Како да ослабам брзо и евтино

Како да ослабам брзо и евтиноПрашањето како да ослабам брзо има многу одговори. Постои цела индустрија која се занимава само со тоа. Постојат методи, справи за вежбање, програми, тренери, додатоци за исхраната и што ли уште не, и сето тоа ти е достапно само ако платиш.

Кога го објавив мојот пост за најевтиниот и најздравиот начин за убаво тело, добив прашање околу евтините методи за слабеење. Еве ги во овој пост методите кои мене ми користеа. Не мора да плаќаш за да ослабеш, доволно е да имаш план и метод што тебе ти одговара.

Откако се занимавам со држење часови по танго се обидувам да изгубам некое кило и, ако се споредам со тоа како изгледав пред неколку години, не е нескромно да кажам дека кога влегувам во период на слабеење имам успех.

Пробав различни методи и прочитав прилично обемен материјал. За моите периоди кога имав најголем успех добивав многу коментари за тоа дека имам силна волја, примив честитки на успехот и комплименти за тоа колку подобро изгледам.

Она што во овој пост сакам да го објаснам е дека успехот не е секогаш резултат на силната волја. Успехот доаѓа кога имаш добра стратегија.

Ќе ги објаснам овде неколкуте главни принципи до кои се придржувам кога ќе одлучам да слабеам. Станува збор за стратегија, не за рецепти и препораки. Она што може да го ветам е дека ова функционира.

1. Јади многу зеленчук – Примени го принципот според кој најуспешните промени во исхраната се засноваат на додавање намирници, а не на забрана. Првиот чекор што треба да го направиш кога сакаш да ослабнеш е да појдеш до пазар и да купиш сезонски зеленчук. Зеленчукот на кој му е сезона е обично поевтин и поквалитетен. На пример, со секој оброк изеди и еден патлиџан плус или една пиперка. Тоа ќе направи да јадеш помалку други работи кои се лоши за твојата амбиција да ослабеш. Овде зборувам за консумирање свеж зеленчук – избегнувај конзервирана и процесуирана храна.

Зеленчукот не е најскапиот дел од исхраната – на овој начин дури и ќе ги намалиш трошоците за исхрана затоа што најверојатно ќе намалиш на месо и млечни производи.

2. Пола-пола – Кога имав најголема амбиција да изгубам некој килограм бев толку мотивиран што поминував и по цел ден со само еден оброк. Тоа не беше добра стратегија. Подоцна дојдов до многу подобро решение. Организмот што е изгладнет влегува во зона на штедење енергија и го прави слабеењето потешко. Затоа многу попаметно е да јадеш помалку, но во рамномерни интервали.

Што направив? Моите, претходно џиновски, оброци ги јадев половина – другата половина ја оставав за по 2 или 3 часа. Така истиот оброк ме држеше сит речиси половина ден – можев да го поминам денот со два оброци без да го изгладнам организмот и без тој да влезе во зона на штедење енергија.

3. Итна исплата – Еден од најважните начини што ми помогна е она што го нарекувам метод на итна исплата. Телото слабее кога внесуваш помалку отколку што трошиш, дебелее кога внесуваш повеќе отколку што трошиш. Значи, за да ослабеш потребно е да бидеш активен и да согориш повеќе отколку што си изел. Генерално луѓето се обидуваат да ослабат со тоа што ќе поминат по еден или два часа во теретана или на патека за трчање за да го потрошат тоа што го внеле во текот на денот. Ова е исплата на одложено. Цел ден внесуваш, само еднаш трошиш.

Она што јас го направив е да бидам активен веднаш после оброкот. Почнав да правам активности како пешачења од 30 минути до 1 час или вежбање дома. Си кажував себеси – ако изедеш едно сникерс чоколадо, мора да направиш 50 склекови. Ефектот на овој метод е неверојатен. Не само што телото го чуваш активно во текот на цел ден, што резултира со губење на масните наслаги, туку и го подобруваш тонусот и целокупната кондиција.

Јаснотијата на мислата, менталната активност и зголемувањето на креативноста е бонус што не го предвидов. На мозокот му треба шеќер, кога јадев малку шеќери го имав она што некои го викаат магла во мозокот (brain fog) – со методот на итна исплата, ми беше дозволено да јадам шеќери – сè додека она што сум го изел го исплаќам со соодветна физичка активност.

Сетете се дека нашите предци од праисторијата немале фрижидери – ако сакале да јадат морале да се пентарат по дрвја за да најдат некој плод или да бркаат некое животно за да го изедат. Секој оброк барал извесна инвестиција на енергија. Нашите организми еволуирале да бидат во енергетски баланс и тоа мора да го почитуваме.

4. Кафе – Најдобриот и најевтиниот согорувач на маснотии е кафеинот. Не ти треба да купуваш таблети – пиј кафе. Има повеќе предности од пиењето на кафето, но овде ќе се задржам на двете кои според мене се најважните.

Првата е фактот дека кафето ги забрзува метаболизмот. Немам никакви докази за ова, затоа земете го ова тврдење со резерва. Во секој случај кафето прави да се чувствуваш пожив и ти помага да си поактивен, а кога си активен трошиш повеќе енергија.

Втората предност е тоа дека кафето ти прави илузија дека си сит. Од мотивациска гледна точка ова за мене е најголемиот бенефит – кафето прави да се чувствуваш полн и да можеш нормално да ги извршуваш дневните задачи во ситуација кога земаш помалку и енергетски посиромашна храна.

5. Вода – Консумирај многу вода. Поради неколку причини. Прво, кога си физички активен, како во случајот на методите кои овде ги опишувам, на телото му се неопходни течности.

Втората важна работа поврзана со водата е фактот дека твојот организам често ќе побара храна дури и кога е претежно само жеден. Ако му дадеш вода, гладта за храна што ја имаш, ќе стане поднослива.

Како и да е, исфрли ги од употреба сите пијачки кои содржат шеќер и кои се газирани. Пиј само вода.

6. Пешачење – Немој да помине ден без пешачење еден час. Она што јас го најдов како корисен совет е слушањето аудио книги. Симни си од интернет некоја аудио книга и слушај ја додека пешачиш. Излези од дома, тргни во некој правец и пешачи половина час – потоа врати се. Ете ти еден час пешачење без некоја посебна организација.

Секако дека пешачењето може да го правиш во друштво, а понекогаш може да се органираш и за тура до некое излетничко место како на пример Водно (ако си во Скопје). Како и да е, немој да го искомплицираш ова – мора да биде едноставно и достапно во секое време – едноставно како пешачењето по тротоар во било кое време од денот и ноќта.

Јас не сум ниту тренер, ниту нутриционист и од тебе нема да барам да ми платиш за овие совети. Тие функционираа за мене и верувам дека со мали варијации може да функционираат за било кој. Станува збор за методи кои се ефикасни и кои не произлегуваат од интересот да ти продадам препарати или справи за слабеење.

Доколку ти се допадна постов помогни им и на твоите пријатели, нека го видат – сподели го на Фејсбук или на Твитер. Преплати се на мојата мејлинг листа и добивај ги содржините директно по имејл.

Секогаш добивај попуст за сè

popusti za seВозможно е да се добие попуст скоро секогаш кога купуваш нешто или добиваш услуга. Природата на пазарот ја диктира динамичноста на цените и, доколку постапуваш мудро, тоа може да го искористиш за да си ја подобриш финансиската ситуација.

Еве неколку идеи како да добиеш попуст за скоро сè што купуваш.

Понекогаш се случува, поради тоа што често не мислам навреме или поради тоа што немам пари во моментот, да мора да купам авионска карта една или две недели пред летот. Треба да имам лудачка среќа за во тоа време да начекам евтина карта. Најчесто си плаќам дури и двојно поскапо. Истото се случува и ако чекам со сместувањето.

Кога би постапувал малку попаметно, сè би било поинаку.

Зошто да плаќаш поскапо, кога, со само малку поголемо внимание и подготвеност, можеш истите работи да ги добиеш по багателни цени. Еве во овој пост три идеи за тоа како луѓето добиваат попуст на скоро сè што купуваат.

1. Купувај во вистинско време – Купувањето во вистински момент може да ти помогне за некои работи да добиеш и повеќе од 50 отсто попуст. Скоро сите продавници имаат периоди кога се ослободуваат од дел од стоката што ја продаваат за да донесат нова. При овој процес, спремни се да ги намалат цените и повеќе од 50 отсто. Ако си доволно трпелив да ги начекуваш моментите на попуст – твојот буџет ќе ти биде благодарен. Попусти може да начекаш од облека и обувки, спортска опрема и домаќински апарати, до техничка стока и алат.

Обично продавниците имаат неформален годишен распоред на попусти (на пример, скоро сите продавници имаат еден попуст некаде после Нова година). Можеш директно прашаш некој од вработените кога обично имаат попусти на стоката и да си ставиш потсетник во мобилниот тогаш повторно да ја посетиш продавницата.

Што се однесува до храната, посебно овошјето и зеленчукот, вистинско време за купување е тогаш кога им е сезона. Вонсезонските производи се обично поскапи, но и со послаб квалитет.

