Осум финти за помали трошоци кога си на пат

Осум финти за помали трошоци кога си на патБарцелона, Лондон, Берлин, Венеција… Ако и покрај ниските примања некако си успеал да заштедиш за патување во некоја европска метропола или туристичко место, можеш и дополнително да ги намалиш сите трошоци на својот престој со тоа што ќе трошиш паметно.

Ако си студент, невработен или некој кој навистина има тенок буџет, а не сака да си ускрати од патувања, овој пост ќе ти помогне секое туристичко доживување да биде дури двојно поевтино.

Бидејќи навистина многу патувам, луѓето често помислуваат дека имам многу големи примања и дека трошам премногу. Она што луѓето не го знаат е дека доколку паметно си го испланираш патувањето можеш да престојуваш било каде, а трошоците да не бидат многу поголеми од престојот дома.

Во овој пост ќе ти дадам осум начини како да си ги преполовиш трошоците на твојот престој во било кое место каде патуваш. Можеш да доживееш многу повеќе доколку вложиш малку време и енергија на планирање и претпазливо трошење – без да паднеш во замката на локалните трговци кои се богатат од непромислените трошења на туристите.

1. Подготви се – Најмногу се троши кога не знаеш што сакаш да видиш и каде да одиш во градот што го посетуваш. Затоа пред да тргнеш на пат направи едно истражување на интернет – кои места мора да се видат, како да стигнеш до нив, каде да јадеш и слично. Потоа направи план на патувањето со сите детали, како и каде да ги најдеш местата, телефонски броеви и адреси, а исто така е препорачливо да си даунлодираш и мапи. Јас лично ја користам Google Maps апликацијата каде што можеш да си ги симнеш локалните мапи и да ги користиш и офлајн. Провери ги и опциите и цените за превоз, а доколку имаш пријатели кои живеат таму, најдобра опција е да стапиш во контакт со нив.

2. Готви дома – Како и секаде, храната купена во супермаркет и зготвена дома е секогаш повтина отколку ресторан. Често е и поквалитетна. Кога ќе влезеш во супермаркет секогаш знај која храна е специфична за поднебјето каде што се наоѓаш – на тој начин ќе знаеш што да купиш затоа што тие производи обично имаат најниска цена и се најквалитетни. Ако си покрај море, обично риба и морски производи; ако си на планинско место, обично млеко и млечни производи и слично. Притоа немој да се чувствуваш непријатно да прашаш што да купиш, бидејќи не можеш да ги знаеш локалните брендови.

3. Бирај ги локалните ресторани – Дел од доживувањето на секое патување е да се проба локалната кујна. Затоа, во зависно од буџетот, гледам неколку оброци да имам во ресторан. Избирањето на ресторан е многу важно затоа што поголемите градови имаат многу ресторани наменети за туристи, каде што цените може да се и двојно поголеми. Затоа најдобро да ги побараш локалните ресторанчиња кои обично се на страна од прометните места, онаму каде што туристите не можат да ги најдат, а за нив знаат само локалните жители. Затоа е важно да познаваш некој локалец, што би можел да те упати. Локалните ресторани не се добри само за буџетот, таму и храната се подготвува на поавтентичен локален начин.

4. Користи јавен превоз – Доколку патуваш во група понекогаш такси превозот е поевтин – но најчесто јавниот превоз е најдобра опција. Избегнувај ги нападно рекламираните експресни превози кои се обично неколкупати поскапи од локалниот превоз. Секако дека понекогаш тие експрес директни линии се неизбежни, посебно ако треба да фатиш некој лет, но доколку си го испланираш времето паметно, може да скратиш двоцифрени суми во евра.

Овде сакам да ти напоменам дека често за подалечни дестинации – на пример до аеродром – во некои случаи е поевтино да купуваш карти онлине и неколку недели пред патот.

5. Избегни ги ловците на туристи – Разните тури со водичи и слично остави ги на богатите пензионери од западноевропските земји. Според макдонскиот просечен туристички буџет најдобро турите да си ги организираш сам и притоа да го користиш локалниот превоз или да пешачиш. Не велам овде дека треба да бидеш скржав и на работи кои навистина се корисни, но трошокот за вакви тури обично е превисок за она што го добиваш за возврат. Денес на интернет може да ги најдеш сите потребни информации за локалитетите што ги посетуваш, така што да плаќаш за водич е луксуз (искрено, јас многу повеќе им верувам на моите истражувања на интернет отколку на приказните на локалните туристички водичи).

6. Направи го ручекот главен оброк – Обично во туристичките места вечерата во рестораните има повисоки цени отколку ручекот. Секако, ова не е случај со сите држави и сите градови, но генерално е добра идеја да се проверат разликите во цените. Јас лично не сум ги осетил многу овие разлики, но многу извори го посочуваат ова како нешто на што би требало да се обрне внимание кога патуваш со тенок буџет – па затоа еве, го приложувам и тоа на оваа моја листа.

7. Избегни ги ситните трошоци – Ако си студент или невработен, и ако патуваш со навистина тенок буџет, паметно е однапред да испланираш колку можеш да потрошиш во текот на еден ден. Ако се тоа 10 евра (што во просек е некој минимум со кој може да поминеш во просечна европска земја) тогаш нема да се опушташ со кафиња или сокчиња во кафич – наместо тоа ќе си понесеш шишенце со вода од дома и кога ќе се измориш ќе седнеш на клупа во парк или покрај пристаниште. Ужинката може да ја смениш за сендвич од дома, јаболко или банана што ќе си ги носиш во ранецот. Дури и влегувањето во супермаркет може да донесе трошоци поголеми од планираните, затоа биди многу воздржан за секоја ситница што ја купуваш. Внимавај на дневниот лимит што си го зацртал.

