Осум финти за помали трошоци кога си на пат

Осум финти за помали трошоци кога си на патБарцелона, Лондон, Берлин, Венеција… Ако и покрај ниските примања некако си успеал да заштедиш за патување во некоја европска метропола или туристичко место, можеш и дополнително да ги намалиш сите трошоци на својот престој со тоа што ќе трошиш паметно.

Ако си студент, невработен или некој кој навистина има тенок буџет, а не сака да си ускрати од патувања, овој пост ќе ти помогне секое туристичко доживување да биде дури двојно поевтино.

Бидејќи навистина многу патувам, луѓето често помислуваат дека имам многу големи примања и дека трошам премногу. Она што луѓето не го знаат е дека доколку паметно си го испланираш патувањето можеш да престојуваш било каде, а трошоците да не бидат многу поголеми од престојот дома.

Во овој пост ќе ти дадам осум начини како да си ги преполовиш трошоците на твојот престој во било кое место каде патуваш. Можеш да доживееш многу повеќе доколку вложиш малку време и енергија на планирање и претпазливо трошење – без да паднеш во замката на локалните трговци кои се богатат од непромислените трошења на туристите.

1. Подготви се – Најмногу се троши кога не знаеш што сакаш да видиш и каде да одиш во градот што го посетуваш. Затоа пред да тргнеш на пат направи едно истражување на интернет – кои места мора да се видат, како да стигнеш до нив, каде да јадеш и слично. Потоа направи план на патувањето со сите детали, како и каде да ги најдеш местата, телефонски броеви и адреси, а исто така е препорачливо да си даунлодираш и мапи. Јас лично ја користам Google Maps апликацијата каде што можеш да си ги симнеш локалните мапи и да ги користиш и офлајн. Провери ги и опциите и цените за превоз, а доколку имаш пријатели кои живеат таму, најдобра опција е да стапиш во контакт со нив.

2. Готви дома – Како и секаде, храната купена во супермаркет и зготвена дома е секогаш повтина отколку ресторан. Често е и поквалитетна. Кога ќе влезеш во супермаркет секогаш знај која храна е специфична за поднебјето каде што се наоѓаш – на тој начин ќе знаеш што да купиш затоа што тие производи обично имаат најниска цена и се најквалитетни. Ако си покрај море, обично риба и морски производи; ако си на планинско место, обично млеко и млечни производи и слично. Притоа немој да се чувствуваш непријатно да прашаш што да купиш, бидејќи не можеш да ги знаеш локалните брендови.

3. Бирај ги локалните ресторани – Дел од доживувањето на секое патување е да се проба локалната кујна. Затоа, во зависно од буџетот, гледам неколку оброци да имам во ресторан. Избирањето на ресторан е многу важно затоа што поголемите градови имаат многу ресторани наменети за туристи, каде што цените може да се и двојно поголеми. Затоа најдобро да ги побараш локалните ресторанчиња кои обично се на страна од прометните места, онаму каде што туристите не можат да ги најдат, а за нив знаат само локалните жители. Затоа е важно да познаваш некој локалец, што би можел да те упати. Локалните ресторани не се добри само за буџетот, таму и храната се подготвува на поавтентичен локален начин.

4. Користи јавен превоз – Доколку патуваш во група понекогаш такси превозот е поевтин – но најчесто јавниот превоз е најдобра опција. Избегнувај ги нападно рекламираните експресни превози кои се обично неколкупати поскапи од локалниот превоз. Секако дека понекогаш тие експрес директни линии се неизбежни, посебно ако треба да фатиш некој лет, но доколку си го испланираш времето паметно, може да скратиш двоцифрени суми во евра.

Овде сакам да ти напоменам дека често за подалечни дестинации – на пример до аеродром – во некои случаи е поевтино да купуваш карти онлине и неколку недели пред патот.

5. Избегни ги ловците на туристи – Разните тури со водичи и слично остави ги на богатите пензионери од западноевропските земји. Според макдонскиот просечен туристички буџет најдобро турите да си ги организираш сам и притоа да го користиш локалниот превоз или да пешачиш. Не велам овде дека треба да бидеш скржав и на работи кои навистина се корисни, но трошокот за вакви тури обично е превисок за она што го добиваш за возврат. Денес на интернет може да ги најдеш сите потребни информации за локалитетите што ги посетуваш, така што да плаќаш за водич е луксуз (искрено, јас многу повеќе им верувам на моите истражувања на интернет отколку на приказните на локалните туристички водичи).

6. Направи го ручекот главен оброк – Обично во туристичките места вечерата во рестораните има повисоки цени отколку ручекот. Секако, ова не е случај со сите држави и сите градови, но генерално е добра идеја да се проверат разликите во цените. Јас лично не сум ги осетил многу овие разлики, но многу извори го посочуваат ова како нешто на што би требало да се обрне внимание кога патуваш со тенок буџет – па затоа еве, го приложувам и тоа на оваа моја листа.

7. Избегни ги ситните трошоци – Ако си студент или невработен, и ако патуваш со навистина тенок буџет, паметно е однапред да испланираш колку можеш да потрошиш во текот на еден ден. Ако се тоа 10 евра (што во просек е некој минимум со кој може да поминеш во просечна европска земја) тогаш нема да се опушташ со кафиња или сокчиња во кафич – наместо тоа ќе си понесеш шишенце со вода од дома и кога ќе се измориш ќе седнеш на клупа во парк или покрај пристаниште. Ужинката може да ја смениш за сендвич од дома, јаболко или банана што ќе си ги носиш во ранецот. Дури и влегувањето во супермаркет може да донесе трошоци поголеми од планираните, затоа биди многу воздржан за секоја ситница што ја купуваш. Внимавај на дневниот лимит што си го зацртал.

8. Фаст фуд туризам – Ако првите денови кога буџетот е прилично комотен сум се опуштил, па сум си дозволил повеќе оброци во ресторан, на крајот неколкупати ми се случило да мора да штедам на храна. Тоа сè уште не значи дека треба да гладуваш, туку дека ќе треба да побараш нешто поевтино. Најпрепорачливо во такви случаи е да се храниш во фаст фуд ресторани. Не знам зошто многумина кај нас (додека го имавме) мислеа дека Мекдоналдс е скап ресторан – можеби затоа што беше поскап од другите сендвичари, но во големите европски метрополи, ваквиот тип ресторани за брза храна е евтина варијанта. Покрај Мекдоналдс, Сабвеј и слично, прилично пристојна храна за ниски цени може да се добие и во рестораните за кебаб и донер.

Доколку те интересираше овој пост, можеби ќе сакаш да ја ѕирнеш и мојата е-книга „Пат околу светот за еден денар“, каде што ќе најдеш и други финти за евтини патувања.

Помогни им на твоите пријатели со тоа што ќе го споделиш овој пост на Фејсбук, Твитер или преку е-маил или месинџер. Посебно ќе им користи на оние кои се подготвуваат наскоро да отпатуваат некаде. Доколку имаш некое свое искуство и ако си научил некоја финта за штедење при престој во некоја европска метропола, јас и моите читатели ќе ти бидеме благодарни доколку ги споделиш со нас во коментари, или на емаил (па јас ќе ги споделам во некој иден пост).