Паметна идеја е да си направиш календар во кој ќе ги внесуваш сите попусти за кои знаеш. Календарот ќе те потсетува одвреме навреме дека доаѓа, на пример пролетниот попуст на зимска облека кога може да најдеш навистина багателни цени.

Добар за оваа намена е Гугл календарот, кој, доколку си на Андроид, е поврзан и со твојот мобилен, така што ќе добиваш нотификации и таму.

Важно е да се мисли навреме и при запишување на курсеви, уплата на аранжмани за патувања, авионски билети и слично. Кога купуваш порано во секој од овие случаи најчесто плаќаш само дел од цената.

2. Не ти треба најновата генерација – Ова посебно важи за компјутери, мобилни и техничка стока. Исто така важи и за облека и обувки.

Секогаш кога можеш погледни што нуди, на пример, најновиот модел на лаптоп, но истиот спореди го со сличниот модел од постара генерација. Разликата во перформансите не е секогаш голема, а разликата во квалитетот е понекогаш дури и во корист на постарата генерација. Ако ништо друго, постарата генерација е секогаш повеќе тестирана и, посебно ако сè уште се продава, може да сметаш дека пазарот е задоволен од тој производ. Прашај го продавачот кој модел е последна генерација, најнов од тој тип (независно дали станува збор за лаптоп, мобилен, телевизор или машина за перење). Во 99 отсто од случаите не ти е неопходен последниот модел.

Што се однесува на облеката и обувките постои нешто што се нарекува аутлет – продавница за постари модели. Кај нас, за жал, овој модел на продажба не функционира баш најдобро, па подобро прашајте го продавачот, ако на пример купувате патики, кој е моделот од оваа сезона, кој е излезен минатото лето. Обично соодносот на квалитетот и цената е поповолен за постарите модели.

Кога си во странство, посебно во регионов, не се затрчувај да купиш секогаш кога ќе видите продавница наречена Outlet. Често тоа знае да биде и трик да привлечат муштерии. Секогаш нека те водат цените.

3. Секогаш преговарај – Ако преговарањето не функционира за поситни работи, тој секако дека функционира добро во купувањето на работи како градежни материјали, мебел и добивањето услуги, како што се молеро-фарбарски услуги, разни поправки и слично. И да, преговарањето добро оди и на главните места за преговори – зелените пазари.

За да можеш да преговараш добро најпрвин треба да си добро информиран. Распрашај се, информирај се што вклучуваат понудите на конкуренцијата и по кои цени. Твојата информираност може да ги намали цените до изненадувачки размери.

Исто така, информирај се дали во производите или услугите што ги купуваш се вклучени дополнителни трошоци како транспорт, монтажа и слично. Овие нешта може да бидат предмет на преговорите: на пример, може да побараш во истата цена да биде вклучена и монтажа или, доколку е вклучена, да побараш да се намали цената, ако монтажата ја направиш самиот. Сите овие работи зависат од природата на она што го купуваш и од твоите потреби – јас овде ти давам само идеи за тоа каде имаш простор за преговарање.

Биди свесен дека поголеми се шансите да добиеш попуст при преговарањето ако купуваш поголеми количини. За таа цел, можеби не е лошо да се договориш заедно со друг купувач да купите заедно, со што ќе ја удвоите количината, а со тоа и шансата да добиете попуст. Прашајте го комшијата, можеби и тој планира годинава да купи пиперки за ајвар – купете заедно. Или можеби и тој планира да кречи напролет – зошто да не ангажирате еден молер за двата стана – по многу поповолна цена за двајцата.

Доколку ти се допадна постов можеби ќе те интересира и прирачникот за паметно трошење.

Сподели го постов на Фејсбук и Твитер, или прати им го по месинџер на оние на кои им требаат неколку вакви идеи. Претплати се на мојата мејлинг листа и добивај ги содржините на твојата електронска пошта, потполно бесплатно.

Нешта што не се купуваат со пари

Нешта што не се купуваат со париПостојат работи за кои можеш да го одврзеш кесето и да ги имаш, но постојат и нешта што не се купуваат со пари. За таквите плаќаш со љубов, внимание, работа, интегритет, а за некои едноставно не можеш ништо да сториш – ги имаш или ги немаш.

Овој пост сакам да им го посветам на неколкуте работи за кои парите не вредат ништо, колку и да е ова општество во кое живееме зависно од пари и материјални богатства.

Многу често се споменува еден цитат кој вели дека најубавите нешта во животот се бесплатни. Јас не мислам дека постојат бесплатни нешта, за сè мора да платиш со нешто. Можеби не со пари, но мораш нешто да дадеш. Животот е една голема трансакција. Дури и кога даваш несебично без да очекуваш да добиеш нешто за возврат, ти тоа го правиш затоа што се чувствуваш добро кога даваш, го добиваш чувството на задоволство кога знаеш дека некој има корист од тоа што го даваш.

И, да се вратам на цитатот според кој најубавите нешта во животот се бесплатни – во суштина, најубавите нешта во животот се најскапи – за нив плаќаш со животот. Некои работи се толку убави што остануваш нивни заробеник целиот твој живот.

Здравјето, љубовта, пријателите, довербата, талентот, младоста, правадата. Ова се многу повеќе од теоретски концепти. Имале пари или не, луѓето може да уживаат во благодетите на овие нешта.

1. Здравје – Секако дека претераните грижи, посебно кога станува збор за парите, може да ти го уништат здравјето, но имањето пари не е никаква гаранција дека ќе имаш и здравје. Со пари можеш да обезбедиш подобри лекари кои можат да те насочат на подобра превенција и лечење на евентуалните проблеми – но, тоа не е никаква гаранција дека нема да се разболеш.

Медицината сè уште нема одговор на многу закани за здравјето. Фактот дека и најбогатите се разболуваат и умираат покажува дека здравјето со пари не се купува.
И да, никогаш немој да штедиш кога е во прашање здравјето.

2. Љубов – Нема такви пари што можат да натераат некому срцето да му затрепери кога ќе ти го слушне гласот. Тоа не се купува. Можеш да натераш некој да те слуша што ќе му кажеш, да те гледа умилно или да те допира; можеш дури и да платиш некому за да има секс со тебе, но, како што знаеме, тоа има друго име – не љубов.

Психолозите го објасниле чувството на многу начини, но ниеден од нив никогаш не бил поврзан со парите. Затоа кога ќе препознаеш љубов немој да ја ставаш пред парите. Парите се трошат, љубовта, колку и да звучи ова патетично, не се троши, туку се зголемува или ја снемува.

3. Пријатели – Дали имаш многу пријатели? Ако имаш повеќе од 5, веројатно немаш. Не знам колку е статистички докажано, но секој од нас може вистински во животот да смета само на неколкумина луѓе. Човек може да ти помогне кога ти треба нешто, може да направи некои несебични работи за тебе, но вистинското пријателство е подлабоко од тоа. Станува збор за комуникација без зборови, поврзаност која трае до смртта.

Парите и материјалните богатства, кога ќе се споредат со таквите пријателства, се безначајни, и секој што ги вреднува повеќе, веројатно не заслужува пријатели.

4. Почит и доверба – Живееме во капиталистичко општество, каде што сè е на продажба. Поминато е времето на аристократијата кога врвни вредност биле сметани честа и почитта. Денес, дури и таквите благородни нешта како довербата се на продажба. Размислете само како политичарите ја добиваат „довербата“ да дојдат на власт – со скапи кампањи купени со парите на разни спонзори.

Во такви околности нема ништо повредно од личниот интегритетот. Во ова хаотичо време на беспарица и безглава борба по профити, луѓето што знаат да ги зачуваат основните човечки вредности треба да ни значат многу повеќе од парите. Затоа секогаш треба да сме свесни дека почитта што некој ни ја изразува, и довербата што ни ја дава – не можеме да ги купиме со пари. Тие се стекнуваат со интегритет.

5. Талент – Можеш да ги имаш сите пари на светот, ама тоа нема да ти купи ни грам талент. Талентот е нешто со што се раѓаш и што го развиваш целиот твој живот. Секако дека ако си богат можеш да си обезбедиш едукација во најдобрите школи и да ги имаш најдобрите учители, тоа нема да го зголеми твојот потенцијал, затоа што вредноста на знаењата и вештините што ги учиш зависат од тоа како ти ги примаш. Двајца ученици може да имаат исти учители и исти животни искуства, а сепак едниот да стане гениј запомнет во историјата, а за другиот никој да не ни чул. На пример, дали сте слушнале за Ерасмус Дарвин? Не, затоа што го немал талентот на неговиот помлад брат Чарлс. Сепак, целото семејство очекувало и инвестирало многу повеќе во Ерасмус отколку во Чарлс. Иако двајцата живееле и се развивале во иста средина, помладиот и поталентиран брат постигнал многу повеќе.

6. Младост – Многу работи во животот можеш да ги вратиш, сакајќи или несакајќи би можеле да ти се случат повторно. Сите освен една – младоста. Луѓето со векови се обидувале да ја најдат фонтанта на младоста, со чија вода ќе може да се вратат годините. За жал, овој сон е невозможен. Постојат некои научни истражувања во кои процесот на стареење кај црвите е запрен или успорен, но тоа е по цена на мрзливост и импотентност на организмот. Дури и млади, таквите црви се однесуваат како постари од најстарите познати црви. Таа младост во суштина и не е младост.

