно колку безначајно и непотребно сега ти се чини, во иднина може да се покаже како судбоносно за твојата среќа.

Затоа не е паметно да се штеди на учење. Секако дека треба да се биде внимателен дали вложувањето е соодветно на она што го добиваш за возврат, но никогаш немој да се лишуваш од учење само поради тоа што сметаш дека на тој начин ќе заштедиш.

Кога почнав да учам танго, јас тоа го сметав како забавен начин да го поминеш своето време. Денес благодарение на тангото често посетувам земји што ни на крај на памет не ми било дека ќе ги посетам, и тоа бесплатно. Кога почнував не ни можев да замислам дека ќе дојде овој момент, кога сериозно размислувам тоа да стане моја професија.

Дури и да не ти станат професија, новите вештини и знаења може да ти го збогатат животот на непредвидливи начини.

Твојата личност и твојот карактер се надградува со нештата кои ги правиш и нештата кои ги знаеш. Затоа трошењето на учење нови нешта треба секогаш да го сметаш за паметно трошење.

Листава можеш да ја сметаш и како листа на идеи кои ќе ти дадат насоки за тоа како да ги потрошиш своите пари на најпаметен начин. Секако дека постојат и други начини. Доколку мислиш дека постојат подобри можеш да ги напише во коментари под постов или да ми ги пишеш во директна порака.

Ако сметаш дека постов ќе им биде корисен на твоите пријатели сподели го со нив на Фејсбук, Твитер и другите социјални мрежи или прати им го линкот преку приватна порака. Претплати се на мојата мејлинг листа и немој да ги пропуштиш новите интересни содржини.

Speak Your Mind

*

*