Петте најголеми грешки што те тераат на трошење

Петте најголеми грешки што те тераат на трошењеНа трошење може да се натераш само самиот ти. Доколку не знаеш да го контролираш она што го правиш, трошењето ќе биде сериозен проблем. Оние што многу трошат обично ретко кога се прашуваат зошто го прават тоа. Прашањето кое многу почесто им доаѓа на ум е каде ми отидоа парите?

Ќе ги формулирам во овој пост петте најголеми причини на кои би требало да размислиш доколку и ти се прашуваш каде ти одат парите.

Може да не се сметаш себеси за некој кој троши премногу и кој што ужива во луксуз и гламур. Но, не е потребно да возиш скапа кола и да јадеш во најотмените рестоарни во градот за да бидеш трошаџија. Понекогаш парите може да добијат крилја и поради причини кои не може да ги видиш, причини кои се прикрадуваат во твојот живот и ти го исцедуваат буџетот без да бидеш свесен за тоа.

Прочитај ги овие пет грешки кои луѓето обично ги прават кога трошат премногу. Можеби ќе најдеш дека некоја од нив се прикрадува во твојот живот и работи тајно против тебе. Ако е таков случај, гледај да направиш сè што е во твоја моќ да ја надминеш.

1. Не ги контролираш своите пари – Постои едно клучно правило кога станува збор за управување со личните финансии, а тоа се однесува на тоа колку ги контролираш своите пари. Ако не ги контролираш своите пари, тие ќе го контролираат твојот живот. Поедноставено кажано, кога ќе снемаш пари, тоа ќе влијае на твоите одлуки и ти ќе мора да живееш онака како што твојата беспарица ќе ти наложи.

Првиот чекор кон контролирањето на твоите пари е да знаеш секогаш колку имаш во моментот и колку е предвидено да потрошиш. Практично, тоа би значело дека секогаш мора да водиш дневник на сите трошоци што ги правиш, секое испиено кафе, секој платен ручек, секоја сметка мора да биде запишана во твојот дневник. На тој начин ти знаеш каде одат твоите пари, а самото тоа ќе ти даде информација што можеш да направиш за да ги контролираш. Исто така, многу е полесно да ги контролираш своите пари кога трошиш кеш, наместо да плаќаш со картичка. Многу полесно е да изгубиш контрола над трошењето кога не ги гледаш парите што ги трошиш.

2. Немаш долгорочен финансиски план – Долгорочниот финансиски план ти дава перспектива. Без него, секој денар што ти доаѓа во рака има поинакво значење за тебе.

Да имаш долгорочен финансиски план подразбира дека мора да си ги напишеш на еден лист своите цели за 1, 5 или 10 години. Тоа не мора да значи дека ќе ги исполниш – поважен е фактот дека знаеш во која насока се движиш. Оваа насоченост ќе им даде консистентност, постојаност, на твоите одлуки. Многу често непотребните трошења доаѓаат од менувањето на одлуките и незнаењето што точно сакаш да купиш или што точно сакаш да постигнеш.

Долгорочниот финансиски план бара да имаш визија за својата иднина и токму таа визија ќе направи да знаеш што сакаш кога купуваш било што.

Практично, ова би значело дека ако сакаш да купиш стан за 5 години, наместо да се затрчуваш по најновиот модел на мобилен телефон, ќе го користиш стариот сè додека си ја врши работата. Ти знаеш дека по 5 години ќе купиш стан и откажувањето од оние работи кои не ти се неопходни за тебе има смисла. Нема да си речеш – сега имам пари, зошто да не го купам најновиот модел? Ќе си речеш – овие пари се за станот што ќе го купам, а стариот телефон сè уште добро ми служи.

3. Купуваш на прва – Во суштина ова се однесува на две работи: а) не ги проверуваш цените и б) не преговараш.
Глупаво е да купуваш производ или услуга, а притоа да не ја проверуваш точната цена. Ќе се изненадиш колку луѓе во суштина многу ретко проверуваат за цената, посебно кога станува збор за разни ситници што ги купуваат во супермаркетот. Сепак, кога ќе се соберат на купче, цените на овие ситници може да ти го истенчат буџетот.