Добиј бесплатна книга – прирачник за евтини патувања

Пат околу светот за еден денарСекој што ќе се претплати на мејлинг листата на блогов ќе добие бесплатна e-книга „Пат околу светот за еден денар“. Станува збор за прирачник за евтино летање со авион: од наоѓање евтини карти до практични начини на пакување.

Содржините на edendenar.com можеш да ги следиш со тоа што ќе се претплатиш да ги добиваш директно преку електронска пошта. Како бонус ја добиваш оваа книга која ќе ти помогне да патуваш со авион било каде во Европа со трошоци поевтини дури и од 100 евра.

Ќе бидам искрен: кога го објавив мојот пост за евтини авионски карти не очекував да биде толку читан и да има толку споделувања на социјалните мрежи. За неполни 48 часа постот имаше над 70 споделувања на Фејсбук, а го презедоа и некои портали.

Сакајќи да им помогнам на сите оние кои сакаат да патуваат евтино решив да ја направам оваа бесплатна е-книга. Дел од содржините што ќе ги најдете во неа веќе беа објавени на блогов, но голем дел е нов и надграден. Во неа влегоа и сите информации што ги добив дополнително од искуствата на моите читатели. Јас им благодарам на сите што коментираа и посебно на оние што ми праќаа приватни пораки и мејлови преку кои ги споделија своите искуства. Доколку и ти имаш некое искуство кое би им користело на другите, сподели го, исто како што и ние ги споделуваме нашите со тебе.

Книгата ја делам бесплатно. Единствено нешто што барам од моите читатели за возврат е да се претплатат на мојата листа.

Еве во продолжение што точно содржи книгава:

1. Како да најдеш евтина авионска карта?

– Дел во кој е објаснето кои се најдобрите сајтови што пребаруваат летови и како може да ги користиш. Опишани се финтите и триковите за наоѓање евтини карти – експериментирање, симулирање, патување од и до соседните аеродроми

2. Што можеш да сториш ако пребарувачите не помогнат?

– Дел во кој е објаснето што можеш да направиш ако пребарувачките машини не ти помогнат. На кој начин може планот на летови да го направиш самиот. Овде исто така е објаснето како да го намалиш ризикот да пропуштиш некој лет.

3. Како да купиш поевтина карта со Виз-ер?

– Дел во кој е објаснето на кој начин можеш да добиеш уште поевтини карти со Виз-ер користејќи ја мобилната апликација, ваучерите за попуст. Овде е исто така објаснето на кој начин може да заштедиш на багажот.

4. Како да се пакуваш за да патуваш поевтино?

– Посебен дел наменет за тоа како да се спакуваш за да заштедиш колку што може повеќе од трошоците на багажот. Чекор по чекор метод како да го оптимизираш куферот.

За да ја добиеш бесплатната книга доволно е да го внесеш својот имејл во долново поле. Со внесувањето на мејлот стануваш и претплатник на Еден денар. Биди спокоен – не планирам твоите податоци да ги користам за спамирање – листата ја користам само за комуникација со моите читатели.



Поддржи ја мојата работа со тоа што ќе го споделиш овој пост на својот Фејсбук профил и на Твитер. На тој начин и твоите пријатлеи ќе имаат можност да ја добијат книгава и да можат да ги следат содржините на мојот блог.

Пет нешта што мора да ги знаеш за патничкото осигурување

Патничко осигурувањеПатничкото осигурување е дел од работите што со себе треба да ги носи секој што патува. Пасошот, билетите, резервацијата за хотел/хостел и кеш. Не сум баш сигурен дека повеќето знаат како функционира и како да го искористат патничкото осигурување доколку имаат потреба. Ова го велам затоа што до скоро и јас не ги знаев овие работи.

Ќе се обидам во овој пост да ги објаснам клучните работи што треба да ги знаеш кога станува збор за патничкото осигурување.

Секако дека овде не можам да кажам сè што би требало да се каже, но мислам дека е ова добра основа за паметни одлуки.

Неодамна патував со автомобил до Романија. Патувавме преку Бугарија. Некаде на стотина километри после Софија не сопреа бугарски полицајци и покрај вообичаените документи поврзани со возачот и возилото од сите патници побараа и патничко осигурување. Повеќето од нас немавме. Ова беше еден од ретките моменти кога и јас немав. Не знам какви се регулативите во Бугарија и дали ни следуваше казна, ама поминавме добро – не пуштија без никаква казна.

Зошто им беше важно да имаме патничко осигурување? Затоа што ако нешто ни се случи, грижата за нас додека сме на нивна територија, ќе требаше да падне на товар на бугарската држава. А грижата за некој за кого не сакаш да платиш е обично лоша или никаква.

Затоа, доколку патуваш во странство е неопходно да се осигураш.

Како што веќе пишував во мојот пост за избор на осигурување, кај нас обично патничко осигурување се вади ретко, освен ако за тоа не сме обврзани при поднесувањето документи за виза и слични процедури. Тоа е голема грешка што обично ја правиме поради недостатокот на финансиско образование.

Патничкото осигурување при не-дај-боже ситуации може да те спаси од трошоци кои 1) нема да можеш да ги платиш никако тогаш кога ќе ти треба здравствена услуга, и 2) дури и да ги платиш, ќе влезеш во долгови за кои ќе ти требаат години за да ги вратиш ако си на просечна македонска плата.

Еве одговори на неколку прашања поврзани со патничкото осигурување кои ќе ти помогнат да донесеш паметни одлуки.

1. Како да знам дали ми треба патничко осигурување? – Одговорот на ова прашање е едноставен: ако патуваш, ти треба. Ова посебно важи за оние кои патуваат почесто и за оние кои на патувањата имааат активности при кои е поголема можноста за повреди.

Секако дека секој може да го заболи заб кога е во странство и да мора да оди на забар, но уште поголема е веројатноста да се повредиш ако одиш на скијање или ако си таму службено и работиш нешто со голем ризик од повреди. Здравствениот систем на земјата во која престојуваш нема обврска да те лечи и, колку и нехумано тоа да звучи, често нема да преземе многу за да ти помогне ако не можеш да платиш за тоа. Тука доаѓа во игра патничкото осигурување.

Кога си платил патничко осигурување ти си ја задолжил осигурителната компанија да ги покрие твоите трошоци за лечење доколку ти се случи нешто додека си во странство.

2. Кои се добри осигурителни полиси? – Таму каде што купуваш автобуски билет или во туристичката агенција најверојатно ќе можеш да купиш и патничко осигурување. Овие полиси чинат 200 до 300 денари, но дали си информиран што добиваш со тоа осигурување?

Прво, оние што ти ги продаваат овие полиси веројатно знаат што ти продаваат исто колку што знаеш и ти. Ова се готови пакети кои содржат фиксен број денови на кои си осигуран. Овластено лице од осигурителната компанија ги носи во транспортното претпријатие или туристичката агенција за тие да ги продаваат. Оние што ти го продаваат тоа осигурување начесто немаат компетенција да ти објаснат или да ти препорачаат пакет што е најповолен за тебе.

