Патувај со рачен багаж или мала торба

лесниот куфер е лесен и за новчаникотПатувањето само со рачен багаж не само што е евтино, туку е и практично. Луѓето што пакуваат преголеми торби, своите куфери не ги полнат само со алишта, туку внатре ги ставаат и своите стравови: а што ако тоа ми притреба, а што ако се разболам? Поради тие стравови тие мора да платат такси затоа што не можат да пешачат од станица до хотел, а на авиокомпаниите им плаќаат чекиран багаж.

Во овој пост ќе објаснам како би требало да се пакува секој што сака да се чувствува лесно и слободно.

Постојат два начини на пакување: инстинктивен и планиран. Обично колку нешто почесто правиш, толку помалку ти треба планирање и толку повеќе користиш инстинкт. Во овој пост ќе објаснам дека со пакувањето е обратно: колку повеќе имаш искуство, толку повеќе сфаќаш дека доброто планирање е мајка на знаењето… упс, не. Доброто планирање при пакувањето е најдобар пријател на твојот буџет и на твојата кичма.

Во моево неколкугодишно глобтротерско искуство сум ги користел и двата методи. Ти гарантирам, ако се пакуваш инстинктивно ќе земеш 30% повеќе работи отколку што навистина ќе ти требаат, плус 100% ќе заборавиш да земеш некоја ситница што навистина ти треба.

Ок, еве како треба да се планира пакувањето. Ќе го објаснам мојот метод чекор по чекор.

1. Патни информации – Почнувам со бележникот: јас го користам Evernote затоа што може да пишувам на лаптоп или десктоп, а истото потоа може да го гледам и уредувам и на мобилен. Пред да тргнеш задолжително сетирај да можеш да го користиш информаторот офлајн, затоа што во странство не можеш секогаш да се качиш на интернет.

Мојот информатор обично содржи неколку оддели:

  • корисни адреси – каде се наоѓа станот или хостелот каде што ќе спијам, заедно со упатства како да стигнам од аеродром до железничка, од железничка до центар и таканатаму
  • такси, автобус, метро – пред да патуваш било каде задолжително изгуглај информации за градскиот траспорт: неинформираниот секогаш плаќа двојно. Пребарај навреме: ако не го најдеш инфото што ти треба, ќе најдеш форуми каде што ќе може да прашаш – за тоа треба време.
  • препораки – благодарение на тангото имам пријатели во скоро сите држави во Европа. Пред да одам таму задолжително се обидувам да добијам информации кои не ги знам, а би требало – посебно ако првпат патувам во земјата.
  • програма – мојата програма е главно танго – колку милонги (игранки) има и кога. Во твојата програма веројатно ќе влезат посети на музеи, знаменитости и слично. Како и да е, колку попрецизна програма ќе имаш, толку полесно ќе може да се спакуваш
  • временска прогноза – иако луѓето повеќе веруваат во хороскоп отколку во временската прогноза, треба да ги имаат и овие информации. Ако ништо друго, ќе им користат многу повеќе отколку хороскопот.

Кога ќе бидеш во странство ќе си честиташ себеси што си го направил ова. И твојот буџет ќе биде среќен исто така.

2. План за пакување – Кога ќе го правиш планот почни од програмата што ја направи во патните информации. Ако планираш да се излежаваш на плажа ќе носиш поинаква облека отколку ако во програмата имаш 5 милонги за 3 дена.

Точка по точка, дефинирај што ти треба. Ако планираш 2 вечерни излегувања и 2 дневни прошетки, ќе си испланираш да имаш облека специјално за тоа.

Мене ми е корисно во списокот да ја внесам и облеката што ќе биде на мене по пат. Еве на пример како би изгледало дел од списокот:
5 маички (1 на мене)
1 кошула
1 фармерки (на мене)
1 дукс (на мене)
долна пижама

Во планот ги ставам сите можни предмети што идат со мене: каиш, новчаник, пасош, карти, осигурување, iPod, Kindle, мобилен, полнач, кабли за полнач и тн. Само така нема ништо да заборавиш. Тежок е само првиот список што ќе си го направиш – секој следен е само адаптација.