Многу луѓе исто така, не ја проверуваат цената на истиот производ во различни продавници. Зошто да плаќаш поскапо, кога истото може да го добиеш поевтино?

Исто така, многу од луѓето не се ни обидуваат да ги преговараат цените на производите, и посебно на услугите што ги добиваат. Ќе се изненадите колку од овие цени може да бидат пониски, ама тие не се пониски затоа што не си побарал да бидат. Следниот пат кога ќе одиш на јога или на тренинг, прашај дали ако одиш само половина месец може да не плаќаш за целиот или наредниот да платиш само половина. Секако, има места каде што не можеш да преговараш, но некои од овие зделки ќе му помогнат на твојот буџет.

4. Подлегнуваш на притисоци и на сугестии – Постои цела индустрија која се занимава само со едно: да те убеди да трошиш. Рекламната индустрија често за себе вели дека цел ѝ е да ги искомуницира потребните информации за потрошувачите, но во суштина таа прави многу повеќе од тоа. Често дури и создава потреби кои луѓето навистина ги немаат.

Ако почнеш да им подлегнуваш на сугестиите на рекламите може да банкнотираш за неколку часа. Затоа, игнорирај ги – немој да размислуваш за нив како за информации и игнорирај ги потполно кога носиш одлуки за трошење.

Малку покомплицирано е кога станува збор за сугестиите и притисоците што доаѓаат од твоите социјални кругови. Секако дека нема твоите пријатели да те игнорираат ако немаш најк или адидас патики, или ако не возиш ауди – но, твоето чувство на инфериорност може да те натера да трошиш и таму каде што не би смеел.

Затоа држи се до својата финансиска визија, остварувај го својот план и биди секогаш свесен дека ти не си она што го имаш или немаш, туку нештата што ги правиш во животот.

5. Не бараш помош – Во динамичниот свет во кој што живееме многу често може да ја изгубиме перспективата и да почнеме да ги гледаме работите од жабја перспектива. Тоа се случува кога преокупирани со работата или со нашиот секојдневен живот, и најмногу кога преживуваме тешкотии (финансиски, емотивни или било какви други) престануваме премногу да водиме сметка за парите.

Кога тоа се случува ние не можеме објективно да донесуваме одлуки, посебно онакви кои се однесуваат на тоа што и колку трошиме.

Но, има решение и за овој проблем. Всушност има три:

1) читај и пребарувај – интернет е преполн со совети. Постојат безброј книги кои може да ти помогнат, посвети време и енергија на нив. За скоро секој проблем некој некаде нашол решение – работата е само да го откриеш.

2) разговарај со пријател – доколку не можеш да го најдеш на интернет или во книгите, решението сигурно ќе ти дојде од твоите блиски луѓе. Разговарај, кажи им ги твоите грижи и проблеми – ќе се изненадиш колку добри совети може да ти даде човек кој ги гледа твоите проблеми однадвор.

3) побарај стручна помош – онаму каде што твоите пријатели немаат компетенција да ти помогнат, треба да најдеш некој кој знае што треба да направиш. Прашај, ако треба немој да штедиш и да платиш за стручен совет. Сметај го тоа за инвестиција која неколкукратно ќе ти се врати.

Во секој случај, немој да сметаш на трошењето како решение за проблемите, посебно не емотивните. Научи дека кога донесуваш финансиски одлуки, срцето треба да е надвор од равенката.

Доколку мислиш дека би можел на некој начин да ти помогнам околу овој дел од твоите финансии, може да ме контактираш и мене. Исто така, би можел да ги споделиш и своите искуства во коментарите под постов.

Сподели го постов со своите пријатели на социјалните мрежи. Претплати се да ги добиваш содржините преку и-мејл и да не ги пропуштиш новите постови.

Comments

  1. Уште една честа грешка е купување кога има попусти од 20,30,50-70%. Тогаш купуваме и тоа што ни треба но и она што не ни треба,само затоа што ни изгледа поефтино.
    Исто така, озбегнувајте купување “на нервна база”! Трошењето пари нема да ви ги реши шрпблемите, напротив ќе имате уште еден:). Постојат бесплатни начини на опуштање како на пример музика,танц,книга или муабет со пријател…

Speak Your Mind

*

*