Второ, најчесто овие полиси се со фиксен број на денови. Ако, на пример, полисата важи за 10 дена во текот на една година, тоа значи дека 365 дена од датумот кога си ја купил, 10 дена престој во странство ти се покриени со осигурувањето. Овие, поефтини пакети, се често со фиксен број на денови и ти не можеш да го менуваш бројот во зависно од тоа колку денови престојуваш во странство.

Трето, пониската цена често си носи и свои ризици. Тоа значи дека колку поевтина полиса имаш, поголема е шансата да не го добиеш она што си го договорил ако има потреба. Затоа секогаш внимавај да купиш полиса од релевантна компанија. За тоа како да бираш види во точка број 3.

Четврто, секогаш кога купуваш паничко осигурување барај да ти биде објаснето што треба да направиш во случај да ти треба помош додека престојуваш во странство. Доколку оној што ти ја продава полисата не ти го објаснува тоа, инсистирај да добиеш таква информација. Ако кога ја купуваш полисата останеш збунет, веројатно си купил од погрешно место. Немаш корист од осигурување, ако не знаеш како ќе го искористиш ако ти треба.

Петто, не заборавај, понекогаш вреди да додадеш 100-тина денари повеќе доколку знаеш дека она што си го купил вреди.

3. Кои се релевантни осигурителни компании? – Како што споменав, јас веќе пишував за избор на осигурување и осигурителна компанија. Овде ќе го пренесам упатството за избор на релевантна компанија што го напишав таму:

Не е сеедно во која компанија ќе се осигураш. Исто како да купуваш кола, шкода е поевтина од мерцедес, ама она што го добиваш е пропорционално понеквалитетно. Во осигурувањето тоа се мери со фактот дека релевантните компании исплаќаат суми кога навистина има штети, а помалку релевантните може да бараат секакви изговори само да не ти платат или да ти платат помалку. Затоа, внимавај каде ќе се осигураш, зашто ако не одбереш добро – тоа може да бидат фрлени пари.

Прашањето што мене ми се постави и кое знам дека и вам ќе ви се постави е – како да знам која е релевантна компанија. Не сакајќи во овој текст да фаворизирам или рекламирам, побарав да ми дадат извор каде што ќе видам која е релевантна. Таков постои, тоа е Агенцијата за супервизија на осигурување, која прави годишни извештаи. Пребарај ги извештаите – еве го оној за 2015 година (pdf), објавен летово. Ако те мрзи да пребаруваш, моја препорака е да ги ѕирнеш табелите број 8 и, посебно, број 19.

4. Што да направам ако ми се случи нешто во странство? – Следи ги упатствата што ти ги дал оној што ти ја продал полисата. Но, еве накусо, до кои информации дојдов јас.

Релевантните осигурителни компании имаат склучено договор со меѓународни компании кои се провајдери на помош. Провајдерите, пак, во секоја земја имаат договор со пределен број на болници, а некогаш, доколку станува збор за поголема држава, имаат и сопствени тимови, со коли, хеликоптери и слично.

Ќе се обидам тоа да го објаснам со измислен пример. Ако отидеш да речеме на еднонеделен одмор во Париз. Ако на пример се случи сообраќајка во која твојот автобус се преврти и ти се задобиеш со скршеница на ногата, потребно е веднаш да се јавиш на телефонскиот број што ќе ти го даде твојата осигурителна компанија – овој број обично го има во документите што ќе ги добиеш. На твојот повик ќе одговори некој од кол центарот на провајдерот (кол центрите обично работат 24 часа). Тој ќе побара од тебе да му дадеш информација за полисата (најчесто некое бројче или некоја шифра што ја има во документите), и откако ќе утврди дека си осигуран, ќе се јави во најблиската болница со која провајдерот има склучено договор и оттаму ќе пратат кола по тебе. Во зависност од полисата што си ја склучил, трошоците на твоето лечење ќе ги покрие твојата осигурителна компанија.

Релевантните осигурителни компании во секој момент на сметката на провајдерот имаат извесна сума во зависност од бројот на полиси. Секогаш кога дел од овие средства ќе се потрошат, осигурителната компанија ги надополнува со нови за да бидат обезбедени сите осигуреници кои имаат потреба од здравствена заштита во странство.

Инстант патничките осигурувања често важат само за неколку земји затоа што осигурителните компании имаат склучено договор со болници само во неколку земји, не и со провајдери. Така што имаш значителни ограничувања.

Да не зборувам за тоа колку поевтини болници (и соодветно понеквалитетни) ќе се грижат за тебе доколку купиш поевтино осигурување.

Информирај се за овие детали кога одбираш каде ќе се осигураш. Како што реков, осигурителната полиса не ти вреди ништо, ако не знаеш како би можел да ја искористиш кога ќе ти треба.

5. Каде да се обратам ако сакам осигурителна полиса? – Секако дека можеш да си купиш осигурителна полиса онаму каде што е најлесно – на шалтерот каде што купуваш автобуски карти. Ама јас лично не би го советувал тоа.

Прво, дај си време. Една недела пред да патуваш издвои еден или два часа за да си обезбедиш патничко осигурување. Не е паметно тоа да го правиш ден-два пред патот, кога ионака обично луѓето стануваат нервозни и донесуваат одлуки набрзина.

Второ, одбери релевантна осигурителна компанија. Еден мал прилог кон тоа како ќе донесеш одлука нека ти биде она што јас го објасни во точка 3. Прашај ги и оние што често патуваат дали имале искуство со компаниите кои ти се на располагање.

Трето, пресметај отприлика колку денови планираш да престојуваш во странство во наредните 365 дена. Полисата што ќе ја склучиш ќе треба да биде на толку денови колку што ќе бидеш во странство.

И уште еден совет на крај – немој да се затрчуваш по најевтината варијанта, немој ни по најскапата. Јас лично би одбрал некоја средна опција. Доколку ти треба дополнителна помош за избор на твојата полиса можеш и да ми се обратиш со директна порака и јас ќе сторам сè што можам за да ти помогнам..

Ако ти се допаѓа овој пост веројатно ќе ти биде интересен и прирачникот за избор на осигурување. Сподели го постов на социјалните мрежи и помогни им и на твоите пријатели да имаат корист од него. Претплати се на мојата мејлинг листа за постојано да добиваш корисни содржини како оваа на твојот имејл.

Финти за пониски цени со Виз-ер

Финти за пониски цени со Виз-ер

photo credit Kuba Bożanowski, Wikimedia

Евтините авиокарти на Виз-ер може да бидат уште поевтини. Што можеш да направиш за да ги имаш овие уште поевтини цени?

Доколку внимателно ги прочиташ упатствата и услугите што ги нуди компанијата, и ако внимаваш на неколку други детали за кои ќе пишувам во постов ќе се изненадиш од разликата во цените.

Во овој пост ќе се обидам да ти дадам неколку сугестии, нешто од сопствено искуство, нешто од препораките кои ги дава самата компанија на нивниот сајт.