3. Оптимизација – Не постои куфер кој што не може да се испразни за една третина, а притоа ништо да не ти фали.

За вечерно излегување не ти треба кошула, таа зафаќа место и бара пеглање – ќе поминеш и со маичка: сигурно нема да се сликаш на црвен тепих на доделување Оскари. Нема да ти треба несесерот за хигиена: ќе си поминеш ок и само со пастата и четката заби. Не ти требаат два парфеми, или оној во шише од 100ml – земи го малото шишенце – сеедно е на кој пафем ќе мирисаш.

Лекови, ханзапласти, работи за не-дај-боже, чаеви, бабини деветини и слични работи не носи никогаш со себе. Како што веќе кажав: стравовите кога ќе ги спакуваш во куферот тежат повеќе од самите алишта. За три-четири дена ќе преживееш и без нив.

Испланирај да имаш точно колку што ти треба и не понесувај резервна варијанта. Кога си решил да патуваш евтино, треба да научиш понекогаш да ги носиш истите работи по двапати. Јас тоа кога сум дома никогаш не би го сторил, но за да си го заштитиш буџетот, малку ќе ги спуштиш стандардите кога си во странство. Ако станува збор за викенд патување, машките може да се откажат од редовно бричење тие неколку дена. Подобрите хостели имаат на располагање гел за туширање во заедничките бањи, а за секој случај, наместо 100ml гел за туширање, можеш да си носиш едно мало сапунче. Ќе преживееш и со тоа. За да знаеш од што може да се откажеш, мора и да се информираш колку што можеш подобро – дали хостелот нуди пешкири или мора да си понесеш, што друго има, а што нема. Понекогаш е поефтино да тркнеш до кинеската продавница во градот каде што патуваш за да си купиш пешкир, отколку да носиш со себе.

4. Во и надвор од куферот – Во куферот одат најлесните и најмалите парчиња облека. Најголемите и најтешките – ги облекуваш на тебе: дуксот, јакната, фармерките, патиките. Со нискобуџетните летови плаќаш за багаж, но дозволено е во раце да носиш јакна или дукс, книга или таблет. Во куферот одат најлесните парчиња и оние што зафаќаат најмалку место.

За жал, лаптопот се смета за посебна торба, па ќе мора да го спакуваш во куферот со другите работи – не може да го носиш в раце како книга.

Веројатно забележа дека точките за информирање и планирање се подолги отколку оние поврзани директно со куферот – тоа е затоа што првите две точки се поважни отколку вторите. Вторите се всушност мануелната работа, само спроведување на планот што си го направил.

Доколку ти се допадна овој пост веројатно ќе те интересира и оној за тоа како да најдеш евтини авионски карти, и неговото продолжение со ризичните финти за наоѓање евтини летови.

Сподели го овој пост на својот ѕид на Фесјбук или Твитер за да им користи и на твоите пријатели. Ако имаш идеи или ако сакаш да го споделиш своето искуство во лесно пакување тоа може да го направиш во коментарите под постов.

Ризични финти за наоѓање евтини авионски карти

Ризични финти за наоѓање евтини авионски карти
Може да најдеш евтини авионски карти дури и кога сајтовите за пребарување летови нема да ти дадат поволна понуда.

Во Прирачник за наоѓање евтини авионски карти пишував како може да најдеш поволни опции преку пребарувачите. Во вториот пост за евтини авионски карти ќе ги разгледаме останатите опции.

Пред да научам макар нешто од тоа како се наоѓаат поволни билети, неколкупати ми се случи да купам поскапа опција, а подоцна да откријам дека постоела поевтина варијанта. Навистина фрустрирачки.

Тоа искуство ме натера кога пребарувачите нама да ми дадат поволна карта, да се потрудам повеќе. За начините за кои ќе пишувам денес, треба навистина да одвоиш малку време и труд, ама на крајот ќе бидеш награден со карта која понекогаш е и до 100 евра поевтина.