Богатите се обидуваат и со разни козметички интервенции да изгледаат помлади, но освен делумни површински промени, тоа е безуспешно. Со овие козметички промени не се добиваат млади луѓе, туку само разубавени старци.

7. Правда – Постојат многу контроверзи, посебно во капитализмот, каде што сè е на продажба, дека со доволно пари можеш да си купиш и правда. Но, купувањето на некоја судска пресуда сепак не е правда. Кога би било така, многу од најмоќните цареви не би биле запомнети како касапи кои го масакрирале сопственото население. Јас не сум религиозен, но точен е фактот дека над секој судија постои и друг судија и дека на крајот – на сите ќе ни суди историјата. Дури ни најсовршениот систем на PR (односи со јавноста) не може да го смени јавното мислење до тој степен, што по извесно време фактите да не можат да зборуваат за вистината. Трошењето пари за купување на правдата е со привремен ефект. Правдата вреди повеќе од парите и треба да се почитува повеќе од парите.

Доколку ти се допадна овој пост можеби ќе сакаш да го прочиташ и мојот пост за тоа на кои работи вреди да се потрошат парите. Сподели го постов на Фејсбук и Твитер или прати им го на твоите пријатели во приватна порака. Потсети ги дека во животот има многу поважни работи од парите.

Следи ги содржините на блогов преку имејл – претплати се за да ги добиваш директно во твоето сандаче.

Пет нешта што мора да ги знаеш за патничкото осигурување

Патничко осигурувањеПатничкото осигурување е дел од работите што со себе треба да ги носи секој што патува. Пасошот, билетите, резервацијата за хотел/хостел и кеш. Не сум баш сигурен дека повеќето знаат како функционира и како да го искористат патничкото осигурување доколку имаат потреба. Ова го велам затоа што до скоро и јас не ги знаев овие работи.

Ќе се обидам во овој пост да ги објаснам клучните работи што треба да ги знаеш кога станува збор за патничкото осигурување.

Секако дека овде не можам да кажам сè што би требало да се каже, но мислам дека е ова добра основа за паметни одлуки.

Неодамна патував со автомобил до Романија. Патувавме преку Бугарија. Некаде на стотина километри после Софија не сопреа бугарски полицајци и покрај вообичаените документи поврзани со возачот и возилото од сите патници побараа и патничко осигурување. Повеќето од нас немавме. Ова беше еден од ретките моменти кога и јас немав. Не знам какви се регулативите во Бугарија и дали ни следуваше казна, ама поминавме добро – не пуштија без никаква казна.

Зошто им беше важно да имаме патничко осигурување? Затоа што ако нешто ни се случи, грижата за нас додека сме на нивна територија, ќе требаше да падне на товар на бугарската држава. А грижата за некој за кого не сакаш да платиш е обично лоша или никаква.

Затоа, доколку патуваш во странство е неопходно да се осигураш.

Како што веќе пишував во мојот пост за избор на осигурување, кај нас обично патничко осигурување се вади ретко, освен ако за тоа не сме обврзани при поднесувањето документи за виза и слични процедури. Тоа е голема грешка што обично ја правиме поради недостатокот на финансиско образование.

Патничкото осигурување при не-дај-боже ситуации може да те спаси од трошоци кои 1) нема да можеш да ги платиш никако тогаш кога ќе ти треба здравствена услуга, и 2) дури и да ги платиш, ќе влезеш во долгови за кои ќе ти требаат години за да ги вратиш ако си на просечна македонска плата.

Еве одговори на неколку прашања поврзани со патничкото осигурување кои ќе ти помогнат да донесеш паметни одлуки.

1. Како да знам дали ми треба патничко осигурување? – Одговорот на ова прашање е едноставен: ако патуваш, ти треба. Ова посебно важи за оние кои патуваат почесто и за оние кои на патувањата имааат активности при кои е поголема можноста за повреди.

Секако дека секој може да го заболи заб кога е во странство и да мора да оди на забар, но уште поголема е веројатноста да се повредиш ако одиш на скијање или ако си таму службено и работиш нешто со голем ризик од повреди. Здравствениот систем на земјата во која престојуваш нема обврска да те лечи и, колку и нехумано тоа да звучи, често нема да преземе многу за да ти помогне ако не можеш да платиш за тоа. Тука доаѓа во игра патничкото осигурување.

Кога си платил патничко осигурување ти си ја задолжил осигурителната компанија да ги покрие твоите трошоци за лечење доколку ти се случи нешто додека си во странство.

2. Кои се добри осигурителни полиси? – Таму каде што купуваш автобуски билет или во туристичката агенција најверојатно ќе можеш да купиш и патничко осигурување. Овие полиси чинат 200 до 300 денари, но дали си информиран што добиваш со тоа осигурување?

Прво, оние што ти ги продаваат овие полиси веројатно знаат што ти продаваат исто колку што знаеш и ти. Ова се готови пакети кои содржат фиксен број денови на кои си осигуран. Овластено лице од осигурителната компанија ги носи во транспортното претпријатие или туристичката агенција за тие да ги продаваат. Оние што ти го продаваат тоа осигурување начесто немаат компетенција да ти објаснат или да ти препорачаат пакет што е најповолен за тебе.

Второ, најчесто овие полиси се со фиксен број на денови. Ако, на пример, полисата важи за 10 дена во текот на една година, тоа значи дека 365 дена од датумот кога си ја купил, 10 дена престој во странство ти се покриени со осигурувањето. Овие, поефтини пакети, се често со фиксен број на денови и ти не можеш да го менуваш бројот во зависно од тоа колку денови престојуваш во странство.

Трето, пониската цена често си носи и свои ризици. Тоа значи дека колку поевтина полиса имаш, поголема е шансата да не го добиеш она што си го договорил ако има потреба. Затоа секогаш внимавај да купиш полиса од релевантна компанија. За тоа како да бираш види во точка број 3.

Четврто, секогаш кога купуваш паничко осигурување барај да ти биде објаснето што треба да направиш во случај да ти треба помош додека престојуваш во странство. Доколку оној што ти ја продава полисата не ти го објаснува тоа, инсистирај да добиеш таква информација. Ако кога ја купуваш полисата останеш збунет, веројатно си купил од погрешно место. Немаш корист од осигурување, ако не знаеш како ќе го искористиш ако ти треба.

Петто, не заборавај, понекогаш вреди да додадеш 100-тина денари повеќе доколку знаеш дека она што си го купил вреди.

3. Кои се релевантни осигурителни компании? – Како што споменав, јас веќе пишував за избор на осигурување и осигурителна компанија. Овде ќе го пренесам упатството за избор на релевантна компанија што го напишав таму:

Не е сеедно во која компанија ќе се осигураш. Исто како да купуваш кола, шкода е поевтина од мерцедес, ама она што го добиваш е пропорционално понеквалитетно. Во осигурувањето тоа се мери со фактот дека релевантните компании исплаќаат суми кога навистина има штети, а помалку релевантните може да бараат секакви изговори само да не ти платат или да ти платат помалку. Затоа, внимавај каде ќе се осигураш, зашто ако не одбереш добро – тоа може да бидат фрлени пари.

Прашањето што мене ми се постави и кое знам дека и вам ќе ви се постави е – како да знам која е релевантна компанија. Не сакајќи во овој текст да фаворизирам или рекламирам, побарав да ми дадат извор каде што ќе видам која е релевантна. Таков постои, тоа е Агенцијата за супервизија на осигурување, која прави годишни извештаи. Пребарај ги извештаите – еве го оној за 2015 година (pdf), објавен летово. Ако те мрзи да пребаруваш, моја препорака е да ги ѕирнеш табелите број 8 и, посебно, број 19.

4. Што да направам ако ми се случи нешто во странство? – Следи ги упатствата што ти ги дал оној што ти ја продал полисата. Но, еве накусо, до кои информации дојдов јас.

Релевантните осигурителни компании имаат склучено договор со меѓународни компании кои се провајдери на помош. Провајдерите, пак, во секоја земја имаат договор со пределен број на болници, а некогаш, доколку станува збор за поголема држава, имаат и сопствени тимови, со коли, хеликоптери и слично.

Ќе се обидам тоа да го објаснам со измислен пример. Ако отидеш да речеме на еднонеделен одмор во Париз. Ако на пример се случи сообраќајка во која твојот автобус се преврти и ти се задобиеш со скршеница на ногата, потребно е веднаш да се јавиш на телефонскиот број што ќе ти го даде твојата осигурителна компанија – овој број обично го има во документите што ќе ги добиеш. На твојот повик ќе одговори некој од кол центарот на провајдерот (кол центрите обично работат 24 часа). Тој ќе побара од тебе да му дадеш информација за полисата (најчесто некое бројче или некоја шифра што ја има во документите), и откако ќе утврди дека си осигуран, ќе се јави во најблиската болница со која провајдерот има склучено договор и оттаму ќе пратат кола по тебе. Во зависност од полисата што си ја склучил, трошоците на твоето лечење ќе ги покрие твојата осигурителна компанија.