Македонија нема свој национален авиопревозник, ама го има Виз-ер. Тоа е, за жал, единствената нискобуџетна компанија која лета од Македонија до европските центри. Симнувањето на визниот режим со ЕУ и доаѓањето на Виз-ер беа најдобрите нешта што можеа да му се случат на просечниот македонски граѓанин од аспект на патување и размена.

Според компанијата од нивниот старт во Македонија во јуни 2011 година, со нив од земјава патувале повеќе од милион патници. Тоа би било отприлика колку пола Македонија.

Со карти кои почнуваат од 10 евра, станува збор за навистина евтини летови, кои често се и неколку пати поевтини од користење автобус за истата дестинација. Но, цените на билетите понекогаш знаат да бидат и неколкупати поскапи, дури до 100 евра. Искористувајќи некои од овие сугестии, може да намалиш барем дел од оваа цена.

1. Инсталирај мобилна апликација – Најважната предност што ја добиваш кога ја имаш мобилната апликација е што добиваш нотификација на мобилниот секогаш кога Виз-ер нуди попусти. Најинтересен попуст што го давале досега ми бил оној кога со секоја купена карта добиваш уште една бесплатно. 2 за 1. Исто така, често знаат да дадат и попуст од 20%. Понекогаш се добива и попуст на багажот.

Секогаш кога има попуст мобилната апликација става знак во облик на логото на Виз-ер, горе од левата страна на твојот дисплеј на мобилниот. Така никогаш нема да пропуштиш ниеден попуст. Има можност овие известувања да ги добиваш и по и-мејл, но тоа не е ни одблиску толку корисно колку нотификацијата што ти ја дава мобилната апликација.

Барав, но не успеав да најдам на сајтот можност да добивам информација секогаш кога има промена во цените на определен лет. Оваа опција не ја најдов ниту на сајтот, ниту на мобилната апликација.

Од другите можности, преку мобилниот можеш да пребаруваш летови, и тоа, според мене, на многу попрегледен и поедноставен начин од оној на сајтот на Виз-ер. Исто така, преку мобилната апликација е можно да се букираат летови исто како и на вебсајтот. Една од функционалностите на апликацијата кои ги најдов за корисни е и можноста да направиш чек-ин.

2. Купи си ваучер за попусти – Стандардниот ваучер чини 30 евра годишно. За него добиваш попусти за двајца патници. Тоа значи дека овој ваучер е погоден за оние кои патуваат сами или во пар. Доколку патуваш и со други луѓе за тебе е ваучерот за групни попусти кој чини 50 евра.

Со ваучерот добиваш попуст од 10 евра од секој билет и по 5 евра од секоја голема торба за чекирање.

Wizz discount

Еве како на сајтот се рекламира оваа опција

Некој ќе си помисли дека не му се исплаќа да купи ваучер ако патува само еднаш годишно. Тоа не е секогаш точно. Ако патувате двајца, одење и враќање, тоа се вкупно 4 билети. Дополнително може да се смета двајцата да земат и една торба за чекирање, во два правци. Значи имаме 4 карти пати 10 евра, тоа се 40 евра попуст. И уште двапати по 5 евра за торбата, тоа се 10 евра попуст. Тоа се 50 евра попуст, а ваучерот чини 30 евра.

Секако оваа пресметка оди ако патувате двајца, и под услов картите да се поскапи од 20 евра секоја. Колку и да имаш попуст, цената на картите не смее да оди под 10 евра.

Пресметај, можеби ти се исплати да се зачлениш за 30 евра и да ги добиеш тие попусти. Уште една напомена, попустот за багаж не важи за букирањата пред да се порача ваучерот за попуст.

Доколку патуваш со Виз-ер повеќе од еднаш годишно, да не користиш ваучер за попуст е бесмислено, затоа што во секој случај на крај добиваш повеќе отколку што си платил за ваучерот.

3. Не се опуштај со багажот – Внимателноста со багажот се подразбира. Јас веќе напишав еден пост за тоа како да се спакуваш во што помал куфер за да можеш да патуваш лесно и без премногу работи со себе – и, секако, поевтино. Овде еве еден мал список на препораки:

а) ако патувате двајца или повеќе, секогаш искомбинирајте се да земете една заедничка голема торба за чекирање. На тој начин, ќе имате малку повеќе место во чекираната торба, како и можност во неа да носите течности, шишиња и слично; а истовремено секој од вас има право со себе да понесе и една малечка рачна торба за во кабина. Плус, една чекирана торба е малку поевтина од две големи кабински торби.

б) секогаш кога можеш патувај со мала торба за во кабина. Тоа е бесплатно, а истовремено добиваш ограничен, но корисен простор за твоите работи. Ако сметаш дека ќе можеш да поминеш со помалку работи од вообичаено, тогаш пробај ја оваа опција.

в) не мора торбата да ја резервираш секогаш кога ја купуваш резервацијата. Ако немаш пари во моментов, торба може да резервираш кога ќе правиш чек-ин. Нема никаква разлика во цената.

г) внимавај на димензиите. Кога ќе одиш на аеродром стави ја торбата во металните решетки наменети за проверка на големината на торбите. На скопскиот аеродром понекогаш знаат да ти прогледаат низ прсти, но онаму каде што сум бил низ Европа, службениците на чек ин дескот знаат да бидат прилично ригидни.

Корисно е да имаш мека торба, која би можела да е флексибилна и да влезе во решетката.

Исто така, може да појдеш на некоја од празните ленти за чекирање и да мериш колку ти тежи торбата. Корисно е да имаш опција кои работи би ги извадил од торба за да дојдеш до посакуваната тежина, но за да можеш да празниш, мора со тебе да има некој кому би му го оставил она што си го извадил од торбата.

Во секој случај, прочитај ги внимателно пропозициите за багаж на Виз-ер.

4. Приорити бординг – Искрено, не ја гледам смислата на користење приорити бординг опцијата. Посебно сега кога Виз-ер воведоа резервирани броеви на седиште.

Друга причина зошто не ти треба приорити бординг е фактот дека ако застанеш прв во редот да влезеш во авион, ти ќе бидеш веднаш зад последниот патник со приорити. Разликата меѓу тебе и него е занемарлива.

Но, по разгледување на тоа што ти се нуди, сфатив дека кога имаш приорити бординг имаш можност да земеш уште едно парче багаж со тебе, како на пример лап топ и слично. Ако се земе предвид дека опцијата за приорити бординг чини 2 до 3 евра, тоа е значително поевтина варијанта отколку да порачаш уште едно парче багаж.

Доколку ти се допадна постов веројатно ќе ти бидат интересни и мојот прирачник како да најдеш евтина авионска карта, како и ризичните финти за наоѓање евтини авионски карти.

Сподели го постов со твоите пријатели на социјалните мрежи. Не заборавај да се претплатиш за да ги добиваш содржините директно во твојот инбокс.

