Секогаш добивај попуст за сè

popusti za seВозможно е да се добие попуст скоро секогаш кога купуваш нешто или добиваш услуга. Природата на пазарот ја диктира динамичноста на цените и, доколку постапуваш мудро, тоа може да го искористиш за да си ја подобриш финансиската ситуација.

Еве неколку идеи како да добиеш попуст за скоро сè што купуваш.

Понекогаш се случува, поради тоа што често не мислам навреме или поради тоа што немам пари во моментот, да мора да купам авионска карта една или две недели пред летот. Треба да имам лудачка среќа за во тоа време да начекам евтина карта. Најчесто си плаќам дури и двојно поскапо. Истото се случува и ако чекам со сместувањето.

Кога би постапувал малку попаметно, сè би било поинаку.

Зошто да плаќаш поскапо, кога, со само малку поголемо внимание и подготвеност, можеш истите работи да ги добиеш по багателни цени. Еве во овој пост три идеи за тоа како луѓето добиваат попуст на скоро сè што купуваат.

1. Купувај во вистинско време – Купувањето во вистински момент може да ти помогне за некои работи да добиеш и повеќе од 50 отсто попуст. Скоро сите продавници имаат периоди кога се ослободуваат од дел од стоката што ја продаваат за да донесат нова. При овој процес, спремни се да ги намалат цените и повеќе од 50 отсто. Ако си доволно трпелив да ги начекуваш моментите на попуст – твојот буџет ќе ти биде благодарен. Попусти може да начекаш од облека и обувки, спортска опрема и домаќински апарати, до техничка стока и алат.

Обично продавниците имаат неформален годишен распоред на попусти (на пример, скоро сите продавници имаат еден попуст некаде после Нова година). Можеш директно прашаш некој од вработените кога обично имаат попусти на стоката и да си ставиш потсетник во мобилниот тогаш повторно да ја посетиш продавницата.

Што се однесува до храната, посебно овошјето и зеленчукот, вистинско време за купување е тогаш кога им е сезона. Вонсезонските производи се обично поскапи, но и со послаб квалитет.

Паметна идеја е да си направиш календар во кој ќе ги внесуваш сите попусти за кои знаеш. Календарот ќе те потсетува одвреме навреме дека доаѓа, на пример пролетниот попуст на зимска облека кога може да најдеш навистина багателни цени.

Добар за оваа намена е Гугл календарот, кој, доколку си на Андроид, е поврзан и со твојот мобилен, така што ќе добиваш нотификации и таму.

Важно е да се мисли навреме и при запишување на курсеви, уплата на аранжмани за патувања, авионски билети и слично. Кога купуваш порано во секој од овие случаи најчесто плаќаш само дел од цената.

2. Не ти треба најновата генерација – Ова посебно важи за компјутери, мобилни и техничка стока. Исто така важи и за облека и обувки.

Секогаш кога можеш погледни што нуди, на пример, најновиот модел на лаптоп, но истиот спореди го со сличниот модел од постара генерација. Разликата во перформансите не е секогаш голема, а разликата во квалитетот е понекогаш дури и во корист на постарата генерација. Ако ништо друго, постарата генерација е секогаш повеќе тестирана и, посебно ако сè уште се продава, може да сметаш дека пазарот е задоволен од тој производ. Прашај го продавачот кој модел е последна генерација, најнов од тој тип (независно дали станува збор за лаптоп, мобилен, телевизор или машина за перење). Во 99 отсто од случаите не ти е неопходен последниот модел.

Што се однесува на облеката и обувките постои нешто што се нарекува аутлет – продавница за постари модели. Кај нас, за жал, овој модел на продажба не функционира баш најдобро, па подобро прашајте го продавачот, ако на пример купувате патики, кој е моделот од оваа сезона, кој е излезен минатото лето. Обично соодносот на квалитетот и цената е поповолен за постарите модели.

Кога си во странство, посебно во регионов, не се затрчувај да купиш секогаш кога ќе видите продавница наречена Outlet. Често тоа знае да биде и трик да привлечат муштерии. Секогаш нека те водат цените.

3. Секогаш преговарај – Ако преговарањето не функционира за поситни работи, тој секако дека функционира добро во купувањето на работи како градежни материјали, мебел и добивањето услуги, како што се молеро-фарбарски услуги, разни поправки и слично. И да, преговарањето добро оди и на главните места за преговори – зелените пазари.

За да можеш да преговараш добро најпрвин треба да си добро информиран. Распрашај се, информирај се што вклучуваат понудите на конкуренцијата и по кои цени. Твојата информираност може да ги намали цените до изненадувачки размери.

Исто така, информирај се дали во производите или услугите што ги купуваш се вклучени дополнителни трошоци како транспорт, монтажа и слично. Овие нешта може да бидат предмет на преговорите: на пример, може да побараш во истата цена да биде вклучена и монтажа или, доколку е вклучена, да побараш да се намали цената, ако монтажата ја направиш самиот. Сите овие работи зависат од природата на она што го купуваш и од твоите потреби – јас овде ти давам само идеи за тоа каде имаш простор за преговарање.

Биди свесен дека поголеми се шансите да добиеш попуст при преговарањето ако купуваш поголеми количини. За таа цел, можеби не е лошо да се договориш заедно со друг купувач да купите заедно, со што ќе ја удвоите количината, а со тоа и шансата да добиете попуст. Прашајте го комшијата, можеби и тој планира годинава да купи пиперки за ајвар – купете заедно. Или можеби и тој планира да кречи напролет – зошто да не ангажирате еден молер за двата стана – по многу поповолна цена за двајцата.

Доколку ти се допадна постов можеби ќе те интересира и прирачникот за паметно трошење.

Сподели го постов на Фејсбук и Твитер, или прати им го по месинџер на оние на кои им требаат неколку вакви идеи. Претплати се на мојата мејлинг листа и добивај ги содржините на твојата електронска пошта, потполно бесплатно.

Speak Your Mind

*

*