Релевантните осигурителни компании во секој момент на сметката на провајдерот имаат извесна сума во зависност од бројот на полиси. Секогаш кога дел од овие средства ќе се потрошат, осигурителната компанија ги надополнува со нови за да бидат обезбедени сите осигуреници кои имаат потреба од здравствена заштита во странство.

Инстант патничките осигурувања често важат само за неколку земји затоа што осигурителните компании имаат склучено договор со болници само во неколку земји, не и со провајдери. Така што имаш значителни ограничувања.

Да не зборувам за тоа колку поевтини болници (и соодветно понеквалитетни) ќе се грижат за тебе доколку купиш поевтино осигурување.

Информирај се за овие детали кога одбираш каде ќе се осигураш. Како што реков, осигурителната полиса не ти вреди ништо, ако не знаеш како би можел да ја искористиш кога ќе ти треба.

5. Каде да се обратам ако сакам осигурителна полиса? – Секако дека можеш да си купиш осигурителна полиса онаму каде што е најлесно – на шалтерот каде што купуваш автобуски карти. Ама јас лично не би го советувал тоа.

Прво, дај си време. Една недела пред да патуваш издвои еден или два часа за да си обезбедиш патничко осигурување. Не е паметно тоа да го правиш ден-два пред патот, кога ионака обично луѓето стануваат нервозни и донесуваат одлуки набрзина.

Второ, одбери релевантна осигурителна компанија. Еден мал прилог кон тоа како ќе донесеш одлука нека ти биде она што јас го објасни во точка 3. Прашај ги и оние што често патуваат дали имале искуство со компаниите кои ти се на располагање.

Трето, пресметај отприлика колку денови планираш да престојуваш во странство во наредните 365 дена. Полисата што ќе ја склучиш ќе треба да биде на толку денови колку што ќе бидеш во странство.

И уште еден совет на крај – немој да се затрчуваш по најевтината варијанта, немој ни по најскапата. Јас лично би одбрал некоја средна опција. Доколку ти треба дополнителна помош за избор на твојата полиса можеш и да ми се обратиш со директна порака и јас ќе сторам сè што можам за да ти помогнам..

Ако ти се допаѓа овој пост веројатно ќе ти биде интересен и прирачникот за избор на осигурување. Сподели го постов на социјалните мрежи и помогни им и на твоите пријатели да имаат корист од него. Претплати се на мојата мејлинг листа за постојано да добиваш корисни содржини како оваа на твојот имејл.

Прирачник за паметно трошење

Прирачник за паметно трошењеИма безброј начини да ги потрошиш своите пари, но постојат само неколку кои може да ги наречеме паметно трошење. Оној што штеди има, ама оној што штеди на сè нема ништо. Не е лесно да одлучиш на што да штедиш, а на што да трошиш.

Во овој пост ќе ги опишам четирите начини на кои паметните луѓе ги трошат своите пари.

Живот поминат во штедење не е живот. Постојат моменти кога се штеди, но постојат и моменти кога треба да се одврзе кесето. Но, на што и во кои моменти вреди да се троши?

Замисли го својот живот после 10 години. Сигурно е тоа дека нема да се сеќаваш каков бил твојот буџет и кои предмети си ги купил. Она што најногу ќе ти остане во сеќавањето се авантурите што си ги доживеал, знаењата што си ги стекнал, пријателите кои ти останале и, секако, инвестициите што си ги направил и кои ти го направиле животот полесен

Еве ги четирите правила за паметно трошење кои ќе ти помогнат да донесуваш подобри одлуки тогаш кога си во дилема околу тоа на што да ги потрошиш своите пари.

1. Нови искуства – Научи да правиш разлика меѓу купувањето предмети и трошењето за нови искуства. На пример романтично патување во Венеција, авантура во Париз, стекнување пријатели во Барселона или откривање на тајните на Истанбул, се нешта кои никогаш во животот нема да ги заборавиш. Најновиот модел на лаптоп, не е многу подобар од стариот. Предметите се расипуваат, се губат и можат и да бидат украдени. Искуствата никој не може да ти ги одземе.

Исктуства не се само патувањата. Обиди се да направиш нешто што никогаш не си се обидел. Скокни со падобран, планинари, научи да скијаш, запиши курс по фотографија, нуркај… Секое ново искуство го прави твојот живот побогат и повозбудлив.

Тоа е патот до среќата. Тоа се работите за кои вреди да се троши. Секогаш кога си во дилема дали да купиш предмет или да ги потрошиш парите на ново искуство, одлучи се за искуството – зашто тоа е она за што вреди да се живее.

2. Пријателите и блиските – Има една руска народна поговорка која вели:

Немам сто рублји ама имам сто пријатели

Пријателите вредат повеќе од парите. Оној што има повеќе пријатели е побогат од оној што има повеќе пари. Затоа, сметај го за паметно трошење секој денар потрошен за пријателите и блиските.

Сепак, не е секое трошење за блиските исто. Подароците може да се добар начин да му кажеш некому дека ти значи, но уште подобар начин е ако ги потрошиш парите на активности во кои ќе може да учествувате заедно, во кој ќе може да поминете време еден со друг. Покана за заеднички ручек, честење пиво или кафе, карти за фудбалски натпревар или театар, кино и слично, тоа се подароци кои се многу подобри отколку давањето предмети.

Доколку, на пример, знаеш дека оној што ти е близок е страстен фан на некој пејач, можеби најдобриот подарок што можеш да го смислиш е заедничко патување на концерт. Друг добар подарок е ако уплатиш часови по танц за двајцата, ако на пример, знаеш дека твојата девојка отсекогаш сакала да научи да танцува.

Поентата е дека оние пари што ги трошиш за да ги направиш среќни блиските и за да поминеш време со нив, ќе ти се вратат со љубов и прекрасни моменти целиот живот.

3. Паметни инвестиции – Не постои поглупав начин да ги потрошиш своите пари отколку да купиш нешта што ќе те тераат да трошиш уште повеќе. На пример, луксузен автомобил што троши многу е ужасно лоша инвестиција, освен ако не си милионер што не знае што да прави со парите. Не само што е непрактично скап, луксузниот автомобил ќе бара од тебе да потрошиш ужасно многу пари и на гориво и на одржување. Тоа е како да си ги фрлил парите во бунар и како да си се обврзал одвреме навреме да фрлаш уште.

Зошто е тоа така? Затоа што купувањето луксузен автомобил е инвестирање во пасива. Паметните луѓе инвестираат во актива – тоа се оние нешта што наместо да го празнат, ќе го полнат твојот буџет.

Ако имаш поголема сума за трошење, купи недвижнина што ќе може да ја издаваш. Toa е инвестиција што е паметна и што долгорочно ќе се исплати. Друг, пример за паметна инвестиција е вложување во проект од кој ќе произлезат некакви авторски права или патент, кој потоа ќе ти генерира приход. Добра инвестиција е и купување акции на компанија во подем, или пак, инвестирање преку инвестициски фонд.

Инвестирањето во актива е трошење, но онакво кое во иднина не само што ќе ја врати инвестицијата, туку кое може дури и да те направи богат.

4. Знаења и вештини – Најголемата грешка што човек може да ја направи во животот е да престане да учи нови работи. Секоја вештина и секое знаење кое ќе го стекнеш, независно колку безначајно и непотребно сега ти се чини, во иднина може да се покаже како судбоносно за твојата среќа.

Затоа не е паметно да се штеди на учење. Секако дека треба да се биде внимателен дали вложувањето е соодветно на она што го добиваш за возврат, но никогаш немој да се лишуваш од учење само поради тоа што сметаш дека на тој начин ќе заштедиш.

Кога почнав да учам танго, јас тоа го сметав како забавен начин да го поминеш своето време. Денес благодарение на тангото често посетувам земји што ни на крај на памет не ми било дека ќе ги посетам, и тоа бесплатно. Кога почнував не ни можев да замислам дека ќе дојде овој момент, кога сериозно размислувам тоа да стане моја професија.

Дури и да не ти станат професија, новите вештини и знаења може да ти го збогатат животот на непредвидливи начини.

Твојата личност и твојот карактер се надградува со нештата кои ги правиш и нештата кои ги знаеш. Затоа трошењето на учење нови нешта треба секогаш да го сметаш за паметно трошење.

Листава можеш да ја сметаш и како листа на идеи кои ќе ти дадат насоки за тоа како да ги потрошиш своите пари на најпаметен начин. Секако дека постојат и други начини. Доколку мислиш дека постојат подобри можеш да ги напише во коментари под постов или да ми ги пишеш во директна порака.

Ако сметаш дека постов ќе им биде корисен на твоите пријатели сподели го со нив на Фејсбук, Твитер и другите социјални мрежи или прати им го линкот преку приватна порака. Претплати се на мојата мејлинг листа и немој да ги пропуштиш новите интересни содржини.

Петте најголеми грешки што те тераат на трошење

Петте најголеми грешки што те тераат на трошењеНа трошење може да се натераш само самиот ти. Доколку не знаеш да го контролираш она што го правиш, трошењето ќе биде сериозен проблем. Оние што многу трошат обично ретко кога се прашуваат зошто го прават тоа. Прашањето кое многу почесто им доаѓа на ум е каде ми отидоа парите?