Идеи за бесплатни патувања

Идеи за бесплатни патувањаКога немаш пари, а сакаш да го видиш светот, треба да размислуваш за бесплатни патувања. Немој да им дозволиш на парите да ти го ограничат животот. Ако сакаш доволно, секогаш можеш да изнајдеш начин да видиш некое место и да отпатуваш таму каде што сакаш да бидеш. Не ти се потребни пари за да оствариш некои од соништата, потребно е само да се потрудиш малку повеќе и, најважно, да бидеш активен во потрагата по она што го бараш.

Во овој пост ќе опишам неколку идеи до кои луѓето дошле за да не им дозволат на парите да ги спречуваат во нивните намери да патуваат. Во некои од начините овде опишани, дури лежат и можности да заработиш.

Патувањето не е секогаш до парите. Доколку си доволно инспириран да сакаш да патуваш, веројатно во тебе веќе постои авантуристички дух. Зошто да не го искористиш тоа да почнеш да експериментираш со разни начини на патување? Луѓето сакаат да патуваат и сакаат да го видат светот. Оние најупорните не им дозволуваат на парите да им пречат да го искусат животот што го сакаат. Таквите смислиле безброј нови начини кои се бесплатни или многу евтини, а понекогаш дури и профитабилни.

Идеите кои овде ги наведувам се само начин на кој може да патуваш бесплатно или многу евтино. За вистински да патуваш, потребно е да имаш желба, одважност да тргнеш и да не одложуваш. Најди кар-шеринг опција, најди кауч каде што ќе може да преспиеш, најди некоја привремена работа во градот каде што патуваш – и веќе имаш план.

1. Кауч-сурфинг – Концептот во суштина подразбира преспивање во домот на жител на градот во кој што патуваш. Должината на престојот и сите детали се договараат однапред преку социјалните мрежи, а постојат многу сајтови и фесјбук групи каде што можеш да стапиш во контакт со луѓе што нудат бесплатно преспивање.

Нормално, првото прашање што на многумина им се поставува е колку е тоа безбедно? Никој не може да понуди стопроцентна гаранција, но оние кои го користат овој начин, посебно ако е тоа преку некоја од официјалните кауч-сурфинг мрежи, на сајтот може да прочитаат коментари и рецензии за понудите. Нема поголема гаранција од искуството на некој што пред тебе престојувал некаде.

Јас лично не сум го користел овој начин, затоа што не сум имал потреба, а и не се чувствувам добро кога некому му одземам од удопството, но не гледам причина зошто не би го направил тоа во иднина. Познавам луѓе кои престојувале со кауч сурфинг и велат дека е ок начин да си поминеш поевтино.

Каучсурфингот е најпопуларен во европските земји, но го има и во Северна и Јужна Америка, како и на далечниот исток и во Австралија.

Не би можел да ти дадам конкретна препорака, но доколку си заинтересиран пробај некоја од социјалните мрежи за оваа намена. Знам дека постојат и групи на Фесјбук кои се посветени на каучсурфинг, но јас сепак би одел со специјализираните социјални групи, затоа што нудат малку повеќе информации за тоа каде преспиваш.

2. Кар-шеринг – Станува збор за модел во кој доколку некој веќе патува некаде со автомобил, нуди можност да му се придружат и други со кои би можел да ги сподели трошоците. Ова е навистина добар и прилично евтин начин на превоз.

Јас лично досега не сум го искористил иако неколку пати сум стапил во контакт со луѓе кои нуделе превоз преку кар-шеринг социјалните мрежи. Единствена причина што не сум ги искористил овие можности е тоа што сум нашол друга евтина опција.

Во Европа е прилично популарен сајтот Бла-бла-кар, а за повеќе може да пребараш на Гугл (јас најдов неколку листи со сајтови кои нудат кар-шеринг опции од кои би ја предложил оваа).

3. Работа на брод – Ова е прилично популарен начин за младите во Македонија. Покрај тоа што на овој начин можеш да видиш места што обично не можеш да ги посетиш во ниеден случај со буџетот на просечен жител на Македонија, ова е и начин да заработиш. Познавам луѓе кои се вратиле со прилично добра заштеда од работа на брод.

Како подваријанти овде би ги навел и работа како бејбиситер и сезонска работа на плантажа за овошје и зеленчук, нешта кои се исто така доста популарни меѓу младите во Македонија. Единствено, што со последниве две не се патува толку колку што е тоа случај со работа на брод. Исто така, на брод нема каде да ги потрошиш парите, па повеќе и се заштедува.

Информации за сите овие може да добиете преку соодветните агенции кои постојат во земјава, а не знам дали е возможно да се добие ваква работа доколку директно аплицираш до компанијата или во земјата каде што треба да отпатуваш.

4. Приватно сместување – Кога во Македонија ќе споменеме приватно смествуање прво нешто што ни паѓа на памет е сместување во Охрид или во другите туристички места во земјава. Меѓутоа тоа може да се користи и било каде низ светот. Постојат многу сајтови каде што можеш да најдеш поволно сместување, од обична соба до луксузна куќа со базен. Доколку патуваш заедно со пријатели тоа може да биде значително поевтина варијанта отколку да престојуваш во хотел. Секако, ова не е бесплатна варијанта, но може да биде најблиското нешто до бесплатна, посебно ако си некој на кој му се потребни малку повеќе услови.

Јас ја користам оваа варијанта прилично често. Постојат многу сајтови кои обезбедуваат комуникација меѓу оние кои изнајмуваат и оние кои бараат сместување. Најпопуларен таков сајт во моментов е Airbnb.

5. Волонтирање – Многу активистички и хуманитарни организации имаат потреба од работна сила. Размисли, доколку имаш некоја страст и талент, и доколку имаш желба некому да му помогнеш можеби ова е твојата најдобра опција за да патуваш и да го видиш светот. Провери ги организациите кои се занимаваат со работите кои те интересираат и исконтактирај ги дали им треба помош од волонтери. Обично ваквите организации на волонтерите може да им понудат сместување и три оброци дневно, а тебе не ти е потребно ништо повеќе. Лоша страна е што волонтерската работа ќе ти одзема доста време и енергија; добра страна е што директно ќе се запознаваш со многу луѓе и култури.

Размислувај за работиве кои ги наведов во постов само како за идеи. Сигурен сум дека многумина имаат и други. Во тој случај сите ние ќе им бидеме многу благодарни ако ги споделат со нас во коментари или кај мене во порака, па јас ќе најдам начин да им го соопштам на читателите на блогов, дали преку посебен пост или во коментари.

Сподели го постов на социјалните мрежи и помогни им на оние кои сакаат да патуваат, а се чувствуваат блокирани од недостигот на пари. Претплати се на мојата имејл листа и не ги пропуштај новите содржини.

Патувај со рачен багаж или мала торба

лесниот куфер е лесен и за новчаникотПатувањето само со рачен багаж не само што е евтино, туку е и практично. Луѓето што пакуваат преголеми торби, своите куфери не ги полнат само со алишта, туку внатре ги ставаат и своите стравови: а што ако тоа ми притреба, а што ако се разболам? Поради тие стравови тие мора да платат такси затоа што не можат да пешачат од станица до хотел, а на авиокомпаниите им плаќаат чекиран багаж.

Во овој пост ќе објаснам како би требало да се пакува секој што сака да се чувствува лесно и слободно.

