Четири причини зошто секој би требало да научи танго

Научи тангоКога барем за малку би го осетил чувството, јас знам дека секој би сакал да научи танго. Без исклучок. Ова не го пишувам како некој кој е безнадежно вљубен во овој танц, туку како човек кој видел и пробал многу работи, како некој кој имал многу други искуства.

Ќе објаснам во овој пост зошто мислам дека кога би ја почувствувал магијата, секој би сакал да танцува танго.

Овој пост е наменет за сите кои мислат дека тангото е нешто што го танцуваат таму некои други луѓе кои се појавуваат на сцена или на телевизија. Според мене, најлошата реклама за тангото се токму тие шоу акробации и холивудски претстави. Вистинското социјално танго е за обични смртници. Не е потребно да си балетан или балерина, акробат со манекенска става, професионалец кој вежба по неколку саати на ден. Исто како што не ти е сето ова потребно за да играш оро на свадба, не е потребно да си професионалец за да можеш да танцуваш на милонга (танго игранка).

Токму поради тоа, мислам дека танго би требало да танцуваат сите, од 17 до 77 години, независно од социјалниот статус и независно од професијата.

Еве ги четирите најважни работи што ќе ги добиеш ако почнеш да танцуваш танго.

1. Тангото те учи на основната човечка комуникација. Сте го слушнале афоризмот дека Господ на човекот му дал способност да зборува за да си ги скрие мислите? Сите луѓе се кријат зад зборовите кога се соочуваат со непријатна вистина. Непријатно е да стоиш во лифт со некого во многу интимна близина и да молчиш.

Тангото те соочува со таква ситуација: стоиш во интимниот простор на некое друго човечко суштество и молчиш. Разликата е во тоа што кога танцуваш танго уживаш во тоа молчење затоа што и двајцата партнери се фокусирани на нешто многу повеќе од самите нив, на музиката, на движењата, на комуникацијата.

Вистинската магија на танцот почнува и завршува тука – во поврзувањето. Во јавноста не е тоа толку познато, но во светот во моментов се случува една невидлива танго револуција, една танго-манија. Не постои поголем град во светот каде што нема да најдете фанатично посветена танго заедница која организира милонги (игранки) и која има свое училиште. Овде зборувам за социјалното танго, онакво какво што се игра во Буенос Аирес.

Оваа популарност на тангото не е случајна. Живееме во свет кој е многу динамичен и кој луѓето ги прави напнати, затворени во себе, исплашени еден од друг. Кога танцуваш танго, ти го добиваш спротивното – се опушташ, се отвораш, почнуваш да му веруваш на друго човечко суштество. И често, дури и не го познаваш оној со кој танцуваш – не е важно името, не е важно што работи, колкава плата прима, какво минато и каква иднина има. Она што е важно е што има во душата, што размислува и што чувствува. Има ли поубав и подлабок начин да запознаеш некого отколку овој?

2. Тангото е креативна и активна забава. Јас почнав да танцувам танго затоа што отсекогаш ми биле одбивни забави со гласна и нападна музика, со пијанства и повраќање, со трошење многу пари и покажување пред другите, со глупи муабети, оговарања и несолени зафрканции затоа што немаш што попаметно да правиш… Тангото е начин да поминеш неверојатно убава вечер без да мора да трошиш многу пари на пијачки или влезници, без да пиеш или да мора со некого цела вечер да зборуваш.

За убавината на танго музиката веројатно не треба ни да почнувам – тоа си е еден свет во кој не можеш да ја исцрпиш магијата. Јас познавам танго Ди-џеи кои и по петнаесет години откриваат нови песни кои претходно не ги знаеле и на тоа се радуваат како деца. Овде не зборувам за луѓе што немаат попаметна работа во животот – туку за остварени луѓе, хирурзи, инженери, интелектуалци, банкари, луѓе кои работат на одговорни места во големите европски метрополи како Берлин, Рим, Лондон, Париз, Барцелона.

Сум видел многу луѓе чии животи биле откорен променети откако научиле танго. Танцот да им дал нова смисла на живеењето.

3. Научно е докажано дека прегратката е добра за твоето здравје. Постојат многу студии за тоа колку е важна прегратката и какви ефекти таа има за здравјето. Овде ќе наведам само неколку поважни заклучоци до кои дошле научниците.