Ќе ги формулирам во овој пост петте најголеми причини на кои би требало да размислиш доколку и ти се прашуваш каде ти одат парите.

Може да не се сметаш себеси за некој кој троши премногу и кој што ужива во луксуз и гламур. Но, не е потребно да возиш скапа кола и да јадеш во најотмените рестоарни во градот за да бидеш трошаџија. Понекогаш парите може да добијат крилја и поради причини кои не може да ги видиш, причини кои се прикрадуваат во твојот живот и ти го исцедуваат буџетот без да бидеш свесен за тоа.

Прочитај ги овие пет грешки кои луѓето обично ги прават кога трошат премногу. Можеби ќе најдеш дека некоја од нив се прикрадува во твојот живот и работи тајно против тебе. Ако е таков случај, гледај да направиш сè што е во твоја моќ да ја надминеш.

1. Не ги контролираш своите пари – Постои едно клучно правило кога станува збор за управување со личните финансии, а тоа се однесува на тоа колку ги контролираш своите пари. Ако не ги контролираш своите пари, тие ќе го контролираат твојот живот. Поедноставено кажано, кога ќе снемаш пари, тоа ќе влијае на твоите одлуки и ти ќе мора да живееш онака како што твојата беспарица ќе ти наложи.

Првиот чекор кон контролирањето на твоите пари е да знаеш секогаш колку имаш во моментот и колку е предвидено да потрошиш. Практично, тоа би значело дека секогаш мора да водиш дневник на сите трошоци што ги правиш, секое испиено кафе, секој платен ручек, секоја сметка мора да биде запишана во твојот дневник. На тој начин ти знаеш каде одат твоите пари, а самото тоа ќе ти даде информација што можеш да направиш за да ги контролираш. Исто така, многу е полесно да ги контролираш своите пари кога трошиш кеш, наместо да плаќаш со картичка. Многу полесно е да изгубиш контрола над трошењето кога не ги гледаш парите што ги трошиш.

2. Немаш долгорочен финансиски план – Долгорочниот финансиски план ти дава перспектива. Без него, секој денар што ти доаѓа во рака има поинакво значење за тебе.

Да имаш долгорочен финансиски план подразбира дека мора да си ги напишеш на еден лист своите цели за 1, 5 или 10 години. Тоа не мора да значи дека ќе ги исполниш – поважен е фактот дека знаеш во која насока се движиш. Оваа насоченост ќе им даде консистентност, постојаност, на твоите одлуки. Многу често непотребните трошења доаѓаат од менувањето на одлуките и незнаењето што точно сакаш да купиш или што точно сакаш да постигнеш.

Долгорочниот финансиски план бара да имаш визија за својата иднина и токму таа визија ќе направи да знаеш што сакаш кога купуваш било што.

Практично, ова би значело дека ако сакаш да купиш стан за 5 години, наместо да се затрчуваш по најновиот модел на мобилен телефон, ќе го користиш стариот сè додека си ја врши работата. Ти знаеш дека по 5 години ќе купиш стан и откажувањето од оние работи кои не ти се неопходни за тебе има смисла. Нема да си речеш – сега имам пари, зошто да не го купам најновиот модел? Ќе си речеш – овие пари се за станот што ќе го купам, а стариот телефон сè уште добро ми служи.

3. Купуваш на прва – Во суштина ова се однесува на две работи: а) не ги проверуваш цените и б) не преговараш.
Глупаво е да купуваш производ или услуга, а притоа да не ја проверуваш точната цена. Ќе се изненадиш колку луѓе во суштина многу ретко проверуваат за цената, посебно кога станува збор за разни ситници што ги купуваат во супермаркетот. Сепак, кога ќе се соберат на купче, цените на овие ситници може да ти го истенчат буџетот.

Многу луѓе исто така, не ја проверуваат цената на истиот производ во различни продавници. Зошто да плаќаш поскапо, кога истото може да го добиеш поевтино?

Исто така, многу од луѓето не се ни обидуваат да ги преговараат цените на производите, и посебно на услугите што ги добиваат. Ќе се изненадите колку од овие цени може да бидат пониски, ама тие не се пониски затоа што не си побарал да бидат. Следниот пат кога ќе одиш на јога или на тренинг, прашај дали ако одиш само половина месец може да не плаќаш за целиот или наредниот да платиш само половина. Секако, има места каде што не можеш да преговараш, но некои од овие зделки ќе му помогнат на твојот буџет.

4. Подлегнуваш на притисоци и на сугестии – Постои цела индустрија која се занимава само со едно: да те убеди да трошиш. Рекламната индустрија често за себе вели дека цел ѝ е да ги искомуницира потребните информации за потрошувачите, но во суштина таа прави многу повеќе од тоа. Често дури и создава потреби кои луѓето навистина ги немаат.

Ако почнеш да им подлегнуваш на сугестиите на рекламите може да банкнотираш за неколку часа. Затоа, игнорирај ги – немој да размислуваш за нив како за информации и игнорирај ги потполно кога носиш одлуки за трошење.

Малку покомплицирано е кога станува збор за сугестиите и притисоците што доаѓаат од твоите социјални кругови. Секако дека нема твоите пријатели да те игнорираат ако немаш најк или адидас патики, или ако не возиш ауди – но, твоето чувство на инфериорност може да те натера да трошиш и таму каде што не би смеел.

Затоа држи се до својата финансиска визија, остварувај го својот план и биди секогаш свесен дека ти не си она што го имаш или немаш, туку нештата што ги правиш во животот.

5. Не бараш помош – Во динамичниот свет во кој што живееме многу често може да ја изгубиме перспективата и да почнеме да ги гледаме работите од жабја перспектива. Тоа се случува кога преокупирани со работата или со нашиот секојдневен живот, и најмногу кога преживуваме тешкотии (финансиски, емотивни или било какви други) престануваме премногу да водиме сметка за парите.

Кога тоа се случува ние не можеме објективно да донесуваме одлуки, посебно онакви кои се однесуваат на тоа што и колку трошиме.

Но, има решение и за овој проблем. Всушност има три:

1) читај и пребарувај – интернет е преполн со совети. Постојат безброј книги кои може да ти помогнат, посвети време и енергија на нив. За скоро секој проблем некој некаде нашол решение – работата е само да го откриеш.

2) разговарај со пријател – доколку не можеш да го најдеш на интернет или во книгите, решението сигурно ќе ти дојде од твоите блиски луѓе. Разговарај, кажи им ги твоите грижи и проблеми – ќе се изненадиш колку добри совети може да ти даде човек кој ги гледа твоите проблеми однадвор.

3) побарај стручна помош – онаму каде што твоите пријатели немаат компетенција да ти помогнат, треба да најдеш некој кој знае што треба да направиш. Прашај, ако треба немој да штедиш и да платиш за стручен совет. Сметај го тоа за инвестиција која неколкукратно ќе ти се врати.

Во секој случај, немој да сметаш на трошењето како решение за проблемите, посебно не емотивните. Научи дека кога донесуваш финансиски одлуки, срцето треба да е надвор од равенката.

Доколку мислиш дека би можел на некој начин да ти помогнам околу овој дел од твоите финансии, може да ме контактираш и мене. Исто така, би можел да ги споделиш и своите искуства во коментарите под постов.

Сподели го постов со своите пријатели на социјалните мрежи. Претплати се да ги добиваш содржините преку и-мејл и да не ги пропуштиш новите постови.

Најевтиниот и најздравиот начин да имаш убаво тело

Не треба богатство за да изгледаш доброНајевтиниот и најздравиот начин да имаш убаво тело е всушност оној што му го дава на телото она што му е потребно – ни трошка повеќе, ни трошка помалку. Секако, ова што го напишав не е некоја мудрост, ама веднаш се поставува прашањето како да го постигнам тоа?

Ќе се обидам во овој пост да одговорам на ова прашање врз основа на некои од најновите сознанија на науката за тоа како функционира човечкиот ум, како и со помош на основните принципи на правилната исхрана и правиното вежбање.

Ни се допаѓало тоа или не, живееме во ера на амбалажата. Но оваа вистина оди и понатаму – тоа важи и за луѓето, а нивна амбалажа е телото. Оние што изгледаат добро физички, може подобро да „се продадат“.

Постојат научни студии кои докажуваат дека луѓето повеќе им веруваат на оние кои добро изгледаат, дури и во ситуации кога освен изгледот – немаат никаква друга информација за нив. Не е ни чудо што компаниите кога промовираат производи користат манекенки и манекени – луѓе што убаво изгледаат.

Кога моќта на добриот изглед е и научно утврдена, не е изненадувачки фактот што толку луѓе вложуваат толку многу напор, а богами и пари, за да изгледаат добро.

Со примена на неколкуте едноставни принципи, кои овде ќе ги опишам, може да го имаш изгледот што отсекогаш си го посакувал. Признавам, и мене понекогаш тешко ми оди, но од прва рака може да кажам дека тогаш кога сум се придржувал – сум видел резултати.

1. Резултат може да даде само истрајноста

Кога си одлучил да направиш сè што можеш за да имаш убаво тело, ти во суштина си одлучил дека треба да смениш нешто во својот живот. Засега нема да навлегувам во тоа какви промени треба да направиш. Она што овде сакам да кажам е дека треба да правиш само промени за кои знаеш дека може да бидат трајни. Независно колку се мали, тие ќе донесат резултати. Мала промена која ќе истрае долг период, ќе даде повеќе резултати од голема промена, кон која нема да се придржуваш.