Постојат два начини на пакување: инстинктивен и планиран. Обично колку нешто почесто правиш, толку помалку ти треба планирање и толку повеќе користиш инстинкт. Во овој пост ќе објаснам дека со пакувањето е обратно: колку повеќе имаш искуство, толку повеќе сфаќаш дека доброто планирање е мајка на знаењето… упс, не. Доброто планирање при пакувањето е најдобар пријател на твојот буџет и на твојата кичма.

Во моево неколкугодишно глобтротерско искуство сум ги користел и двата методи. Ти гарантирам, ако се пакуваш инстинктивно ќе земеш 30% повеќе работи отколку што навистина ќе ти требаат, плус 100% ќе заборавиш да земеш некоја ситница што навистина ти треба.

Ок, еве како треба да се планира пакувањето. Ќе го објаснам мојот метод чекор по чекор.

1. Патни информации – Почнувам со бележникот: јас го користам Evernote затоа што може да пишувам на лаптоп или десктоп, а истото потоа може да го гледам и уредувам и на мобилен. Пред да тргнеш задолжително сетирај да можеш да го користиш информаторот офлајн, затоа што во странство не можеш секогаш да се качиш на интернет.

Мојот информатор обично содржи неколку оддели:

  • корисни адреси – каде се наоѓа станот или хостелот каде што ќе спијам, заедно со упатства како да стигнам од аеродром до железничка, од железничка до центар и таканатаму
  • такси, автобус, метро – пред да патуваш било каде задолжително изгуглај информации за градскиот траспорт: неинформираниот секогаш плаќа двојно. Пребарај навреме: ако не го најдеш инфото што ти треба, ќе најдеш форуми каде што ќе може да прашаш – за тоа треба време.
  • препораки – благодарение на тангото имам пријатели во скоро сите држави во Европа. Пред да одам таму задолжително се обидувам да добијам информации кои не ги знам, а би требало – посебно ако првпат патувам во земјата.
  • програма – мојата програма е главно танго – колку милонги (игранки) има и кога. Во твојата програма веројатно ќе влезат посети на музеи, знаменитости и слично. Како и да е, колку попрецизна програма ќе имаш, толку полесно ќе може да се спакуваш
  • временска прогноза – иако луѓето повеќе веруваат во хороскоп отколку во временската прогноза, треба да ги имаат и овие информации. Ако ништо друго, ќе им користат многу повеќе отколку хороскопот.

Кога ќе бидеш во странство ќе си честиташ себеси што си го направил ова. И твојот буџет ќе биде среќен исто така.

2. План за пакување – Кога ќе го правиш планот почни од програмата што ја направи во патните информации. Ако планираш да се излежаваш на плажа ќе носиш поинаква облека отколку ако во програмата имаш 5 милонги за 3 дена.

Точка по точка, дефинирај што ти треба. Ако планираш 2 вечерни излегувања и 2 дневни прошетки, ќе си испланираш да имаш облека специјално за тоа.

Мене ми е корисно во списокот да ја внесам и облеката што ќе биде на мене по пат. Еве на пример како би изгледало дел од списокот:
5 маички (1 на мене)
1 кошула
1 фармерки (на мене)
1 дукс (на мене)
долна пижама

Во планот ги ставам сите можни предмети што идат со мене: каиш, новчаник, пасош, карти, осигурување, iPod, Kindle, мобилен, полнач, кабли за полнач и тн. Само така нема ништо да заборавиш. Тежок е само првиот список што ќе си го направиш – секој следен е само адаптација.

3. Оптимизација – Не постои куфер кој што не може да се испразни за една третина, а притоа ништо да не ти фали.

За вечерно излегување не ти треба кошула, таа зафаќа место и бара пеглање – ќе поминеш и со маичка: сигурно нема да се сликаш на црвен тепих на доделување Оскари. Нема да ти треба несесерот за хигиена: ќе си поминеш ок и само со пастата и четката заби. Не ти требаат два парфеми, или оној во шише од 100ml – земи го малото шишенце – сеедно е на кој пафем ќе мирисаш.

Лекови, ханзапласти, работи за не-дај-боже, чаеви, бабини деветини и слични работи не носи никогаш со себе. Како што веќе кажав: стравовите кога ќе ги спакуваш во куферот тежат повеќе од самите алишта. За три-четири дена ќе преживееш и без нив.

Испланирај да имаш точно колку што ти треба и не понесувај резервна варијанта. Кога си решил да патуваш евтино, треба да научиш понекогаш да ги носиш истите работи по двапати. Јас тоа кога сум дома никогаш не би го сторил, но за да си го заштитиш буџетот, малку ќе ги спуштиш стандардите кога си во странство. Ако станува збор за викенд патување, машките може да се откажат од редовно бричење тие неколку дена. Подобрите хостели имаат на располагање гел за туширање во заедничките бањи, а за секој случај, наместо 100ml гел за туширање, можеш да си носиш едно мало сапунче. Ќе преживееш и со тоа. За да знаеш од што може да се откажеш, мора и да се информираш колку што можеш подобро – дали хостелот нуди пешкири или мора да си понесеш, што друго има, а што нема. Понекогаш е поефтино да тркнеш до кинеската продавница во градот каде што патуваш за да си купиш пешкир, отколку да носиш со себе.

4. Во и надвор од куферот – Во куферот одат најлесните и најмалите парчиња облека. Најголемите и најтешките – ги облекуваш на тебе: дуксот, јакната, фармерките, патиките. Со нискобуџетните летови плаќаш за багаж, но дозволено е во раце да носиш јакна или дукс, книга или таблет. Во куферот одат најлесните парчиња и оние што зафаќаат најмалку место.

За жал, лаптопот се смета за посебна торба, па ќе мора да го спакуваш во куферот со другите работи – не може да го носиш в раце како книга.

Веројатно забележа дека точките за информирање и планирање се подолги отколку оние поврзани директно со куферот – тоа е затоа што првите две точки се поважни отколку вторите. Вторите се всушност мануелната работа, само спроведување на планот што си го направил.

Доколку ти се допадна овој пост веројатно ќе те интересира и оној за тоа како да најдеш евтини авионски карти, и неговото продолжение со ризичните финти за наоѓање евтини летови.

Сподели го овој пост на својот ѕид на Фесјбук или Твитер за да им користи и на твоите пријатели. Ако имаш идеи или ако сакаш да го споделиш своето искуство во лесно пакување тоа може да го направиш во коментарите под постов.

Ризични финти за наоѓање евтини авионски карти

Ризични финти за наоѓање евтини авионски карти
Може да најдеш евтини авионски карти дури и кога сајтовите за пребарување летови нема да ти дадат поволна понуда.

Во Прирачник за наоѓање евтини авионски карти пишував како може да најдеш поволни опции преку пребарувачите. Во вториот пост за евтини авионски карти ќе ги разгледаме останатите опции.

Пред да научам макар нешто од тоа како се наоѓаат поволни билети, неколкупати ми се случи да купам поскапа опција, а подоцна да откријам дека постоела поевтина варијанта. Навистина фрустрирачки.