– го намалува нивото на стрес и напнатоста
– оние што редовно добиваат прегратка имаат подобра работа на срцето и подобар срцев притисок
– ја намалува депресијата и помага при егзистенцијалните стравови (страв од смрт и болести)
– го зголемува нивото на окситоцин, што ни дава топли и пријатни чувства

Тангото, кога првпат се појавило во Европа пред втората светска војна, било шокантно за Европјаните – токму поради интимноста на прегратката. Постојат многу теории за тоа зошто во тангото има толку интимна прегратка. Според мене најверојатна е онаа на професорот Освалдо Натучи.

Историјата вели дека Буенос Аирес на почетокот на 20. век бил место каде што доаѓале многу емигранти од Европа за да се збогатат во рудниците за сребро. Големо мнозинство од нив биле голобради момчиња кои ги напуштиле семејствата, мајките, татковците, сестрите и браќата, девојките и верениците. Тие се надевале дека ќе се збогатат и ќе се вратат кај своите семејства. Ова го знаеме со сигурност – затоа што многу од танго песните го пејат токму ова. Но, нивните соништа се распрснале во суровата реалност – 90 отсто од нив немале пари ниту да купат карта за да се вратат дома. Сиромашни, разочарани и осамени тие наоѓале утеха во танцувањето. Во таква средина е создадено тангото. Интимната прегратка е израз на човечки суштества кои страдаат и на кои им треба топлина.

Како што споменав во точката број 1, денес живееме во такво отуѓени општество што на сите ни е потребна таа интимна прегратка.

4. Кога танцуваш танго запознаваш многу луѓе. Ако ја погледнете мојата листа на пријатели на Фејсбук ќе видите дека во неа има луѓе од целиот свет. Не постојат бариери, не постои омраза и национализам меѓу оние што танцуваат. Често на шега велам, сите што танцуваат танго се Аргентинци, една нација.

Ако знаеш да танцуваш, можеш слободно да појдеш во било која светска метропола и самиот да се појавиш на игранка. По само неколку изиграни танди (танда е група од 4 песни), ти веќе имаш пријатели. Танго заедниците се како секти, било каде да појдеш, тие те прифаќаат како нивен.

Поради причините што ги споменав погоре, луѓето кои танцуваат танго се обично поотворени и попријателски расположени. Знам за многу танго пријателства кои ги преминуваат границите на танцот и стануваат вистински пријателства, а некои од нив и прекрасни меѓународни љубовни приказни.

Доколку ти се допадна идејата и доколку сакаш да ја почувствуваш магијата на тангото, јас овде сакам да те повикам да не чекаш и уште веднаш да ме исконтактираш за да те запишам за бесплатни часови. Да, постои место во Скопје каде што бесплатно може да научиш да танцуваш. Пиши ми веднаш!

Луѓето што не сакаат пари

macedonian-money-1501704Постојат луѓе на кои природно им оди кога станува збор за финансиските работи и онакви што секогаш имаат проблем со парите. Јас, за моја несреќа, спаѓам во вториве.

Сум работел како новинар и како менаџер за односи за јавност, сум работел хонорарно и на други места, ама секогаш тие места биле што подалеку од канцелариите на сметководителите во фирмата. Кога имало потреба да се пополни патен налог или да се напише даночна пријава или било што друго поврзано со финансиско работење ми доаѓало тешко чувство на бескрајно досадна работа. Буквално, чувство на гадење во стомакот.

Ако и ти со го почувствувал/а истото, веројатно како и јас, често доаѓаш во финансиски неприлики. Зошто? Веројатно поради тоа чувство на гадење и бескрајна здодевност. Луѓето што не се интересираат за текот на парите, оние што не ги прегледуваат сметките во ресторан пред да платат и што не ги пребројуваат парите пред да ги стават в џеб, веројатно не ни заслужуваат да имаат финансиски спокој. Таквите немаат почит кон личните финансии, па затоа се наоѓаат во паричен хаос.

Од таквите луѓе често може да се слушне и дека парите не им значат ништо во животот, па дури и она екстремното – дека парите се зло. Алчноста и стравот од сиромаштија се зло, одговорноста кон сопствените финансиски работи е неопходност ако сакаш навечер мирно да спиеш и да не умреш од срцев удар на 40 години.

Парите се подобри од сиромаштијата, ако ништо друго, поради финансиски причини – Вуди Ален

Со финансиската неодговорност доаѓа и финансиската неписменост, долговите и, како што веќе споменав нервозите, болестите и прераната смрт. „Јас не сакам пари“, „Не можам да се занимавам со такви тривијалности“, „Тоа треба некој друг да го сработи“ и слично, се само изговори на оние што не сакаат да си го носат товарот на сопствените работи на свои рамења.

Парите се само пари, зло е финансиската неодговорност!