Малите промени треба да ги применуваш истрајно сè додека не ти станат навика. Треба да ги отстрануваш непожелните навики како вајарот кој отстранува материјал од каменот додека не го добие посакуваниот облик.

Резултат исто така може да добиеш и брзо, доколку дадеш поголем напор за пократко време. Одењето во теретана, пливањето на базен, возењето велосипед, разни додатоци на исхраната кои помагаат за слабеење и слично, се методите со кои може да постигнеш брзи резултати. Но, овие методи, значи и брзите резултати, се поскапи. Од друга страна, малите промени се потполно бесплатни.

Што значи тоа? Еве еден пример кој го наведувам само за илустрација (самиот ќе одлучиш какви промени треба да направиш): кафето почни да го пиеш без шеќер. Немој да речеш, „на диета сум и во следните три месеци нема да ставам шеќер во кафето“. Тоа значи дека по тие три месеци ти повторно ќе се вратиш на старите навики на користење шеќер во кафето – а со тоа и на стариот облик на телото. Ова е она што некои го нарекуваат баунсинг ефект.

Наместо временски ограничениот пристап, ти би требало да донесеш трајна одлука. Во конкретниов пример тоа би било кога би си поставил принцип дека кафето ти не го сакаш со шеќер и повеќе нема да пиеш кафе со шеќер. Само една ваква мала промена може да повлече лавина на други промени, и да ти го смени животот.

До скоро не ја знаев оваа мала мудрост. Ја дознав читајќи ја книгата „Моќта на навиката“ која во суштина се заснова на научни истражувања.

Направи еден список на тоа кои се промени би требало да се направат. Одбери една, а пописот стави го настрана и прегледувај го одвреме навреме, додека не ја оствариш целта. Почни со поедноставните, продолжи со покомплицираните.

Првиот принцип, истрајноста, од тебе бара само едно, трпеливост додека упорно се држиш на она што си го одлучил. Мотивирај се секој ден, читај цитати од интернет, читај книги, гледај видеа на Youtube и слично. Направи сè што можеш само да истраеш.

2. Немој да држиш диети

Еден од најкорисните совети што лично ги применувам е дека кога сакаш да смениш нешто во исхраната, наместо да одземаш работи кои ги јадеш, подобро е да додаваш. На пример, ако во ручекот секој ден јадеш двојно повеќе салата отколку во минатото, може да очекуваш дека ќе почнеш да јадеш помалку затоа што салатата ќе направи да се чувствуваш полн. Ако сакаш да зголемиш мускулна маса, природно, ќе почнеш да додаваш храна богата со протеини. Додавај во исхраната работи кои знаеш дека се добри за тебе и со тек на време (применувајќи го првиот принцип – истрајноста) ќе видиш резултати.

Доколку почнеш да се храниш правилно, нема да има потреба да се изгладнуваш за да ослабеш. Со тек на време, телото само ќе ги исфрли непотребните килограми. Разгледај што вообичаено јадеш, кои се твоите навики во исхраната. Ова може да го постигнеш со тоа што извесен период ќе запишуваш сè што внесуваш во уста. Разгледај исто така и која количина храна внесуваш, како и во кое време на денот го правиш тоа. Кога сето ова ќе го изанализираш, ќе сфатиш кои се проблемите со твојата исхрана и ќе можеш да почнеш тоа да го менуваш. Секако, како што веќе кажав – на трајна основа, не кампањски.

За да можеш даго постигнеш ова, треба да учиш постојано. Одвои време во текот на денот и читај по малку за тоа што е здрава исхрана. Притоа, те молам, води сметка за тоа кои извори ги користиш. Постојат многу пристапи кон прашањето што во суштина е здрава исхрана. Многу често многу од нив се поврзани и со причини кои немаат врска со храната.

Моја препорака е да бидеш многу конзервативен и да заборавиш на разно-разни алтернативни пристапи или „револуционерни“ пристапи на прехрамбената и фармацевтската индустрија – држи се на официјалната наука и институционални сајтови – ќе ги препознаеш затоа што во адресата имаат .edu или .gov.

3. Вежбај со своето тело

Вежбањето во теретани, користење тренери, плаќањето членарини за базен, уплаќање за зумба и аеробик, патување на скијање и слично знаат да бидат многу скапи проекти. Со исклучок на ситуации кога станува збор за професионален спортист, никој од нас во суштина нема потреба од ниво на фитнес какви што имаат оние кои по професија се занимаваат со спорт. Затоа и инвестирањето во сите тие тренинзи и подготовки е непотребен луксуз. Искрено, ако се пресмета и ризикот од повреди, како и трошењето на телото, сите тие работи дури и нанесуваат штета.

Наместо сето тоа, обиди се да воведеш промени на стилот на живот. Внеси, на пример, во твоите утрински рутини неколку серии утрински вежби, како склекови, чучњеви, стомачни, или некои полесни варијанти за девојките. Друга опцијаа е наместо вежбање да воведеш вежби за истегнување – затоа што еластичноста е исто толку важна како и вежбањето. Интернет е преполн со упатства за тоа како се вежба, секој може да го најде она што му треба.

Наместо на кафе, најди пријатели со кои ќе можеш да пешачиш до блиското излетничко место како на пример Водно, за оние што се од Скопје. Ако работата не е премногу далеку и временските прилики ти дозволуваат, оди пеш на работа.

Воведи си тренинг во домашни услови три-четири пати неделно. Притоа не ти е неопходна опрема – користи вежби со телото. Користи ги вежби слични на оние што веќе ги споменав – склекови, чучњеви, стомачни.

Сите овие идеи, нека ти послужат само како основа. Вложи време во сопствена едукација на овие теми. Биди си самиот свој водич и самиот свој учител.

Секако, јас му стојам на располагање на секој кому му треба некој дополнителен совет, насока или мотивација. Доволно е само да ми пишеш порака и да ми објасниш што точно сакаш да постигнеш.

Доколку сметаш дека овие совети се корисни, сподели ги на социјалните мрежи или по и-мејл. Претплати се за да ги добиваш содржините директно во твојот инбокс за да не пропуштиш некој текст со информации слични на овие.

Финти за пониски цени со Виз-ер

Финти за пониски цени со Виз-ер

photo credit Kuba Bożanowski, Wikimedia

Евтините авиокарти на Виз-ер може да бидат уште поевтини. Што можеш да направиш за да ги имаш овие уште поевтини цени?

Доколку внимателно ги прочиташ упатствата и услугите што ги нуди компанијата, и ако внимаваш на неколку други детали за кои ќе пишувам во постов ќе се изненадиш од разликата во цените.

Во овој пост ќе се обидам да ти дадам неколку сугестии, нешто од сопствено искуство, нешто од препораките кои ги дава самата компанија на нивниот сајт.

Македонија нема свој национален авиопревозник, ама го има Виз-ер. Тоа е, за жал, единствената нискобуџетна компанија која лета од Македонија до европските центри. Симнувањето на визниот режим со ЕУ и доаѓањето на Виз-ер беа најдобрите нешта што можеа да му се случат на просечниот македонски граѓанин од аспект на патување и размена.

Според компанијата од нивниот старт во Македонија во јуни 2011 година, со нив од земјава патувале повеќе од милион патници. Тоа би било отприлика колку пола Македонија.

Со карти кои почнуваат од 10 евра, станува збор за навистина евтини летови, кои често се и неколку пати поевтини од користење автобус за истата дестинација. Но, цените на билетите понекогаш знаат да бидат и неколкупати поскапи, дури до 100 евра. Искористувајќи некои од овие сугестии, може да намалиш барем дел од оваа цена.

1. Инсталирај мобилна апликација – Најважната предност што ја добиваш кога ја имаш мобилната апликација е што добиваш нотификација на мобилниот секогаш кога Виз-ер нуди попусти. Најинтересен попуст што го давале досега ми бил оној кога со секоја купена карта добиваш уште една бесплатно. 2 за 1. Исто така, често знаат да дадат и попуст од 20%. Понекогаш се добива и попуст на багажот.

Секогаш кога има попуст мобилната апликација става знак во облик на логото на Виз-ер, горе од левата страна на твојот дисплеј на мобилниот. Така никогаш нема да пропуштиш ниеден попуст. Има можност овие известувања да ги добиваш и по и-мејл, но тоа не е ни одблиску толку корисно колку нотификацијата што ти ја дава мобилната апликација.

Барав, но не успеав да најдам на сајтот можност да добивам информација секогаш кога има промена во цените на определен лет. Оваа опција не ја најдов ниту на сајтот, ниту на мобилната апликација.

Од другите можности, преку мобилниот можеш да пребаруваш летови, и тоа, според мене, на многу попрегледен и поедноставен начин од оној на сајтот на Виз-ер. Исто така, преку мобилната апликација е можно да се букираат летови исто како и на вебсајтот. Една од функционалностите на апликацијата кои ги најдов за корисни е и можноста да направиш чек-ин.