Тоа искуство ме натера кога пребарувачите нама да ми дадат поволна карта, да се потрудам повеќе. За начините за кои ќе пишувам денес, треба навистина да одвоиш малку време и труд, ама на крајот ќе бидеш награден со карта која понекогаш е и до 100 евра поевтина.

Последен пат тоа ми се случи пред неполн месец, кога за мене и за моите пријатели од танго успеав да направам план на летање од Скопје до Лисабон за 86 евра повратна карта – иако пребарувачите кажуваа дека најевтината варијанта е 250 евра.

Овде би требало да напоменам и дека некои од овие опции имаат и малку поголем ризик да пропуштиш некој лет, ама мислам дека е тоа во разумни граници. Според мене, разликата во цените го оправдува ризикот. Сетете се само што вели Грунф од стариот добар Алан Форд:

Во овој пост ќе опишам три идеи кои ќе ти помогнат во претрагата по евтина авионска карта ако пребарувачите не ти понудат поволна опција.

1. Патувај приближно – Пробај да не патуваш од Скопје или директно до посакуваната дестинација. Отвори Google Maps и разгледај кои поголеми градови со аеродром ги има во близина на дестинацијата.

Јас на примр, кога патувам во Удине (Италија) често патувам до Венеција, па одтаму со воз до Удине. Цената на авионската карта и картата за воз заедно е пониска од авион директно до Удине.

Скопје има нов аеродром, но не е баш некој центар, така што не може да се каже дека е добро поврзан со авионски линии. Секогаш пребарај летови и од Софија, Белград, Подгорица или Солун, а бидејќи многумина од таму работат во некоја од западноевропските земји, често може да најдеш евтини летови и од Приштина. Јас досега сум патувал неколку пати со тргнување од Софија и еднаш од Белград.

Кога ќе најдеш евтин лет од некој од соседните аеродроми, провери задолжително и кои ти се опциите за превоз од Скопје до таму и пресметај ја цената. Доколку патуваш во група, понекогаш е исплатливо дури и да изнајмиш такси. Биди свесен и дека покрај картата за автобус до овие градови ќе треба и нешто да јадеш по пат, така што можеби и поскапа карта со тргнување од Скопје е поповолна опција.

Овде сакам да додадам и две забелешки:

1) Елена во коментарите под постот Прирачник за наоѓање евтини авионски карти, напомена дека со пребарувачот Google Flights имаш опција да наведеш и четири дополнителни аеродроми за полетување.

2) Ивана во порака ме информираше дека Skyscanner има интересна опција наречена price alert, која e корисна кога ти е важна дестинацијата, а не е толку важен датумот. Мене досега не ми требало, но некому може да му е корисна опција. Проверив и забележав дека и Момондо има fare alert.

Заклучокот е дека скоро сите пребарувачи имаат слични опции, но можеби не е лошо секој сам да си ги провери.

2. Планирај на ризик – Доколку и после сите овие пребарувања и симулации цените се сè уште високи, повторно немој да се разочаруваш. Постои уште една дополнителна можност.

Колку и да се добри, пребарувачките машини не ги нудат сите опции што постојат во реалноста. Затоа, ако одвоиш малку време може да се изненадиш колку поефтини опции може да најдеш.

Еве го методот што го користам, објаснет чекор по чекор:

а) Провери кои нискобуџетни компании летаат од и до Скопје и направи список до градовите до кои има евтини летови. Покрај името на градот запиши го точното време на полетување и слетување и, секако, цената. Може да најдеш летови кои чинат и помалку од 10 евра. Обично евтини летови од Скопје се оние на Виз-ер, па тоа ти го поедноставува пребарувањето. Сепак, провери ги и летовите со Алиталиа и Пегасус – провери со некој од пребарувачите дали има и друг евтин лет.

б) Истото направи го и со летовите од посакуваната дестинација. Важно беше да провериш прво од Скопје, затоа што списокот на градови до каде што има евтини летови е обично помал. Сега провери дали од твојата дестинација има евтини летови до оние градови кои се поврзани со Скопје.

в) Спореди ги списоците и најди комбинација која ти одговара. Внимавај меѓу летовите да има разлика од најмалку два часа, поради непредвидени одложувања, посебно ако леташ со чекиран багаж (за багажот ќе објаснам подолу).

г) Доколку имаш пријател или роднина во некој европски град, можеби може да одбереш и варијанта со преспивање – ако тоа ти ја намалува цената на картата.

3. Багаж – Нискобуџетните компании обезбедуваат ниски цени со кратење на сите трошоци што не се неопходни. Кога патуваш со нив мора да сметаш дека за речиси сè, освен за билетот, мора да доплатиш. Внимателно прочитај на сајтот на авиокомпанијата што е вклучено во картата, а за што ќе треба да доплатиш.

И покрај доплаќањето, цената на билетот со нив е поевтина од „нормалните“ авиокомпании. Фактот дека бираш за што ќе доплатиш, ти дава можност да си го планираш нивото на комфор во зависност од твојот буџет. Во авионот можеш да си купиш кафе, може со билетот да резервираш седиште со дополнителен простор за нозете, да земеш рачен багаж или чекиран куфер и слично.

Моја препорака е доколку патуваш сам и не повеќе од 5-6 дена да не уплаќаш за голем куфер. Мал куфер што може да го земеш во кабината е доволен. Доколку патуваш заедно со уште двајца или тројца сопатници, можеби треба да ја разгледате можноста да чекирате заеднички куфер.

Во секој случај, моја препорака е да патуваш лесно. Не земај со себе повеќе од она без кое навистина не можеш.

Мислам дека најдобрата опција, посебно ако самиот си ги планираш летовите е да не чекираш голем куфер, затоа што чекајќи го багажот од претходниот, може да го пропуштиш наредниот лет.

Кога купуваш билети не е непходно да резервираш багаж, тоа обично може да го направиш кога ќе направиш чек-ин, еден ден пред летот.

Биди свесен и дека кога леташ со нискобуџетните компании често ќе треба да имаш испринтана карта или бординг пас на мобилниот.

Доколку ти се допаѓа овој пост, можеби ќе ти биде интересен и Прирачникот за наоѓање евтини авионски карти. Те молам да го споделиш постов на социјалните мрежи или на друг начин за што повеќе луѓе да имаат корист од информациите во него.

Претплати се на мојата и-мејл листа за да ги добиваш содржините на блогов директно преку елеткронска пошта.

 

Прирачник за наоѓање евтини авионски карти

evtini avionski kartiПатувај со евтини авионски карти. Немој да дозволиш парите да стојат помеѓу тебе и твојата желба да го видиш светот. Ова е советот кој од срце им го давам на сите, посебно на оние кои се помлади и не се врзани со премногу обврски.

Со појавата на нискобуџетните авиокомпании летањето со авион престана да биде привилегија само на побогатите. Сега може да се патува со авион по цена која понекогаш е поевтина и од автобус или воз.

Доколку станува збор за директни нискобуџетни линии планирањето на летот не е толку тешко, но кога треба да смениш неколку лета за да стигнеш до саканата дестинација, тоа е комплицирана операција. Ќе се обидам во оваа серија од два поста да ти дадам неколку трикови за тоа како да најдеш поевтин авионски лет до било која дестинација во светот.