8. Фаст фуд туризам – Ако првите денови кога буџетот е прилично комотен сум се опуштил, па сум си дозволил повеќе оброци во ресторан, на крајот неколкупати ми се случило да мора да штедам на храна. Тоа сè уште не значи дека треба да гладуваш, туку дека ќе треба да побараш нешто поевтино. Најпрепорачливо во такви случаи е да се храниш во фаст фуд ресторани. Не знам зошто многумина кај нас (додека го имавме) мислеа дека Мекдоналдс е скап ресторан – можеби затоа што беше поскап од другите сендвичари, но во големите европски метрополи, ваквиот тип ресторани за брза храна е евтина варијанта. Покрај Мекдоналдс, Сабвеј и слично, прилично пристојна храна за ниски цени може да се добие и во рестораните за кебаб и донер.

Доколку те интересираше овој пост, можеби ќе сакаш да ја ѕирнеш и мојата е-книга „Пат околу светот за еден денар“, каде што ќе најдеш и други финти за евтини патувања.

Помогни им на твоите пријатели со тоа што ќе го споделиш овој пост на Фејсбук, Твитер или преку е-маил или месинџер. Посебно ќе им користи на оние кои се подготвуваат наскоро да отпатуваат некаде. Доколку имаш некое свое искуство и ако си научил некоја финта за штедење при престој во некоја европска метропола, јас и моите читатели ќе ти бидеме благодарни доколку ги споделиш со нас во коментари, или на емаил (па јас ќе ги споделам во некој иден пост).

Шест начини да си ги поправиш финансиите по празниците

Празниците ќе поминат и ќе треба повторно да се соочиш со реалноста и со – истенчениот новчаник. Во овој пост ќе се обидам да ти дадам шест идеи како да си го премостиш кризниот период после празничното потрошувачко лудило. Искрено, јас не сум некој примерен член на ова потрошувачко општество во кое живееме. Сакам да […]

Continue reading...

Како со слободен софтвер да заштедиш повеќе од 100 евра

Како да ги намалиш трошоците за компјутер користејќи слободен софтвер

Ако сакаш да избегнеш да плаќаш за легален оперативен систем најдобрата опција е да користиш слободен софтвер. Помина времето кога во Македонија на големо се користеше пиратски софтвер – денес кога купуваш нов компјутер мора да доплатиш и за оперативен систем. Според она што го видов на сајтовите на компаниите што продаваат компјутери во Македонија, […]

Continue reading...

Како набрзина да дојдеш до привремени приходи

Привремени приходи

Секој од нас некогаш бил во ситуација да му требаат привремени приходи. За да ги добиеш најдобар начин е да си најдеш привремена работа, но имајќи предвид дека во Македонија и не е тоа толку лесно, овде ќе образложам неколку идеи за тоа како да дојдеш до привремени приходи на алтернативен начин. Секогаш кога ти […]

Continue reading...

Како да добиеш поголема плата

Како да добиеш поголема плата

Секој сака поголема плата. Во суштина секој и може да добие повеќе од она што го прима, само доколку има стратегија и волја да ги преземе потребните чекори за нејзино остварување. Ќе се обидам во овој пост да сублимирам неколку клучни чекори кои секој би можел да ги преземе кога сака да добие поголема плата […]

Continue reading...

Шест идеи како и каде да купиш евтини книги

Како и каде да купам евтини книги

Купувањето евтини книги е одличен начин да си ја збогатиш домашната библиотека. Кога зборуваме за книгите цената многу често не соодветствува со квалитетот на содржините – многу поголемо влијание тука игра квалитетот на хартијата и печатот, како и тоа колку е звучно името на авторот или колку издавачот потрошил на реклама. Во овој пост ќе […]

Continue reading...

Како да го подготвиш домот за заштеда на енергија во зима

Како да го подготвиш домот за заштеда на енергија во зима

Доколку не мислиш на заштеда на енергија, зимските трошоците во домот може да ја уништат твојата финансиска стабилност. Навремената подготовка и долгорочните инвестиции може да ги намалат овие трошоци понекогаш дури и за 50%. Ова е пост за начините на кои можеш да го подготвиш домот за зимскиот период. Ви текнува на приказната за штурецот […]

Continue reading...

Како функционираат сајтовите за групни попусти

Со групни попусти е поевтино

Во светот тоа се нарекува купонинг (couponing), кај нас групни попусти. Одиш на сајтот гледаш што има во понудата и кликаш за да си купиш што ти треба – и притоа добиваш огромен попуст. Попустот знае да е и до 90%. Ќе објаснам во постов како сето тоа функционира и што треба да направиш за […]

Continue reading...

Четири причини зошто секој би требало да научи танго

Научи танго

Кога барем за малку би го осетил чувството, јас знам дека секој би сакал да научи танго. Без исклучок. Ова не го пишувам како некој кој е безнадежно вљубен во овој танц, туку како човек кој видел и пробал многу работи, како некој кој имал многу други искуства. Ќе објаснам во овој пост зошто мислам […]

Continue reading...

Добиј бесплатна книга – прирачник за евтини патувања

Пат околу светот за еден денар

Секој што ќе се претплати на мејлинг листата на блогов ќе добие бесплатна e-книга „Пат околу светот за еден денар“. Станува збор за прирачник за евтино летање со авион: од наоѓање евтини карти до практични начини на пакување. Содржините на edendenar.com можеш да ги следиш со тоа што ќе се претплатиш да ги добиваш директно […]

Continue reading...