2. Купи си ваучер за попусти – Стандардниот ваучер чини 30 евра годишно. За него добиваш попусти за двајца патници. Тоа значи дека овој ваучер е погоден за оние кои патуваат сами или во пар. Доколку патуваш и со други луѓе за тебе е ваучерот за групни попусти кој чини 50 евра.

Со ваучерот добиваш попуст од 10 евра од секој билет и по 5 евра од секоја голема торба за чекирање.

Wizz discount

Еве како на сајтот се рекламира оваа опција

Некој ќе си помисли дека не му се исплаќа да купи ваучер ако патува само еднаш годишно. Тоа не е секогаш точно. Ако патувате двајца, одење и враќање, тоа се вкупно 4 билети. Дополнително може да се смета двајцата да земат и една торба за чекирање, во два правци. Значи имаме 4 карти пати 10 евра, тоа се 40 евра попуст. И уште двапати по 5 евра за торбата, тоа се 10 евра попуст. Тоа се 50 евра попуст, а ваучерот чини 30 евра.

Секако оваа пресметка оди ако патувате двајца, и под услов картите да се поскапи од 20 евра секоја. Колку и да имаш попуст, цената на картите не смее да оди под 10 евра.

Пресметај, можеби ти се исплати да се зачлениш за 30 евра и да ги добиеш тие попусти. Уште една напомена, попустот за багаж не важи за букирањата пред да се порача ваучерот за попуст.

Доколку патуваш со Виз-ер повеќе од еднаш годишно, да не користиш ваучер за попуст е бесмислено, затоа што во секој случај на крај добиваш повеќе отколку што си платил за ваучерот.

3. Не се опуштај со багажот – Внимателноста со багажот се подразбира. Јас веќе напишав еден пост за тоа како да се спакуваш во што помал куфер за да можеш да патуваш лесно и без премногу работи со себе – и, секако, поевтино. Овде еве еден мал список на препораки:

а) ако патувате двајца или повеќе, секогаш искомбинирајте се да земете една заедничка голема торба за чекирање. На тој начин, ќе имате малку повеќе место во чекираната торба, како и можност во неа да носите течности, шишиња и слично; а истовремено секој од вас има право со себе да понесе и една малечка рачна торба за во кабина. Плус, една чекирана торба е малку поевтина од две големи кабински торби.

б) секогаш кога можеш патувај со мала торба за во кабина. Тоа е бесплатно, а истовремено добиваш ограничен, но корисен простор за твоите работи. Ако сметаш дека ќе можеш да поминеш со помалку работи од вообичаено, тогаш пробај ја оваа опција.

в) не мора торбата да ја резервираш секогаш кога ја купуваш резервацијата. Ако немаш пари во моментов, торба може да резервираш кога ќе правиш чек-ин. Нема никаква разлика во цената.

г) внимавај на димензиите. Кога ќе одиш на аеродром стави ја торбата во металните решетки наменети за проверка на големината на торбите. На скопскиот аеродром понекогаш знаат да ти прогледаат низ прсти, но онаму каде што сум бил низ Европа, службениците на чек ин дескот знаат да бидат прилично ригидни.

Корисно е да имаш мека торба, која би можела да е флексибилна и да влезе во решетката.

Исто така, може да појдеш на некоја од празните ленти за чекирање и да мериш колку ти тежи торбата. Корисно е да имаш опција кои работи би ги извадил од торба за да дојдеш до посакуваната тежина, но за да можеш да празниш, мора со тебе да има некој кому би му го оставил она што си го извадил од торбата.

Во секој случај, прочитај ги внимателно пропозициите за багаж на Виз-ер.

4. Приорити бординг – Искрено, не ја гледам смислата на користење приорити бординг опцијата. Посебно сега кога Виз-ер воведоа резервирани броеви на седиште.

Друга причина зошто не ти треба приорити бординг е фактот дека ако застанеш прв во редот да влезеш во авион, ти ќе бидеш веднаш зад последниот патник со приорити. Разликата меѓу тебе и него е занемарлива.

Но, по разгледување на тоа што ти се нуди, сфатив дека кога имаш приорити бординг имаш можност да земеш уште едно парче багаж со тебе, како на пример лап топ и слично. Ако се земе предвид дека опцијата за приорити бординг чини 2 до 3 евра, тоа е значително поевтина варијанта отколку да порачаш уште едно парче багаж.

Доколку ти се допадна постов веројатно ќе ти бидат интересни и мојот прирачник како да најдеш евтина авионска карта, како и ризичните финти за наоѓање евтини авионски карти.

Сподели го постов со твоите пријатели на социјалните мрежи. Не заборавај да се претплатиш за да ги добиваш содржините директно во твојот инбокс.

Идеи за бесплатни патувања

Идеи за бесплатни патувањаКога немаш пари, а сакаш да го видиш светот, треба да размислуваш за бесплатни патувања. Немој да им дозволиш на парите да ти го ограничат животот. Ако сакаш доволно, секогаш можеш да изнајдеш начин да видиш некое место и да отпатуваш таму каде што сакаш да бидеш. Не ти се потребни пари за да оствариш некои од соништата, потребно е само да се потрудиш малку повеќе и, најважно, да бидеш активен во потрагата по она што го бараш.

Во овој пост ќе опишам неколку идеи до кои луѓето дошле за да не им дозволат на парите да ги спречуваат во нивните намери да патуваат. Во некои од начините овде опишани, дури лежат и можности да заработиш.

Патувањето не е секогаш до парите. Доколку си доволно инспириран да сакаш да патуваш, веројатно во тебе веќе постои авантуристички дух. Зошто да не го искористиш тоа да почнеш да експериментираш со разни начини на патување? Луѓето сакаат да патуваат и сакаат да го видат светот. Оние најупорните не им дозволуваат на парите да им пречат да го искусат животот што го сакаат. Таквите смислиле безброј нови начини кои се бесплатни или многу евтини, а понекогаш дури и профитабилни.

Идеите кои овде ги наведувам се само начин на кој може да патуваш бесплатно или многу евтино. За вистински да патуваш, потребно е да имаш желба, одважност да тргнеш и да не одложуваш. Најди кар-шеринг опција, најди кауч каде што ќе може да преспиеш, најди некоја привремена работа во градот каде што патуваш – и веќе имаш план.

1. Кауч-сурфинг – Концептот во суштина подразбира преспивање во домот на жител на градот во кој што патуваш. Должината на престојот и сите детали се договараат однапред преку социјалните мрежи, а постојат многу сајтови и фесјбук групи каде што можеш да стапиш во контакт со луѓе што нудат бесплатно преспивање.

Нормално, првото прашање што на многумина им се поставува е колку е тоа безбедно? Никој не може да понуди стопроцентна гаранција, но оние кои го користат овој начин, посебно ако е тоа преку некоја од официјалните кауч-сурфинг мрежи, на сајтот може да прочитаат коментари и рецензии за понудите. Нема поголема гаранција од искуството на некој што пред тебе престојувал некаде.

Јас лично не сум го користел овој начин, затоа што не сум имал потреба, а и не се чувствувам добро кога некому му одземам од удопството, но не гледам причина зошто не би го направил тоа во иднина. Познавам луѓе кои престојувале со кауч сурфинг и велат дека е ок начин да си поминеш поевтино.

Каучсурфингот е најпопуларен во европските земји, но го има и во Северна и Јужна Америка, како и на далечниот исток и во Австралија.

Не би можел да ти дадам конкретна препорака, но доколку си заинтересиран пробај некоја од социјалните мрежи за оваа намена. Знам дека постојат и групи на Фесјбук кои се посветени на каучсурфинг, но јас сепак би одел со специјализираните социјални групи, затоа што нудат малку повеќе информации за тоа каде преспиваш.

2. Кар-шеринг – Станува збор за модел во кој доколку некој веќе патува некаде со автомобил, нуди можност да му се придружат и други со кои би можел да ги сподели трошоците. Ова е навистина добар и прилично евтин начин на превоз.

Јас лично досега не сум го искористил иако неколку пати сум стапил во контакт со луѓе кои нуделе превоз преку кар-шеринг социјалните мрежи. Единствена причина што не сум ги искористил овие можности е тоа што сум нашол друга евтина опција.

Во Европа е прилично популарен сајтот Бла-бла-кар, а за повеќе може да пребараш на Гугл (јас најдов неколку листи со сајтови кои нудат кар-шеринг опции од кои би ја предложил оваа).

3. Работа на брод – Ова е прилично популарен начин за младите во Македонија. Покрај тоа што на овој начин можеш да видиш места што обично не можеш да ги посетиш во ниеден случај со буџетот на просечен жител на Македонија, ова е и начин да заработиш. Познавам луѓе кои се вратиле со прилично добра заштеда од работа на брод.

Како подваријанти овде би ги навел и работа како бејбиситер и сезонска работа на плантажа за овошје и зеленчук, нешта кои се исто така доста популарни меѓу младите во Македонија. Единствено, што со последниве две не се патува толку колку што е тоа случај со работа на брод. Исто така, на брод нема каде да ги потрошиш парите, па повеќе и се заштедува.

Информации за сите овие може да добиете преку соодветните агенции кои постојат во земјава, а не знам дали е возможно да се добие ваква работа доколку директно аплицираш до компанијата или во земјата каде што треба да отпатуваш.