Она што отпрвин требаше да биде еден текст, решив да го поделам на две, затоа што излезе подолго од она што го замислував. Првиот дел е за пребарувачите на летови, додека во вториот почнува вистинската магија на умешноста на наоѓање евтини летови.

Благодарение на тоа што танцувам и држам часови по танго, а најмногу благодарение на тоа што сум танго DJ и кога патувам – трошоците ми се покриени, последниве неколку години речиси секој месец летам некаде. Моите најомилени дестинации за танго се северна Италија, Шпанија и Португалија, а често се случува да патувам и во Германија.

Некој може да си помисли дека трошам многу пари за авионски карти – тоа не е точно: ако знаеш да пребаруваш и да планираш може да си поминеш со изненадувачки евтини летови.

Во овој пост ќе објаснам како можеш да најдеш евтини авионски карти. Ова не е егзакна наука, сигурен сум дека има и други начини освен овие. Ако некој знае таков ќе му бидам благодарен да го сподели во коментари или директно да ме контактира.

1. Пребарувач на летови – Постојат многу пребарувачи на летови и секој од нив има свои добри и свои лоши страни. Не сум пробал премногу за да можам да издвојам доминантен, овде ќе зборувам само за моите искуства. Многу често луѓето се држат по навика на оној пребарувач со кој првпат се сретнале. Мои омилени пребарувачи се Момондо и Скајскенер. Момондо е мета-пребарувач, што значи отприлика, пребарувач кој ги користи резултатите на други пребарувачи.

Еве како работат пребарувачите. Кога ќе внесеш од каде до каде патуваш, и на кои датуми, пребарувачот ќе ти понуди листа на опции. Први на листата најчесто се најефтините можности. Ако немаш директен лет, пребарувачот ќе ти понуди комбинација на два или повеќе летови.

Овде сакам да ти дадам неколку напомени за кои треба да бидеш свесен:

Провери ги датумите. Доколку менуваш два или повеќе лета, провери ги датумите и часот на слетување и полетување. Пребарувачите внимаваат да има доволно време да можеш да го фатиш следниот авион. Од друга страна, често нудат широки опции со периодот меѓу два лета, па знаат да ти понудат и опција со преспивање. Ако мора да преспиеш во некоја метропола целиот пат може да те чини поскапо. Обично кога има преспивање во планот на летот, пребарувачот тоа ќе го означи со црвени букви.

Провери ја цената. Прабарувачите се само пребарувачи, не и провајдери. Тоа значи дека тиe само ќе ти го испланираат патот, но комбинацијата на билети (често од различни компании) ќе мора да ги купиш преку друг сајт, како на пример: Tripsta, Airtickets.com, mytrip.com и слично.

Пребарувачот често ќе ти понуди повеќе опции за тоа од кој сајт може да купиш билет, а покрај опцијата ќе ти каже и цена. Кога ќе отидеш на сајтот и ќе ја почнеш процедурата на купување ќе видиш дека провајдерот додава некој процент провизија, така што цената ќе биде малку повисока. Понекогаш се наплаќа извесна провизија и во зависност со која картичка плаќаш – со Visa и другите стандардни картички се наплаќа по 8 евра плус. Затоа можеби е добро да купуваш повеќе карти наеднаш, затоа што провизијата ја плаќаш еднаш.

Веројатно според истиот принцип на навика, секоја моја претрага по лет почнува со Момондо. Во последно време го користам и Скајскенер затоа што открив дека наоѓа навистина добри опции, а често, не ми е јасно како, цените се без провизии. Знам дека и самиот Гугл има опција за пребарување летови, но не сум ја користел.

2. Експериментирај и симулирај – Кога пребаруваш лет биди свесен дека често може да менуваш какви опции сакаш пребарувачот да ти понуди. На пример, со Момондо можеш да прецизираш кога најрано летот смее да полета, или кога најдоцна смее да долета на дестинацијата каде што си тргнал. Исто така, може да го прецизираш и целокупното траење на летовите, заедно со паузите за трансфер.

Доколку сакаш навистина евтина опција, препорачувам да не правиш никакви ограничувања затоа што на тој начин пребарувачот ќе биде слободен да бара само летови со пониска цена.

Ако и вака не добиеш лет со поволна цена – не се разочарувај, постојат и други опции. Обиди се да експериментираш со датумите. Момондо има посебна секција каде што на календар визуелно ти покажува кои денови во периодот кога патуваш летовите се поевтини. Ако цената ти е поважна од датумот, одбери датум со пониски цени. Обиди се со тргнување ден или два порано или подоцна, обиди се и со враќање ден или два порано или подоцна. Ќе се изненадиш колку голема разлика во цената може да направи тоа. Доволно е само една нискобуџетна авиокомпанија да влезе во комбинација и имаш карта за 50 евра поевтина.

Кога ќе одбереш лет, симулирај дека ја купуваш картата. Притоа не ги користи твоите податоци затоа што некои сајтови имаат превенција за дуплирање на порачки по грешка, па кога ќе сакаш вистински да купиш, ќе бидеш блокиран. Симулацијата е важна затоа што ќе ти даде можност да ги откриеш сите скриени додатоци и провизии и да ја видиш крајната цена. Процедурата прекини ја пред самиот крај, пред да кликнеш „купувај“. Притоа прочитај внимателно, ако не разбираш доволно англиски, побарај помош од пријател. Многу е важно убаво да разбереш сè што пишува.

Внимавај да ги отштиклираш разните можности за осигурувања, известувања по смс, опции за промена и откажување и слично, зашто на крај евро по евро може да ја удвојат цената на картата.

Исто така, доколку има опција, секогаш одбери да направиш чек-ин преку интернет, кој што обично е бесплатен.

3. Купувај директно – Кога ќе ја направиш симулацијата запиши ја крајната цена, имињата на авиокомпаниите и времето на летовите. Потоа отвори го сајтот на секоја од компаниите и побарај која е поединечната цена на секој од летовите.

Ако ги споредиш цените кои ги нудат провајдерите и оние купени директно преку авиокомпаниите, понекогаш може да има значителна разлика.

Не знам како го прават тоа, но кога комбинираат летови од различни компании, провајдерите нудат значително пониска целокупна цена отколку ако самиот си ги купуваш билетите еден по еден. Но, ако леташ само со една компанија, поевтино е да купиш директно на сајтот на таа компанија.

Но, што ако цената е сè уште неприфатливо висока? На располагање ти стојат уште неколку опции, кои немаат врска со пребарувачите на летови. Ќе треба малку повеќе да работиш, но резултатите се изненадувачки ниски цени. За дополнителните опции повели инфо во мојот пост за ризичните финти за наоѓање евтини авионски карти.

Претплати се на мојата и-мејл листа за да добиваш бесплатни извесувања за сите нови постови.

Доколку знаеш за некои дополнителни трикови што ги нудат пребарувачите на летови, соопшти го тоа во коментарите под постов или контактирај ме директно.