4. Приватно сместување – Кога во Македонија ќе споменеме приватно смествуање прво нешто што ни паѓа на памет е сместување во Охрид или во другите туристички места во земјава. Меѓутоа тоа може да се користи и било каде низ светот. Постојат многу сајтови каде што можеш да најдеш поволно сместување, од обична соба до луксузна куќа со базен. Доколку патуваш заедно со пријатели тоа може да биде значително поевтина варијанта отколку да престојуваш во хотел. Секако, ова не е бесплатна варијанта, но може да биде најблиското нешто до бесплатна, посебно ако си некој на кој му се потребни малку повеќе услови.

Јас ја користам оваа варијанта прилично често. Постојат многу сајтови кои обезбедуваат комуникација меѓу оние кои изнајмуваат и оние кои бараат сместување. Најпопуларен таков сајт во моментов е Airbnb.

5. Волонтирање – Многу активистички и хуманитарни организации имаат потреба од работна сила. Размисли, доколку имаш некоја страст и талент, и доколку имаш желба некому да му помогнеш можеби ова е твојата најдобра опција за да патуваш и да го видиш светот. Провери ги организациите кои се занимаваат со работите кои те интересираат и исконтактирај ги дали им треба помош од волонтери. Обично ваквите организации на волонтерите може да им понудат сместување и три оброци дневно, а тебе не ти е потребно ништо повеќе. Лоша страна е што волонтерската работа ќе ти одзема доста време и енергија; добра страна е што директно ќе се запознаваш со многу луѓе и култури.

Размислувај за работиве кои ги наведов во постов само како за идеи. Сигурен сум дека многумина имаат и други. Во тој случај сите ние ќе им бидеме многу благодарни ако ги споделат со нас во коментари или кај мене во порака, па јас ќе најдам начин да им го соопштам на читателите на блогов, дали преку посебен пост или во коментари.

Сподели го постов на социјалните мрежи и помогни им на оние кои сакаат да патуваат, а се чувствуваат блокирани од недостигот на пари. Претплати се на мојата имејл листа и не ги пропуштај новите содржини.

Упатство за избор на осигурување

Препораки за избор на осигурување
Оној што има осигурување никогаш не може да го допре дното. Колку и ниско да паднеш, ќе имаш за што да се фатиш. Секако дека штедењето за црни денови е паметно, но постои и еден друг, според мене, многу попрактичен начин на заштита од не-дај-боже ситуации.

Кога сакаш паметно да управуваш со своите пари постојат неколку работи кои се основа на сè: буџетирањето, приходите, расходите, менаџирање на долговите, штедењето и осигурувањето. Овој пост е посветен на осигурувањето.

Постои една шега која вели дека кога плаќаш осигурителна полиса, ти се кладиш дека нешто лошо ќе ти се случи – ако погодиш, ќе заработиш. Но би можеле и да речеме дека ако немаш осигурување, ти се кладиш дека ако се случи нешто – финансиски ќе пропаднеш.

Шегата на страна – паметните кога мислат на своите пари, секогаш имаат и план Б во не-дај-боже случај. Не е пријатно да се замислува, но што ако целиот твој стан изгори или ако се случи сообраќајка по која ќе мора да се лекуваш со скапи третмани. Логиката на осигурувањето е дека ќе издвоиш одредена сума кога сè е ок, за ако се случи вакво нешто – да не мора финансиски да пропаднеш или да останеш задолжен.

Во овој пост ќе ти дадам неколку идеи за тоа кои полиси за осигурување би биле паметна идеја за просечен жител на нашава држава. Секако, нема да зборувам за осигурувањето на автомобил, кое е задолжително при регистрација. Ова се правно незадолжителни полиси, но доколку имаш редовни примања се задолжителни за секој што барем малку мисли на својата иднина.

Те молам имај на ум дека јас не рекламирам и не фаворизирам ниедна осигурителна компанија, туку само објавувам информации до кои сум дошол од луѓе кои го работат ова или од лично искуство. Овие полиси може да ги склучите во компанија по ваш избор – на крајот на постов имаш и упатство како да одбереш релевантна осигурителна компанија.

Секако дека познавам луѓе што работат во осигурување и ако си заинтересиран за нешто од ова за кое зборувам, може да се обратиш до осигурителните компании, но може и да ми пишеш порака за да ти дадам повеќе информации.

1. Осигурување на имот – Се плаќа годишна сума, која што се пресметува по квадратен метар од твојот стан. За нормален двособен стан би била отприлика по 200 до 300 денари месечно или годишно околу 50 евра. Во полисата е прецизирано од што конкретно си заштитен, но генерално станува збор за заштита од пожар, поплава, вандализам и слично. Со други зборови, ако станот ти биде уништен од виша сила, осигурувањето ти плаќа тој да биде реновиран и вратен во состојба во која бил кога си ја склучил полисата.

Постојат и извесни дополнувања и клаузули на овие полиси, како на пример за осигурување на викендичка каде што се плаќа една третина од сумата и слично.

Доколку можеш да одвоиш 50тина евра годишно би било неодговорно да не го осигураш својот стан. Оваа полиса е посебно препорачлива ако го издаваш станот.

2. Животно осигурување – Ова е мојот фаворит. Мислам дека секој што сака да се осигура би требало да почне од овде. Веројатно постојат разлики во условите што ги нудат различни осигурителни компании, ама во главно идејата е следнава (ќе ја објаснам со конкретна сума за да стане појасно, во суштина секој може да си избере по колку ќе плаќа): плаќаш по 600 евра годишно (или по 50 евра месечно) во текот на 5 години (или колку ќе се договориш). По истекот на тие 5 години си ги земаш назад сите 3.000 евра исто како да си ги штедел, со тоа што ако осигурителната компанија ги свртела и заработила, може да добиеш и некој процент плус. И тоа не е сè. Во текот на овие 5 години, доколку нешто ти се случи твоето семејство зема 3.000 евра веднаш, без да изминат 5 години, дури и ако тоа се случило само после 1 месец откако е склучена полисата.

Фактички, парите што ќе ги платиш на крај ти во секој случај ќе си ги добиеш назад – само што ако имаш ваква полиса – осигурен си во случај на смрт. Му доаѓа отприлика како некој вид штедење со осигурување.

3. Патничко осигурување – Кај нас ова обично го вадиме само ако мора да го направиш тоа затоа што така бараат од некоја амбасада каде што вадиш виза. Дури и во такви случаи, ние тоа го правиме така што ќе прашаме која е најевтината и без да се загледаме во деталите ја вадиме. Но, постојат многу причини зошто би требало да сме повнимателни со патничкото осигурување. Планирам да напишам посебен пост за патничко осигурување, но овде сакам да напоменам неколку работи: не се затрчувај по најевтиното патничко осигурување – она што го продаваат за 200-300 денари, затоа што тоа многу често може да бидат само фрлени пари. Со додавање на 100тина денари, ќе можеш да добиеш патничко осигурување што навистина ќе можеш да го искористиш (дај боже никогаш да не ти затреба). Поентата ми е, како и за секое од погорните полиси, извади патничко осигурување од релевантна компанија.

Пресметај си колку денови во годината патуваш и направи осигурување на толку денови – се плаќа од ден и цената на ден не се менува од тоа колку денови ќе се соберат.

4. Земјоделско осигурување – Добро, ова мене не ми затребало, ама кога јас би бил земјоделец не би оставил на виша сила дали посевот ќе ми го утепа град или ќе ми го искорне поплава. Дури и пред да дознаам дека постои таква полиса си мислев – а зошто земјоделците не ги осигураат посевите? И испадна дека постоела и дека државата ја субценционирала со 50 отсто – што значи дека земјоделецот си плаќа само пола.

Како да знам каде да се осигурам?

Е сега, не е сеедно во која компанија ќе се осигураш. Исто како да купуваш кола, шкода е поевтина од мерцедес, ама она што го добиваш е пропорционално понеквалитетно. Во осигурувањето тоа се мери со фактот дека релевантните компании исплаќаат суми кога навистина има штети, а помалку релевантните може да бараат секакви изговори само да не ти платат или да ти платат помалку. Затоа, внимавај каде ќе се осигураш, зашто ако не одбереш добро – тоа може да бидат фрлени пари.

Прашањето што мене ми се постави и кое знам дека и вам ќе ви се постави е – како да знам која е релевантна компанија. Не сакајќи во овој текст да фаворизирам или рекламирам, побарав да ми дадат извор каде што ќе видам која е релевантна. Таков постои, тоа е Агенцијата за супервизија на осигурување, која прави годишни извештаи. Пребарај ги извештаитееве го оној за 2015 година (pdf), објавен летово. Ако те мрзи да пребаруваш, моја препорака е да ги ѕирнеш табелите број 8 и, посебно, број 19.

Доколку ти се допадна овој пост и се прашуваш зошто порано никој не ти кажал за ваквите идеи, направи нешто за своите пријатели, сподели го на Фесјбук или Твитер, прати им го по и-мејл, нека се информираат и тие. Мене кога ги дознав овие работи ми беа навистина корисни. Ако ти се допаѓаат содржините на блогов претплати се за да ги добиваш новостите директно преку имејл.