Последен пат тоа ми се случи пред неполн месец, кога за мене и за моите пријатели од танго успеав да направам план на летање од Скопје до Лисабон за 86 евра повратна карта – иако пребарувачите кажуваа дека најевтината варијанта е 250 евра.

Овде би требало да напоменам и дека некои од овие опции имаат и малку поголем ризик да пропуштиш некој лет, ама мислам дека е тоа во разумни граници. Според мене, разликата во цените го оправдува ризикот. Сетете се само што вели Грунф од стариот добар Алан Форд:

Во овој пост ќе опишам три идеи кои ќе ти помогнат во претрагата по евтина авионска карта ако пребарувачите не ти понудат поволна опција.

1. Патувај приближно – Пробај да не патуваш од Скопје или директно до посакуваната дестинација. Отвори Google Maps и разгледај кои поголеми градови со аеродром ги има во близина на дестинацијата.

Јас на примр, кога патувам во Удине (Италија) често патувам до Венеција, па одтаму со воз до Удине. Цената на авионската карта и картата за воз заедно е пониска од авион директно до Удине.

Скопје има нов аеродром, но не е баш некој центар, така што не може да се каже дека е добро поврзан со авионски линии. Секогаш пребарај летови и од Софија, Белград, Подгорица или Солун, а бидејќи многумина од таму работат во некоја од западноевропските земји, често може да најдеш евтини летови и од Приштина. Јас досега сум патувал неколку пати со тргнување од Софија и еднаш од Белград.

Кога ќе најдеш евтин лет од некој од соседните аеродроми, провери задолжително и кои ти се опциите за превоз од Скопје до таму и пресметај ја цената. Доколку патуваш во група, понекогаш е исплатливо дури и да изнајмиш такси. Биди свесен и дека покрај картата за автобус до овие градови ќе треба и нешто да јадеш по пат, така што можеби и поскапа карта со тргнување од Скопје е поповолна опција.

Овде сакам да додадам и две забелешки:

1) Елена во коментарите под постот Прирачник за наоѓање евтини авионски карти, напомена дека со пребарувачот Google Flights имаш опција да наведеш и четири дополнителни аеродроми за полетување.

2) Ивана во порака ме информираше дека Skyscanner има интересна опција наречена price alert, која e корисна кога ти е важна дестинацијата, а не е толку важен датумот. Мене досега не ми требало, но некому може да му е корисна опција. Проверив и забележав дека и Момондо има fare alert.

Заклучокот е дека скоро сите пребарувачи имаат слични опции, но можеби не е лошо секој сам да си ги провери.

2. Планирај на ризик – Доколку и после сите овие пребарувања и симулации цените се сè уште високи, повторно немој да се разочаруваш. Постои уште една дополнителна можност.

Колку и да се добри, пребарувачките машини не ги нудат сите опции што постојат во реалноста. Затоа, ако одвоиш малку време може да се изненадиш колку поефтини опции може да најдеш.

Еве го методот што го користам, објаснет чекор по чекор:

а) Провери кои нискобуџетни компании летаат од и до Скопје и направи список до градовите до кои има евтини летови. Покрај името на градот запиши го точното време на полетување и слетување и, секако, цената. Може да најдеш летови кои чинат и помалку од 10 евра. Обично евтини летови од Скопје се оние на Виз-ер, па тоа ти го поедноставува пребарувањето. Сепак, провери ги и летовите со Алиталиа и Пегасус – провери со некој од пребарувачите дали има и друг евтин лет.

б) Истото направи го и со летовите од посакуваната дестинација. Важно беше да провериш прво од Скопје, затоа што списокот на градови до каде што има евтини летови е обично помал. Сега провери дали од твојата дестинација има евтини летови до оние градови кои се поврзани со Скопје.

в) Спореди ги списоците и најди комбинација која ти одговара. Внимавај меѓу летовите да има разлика од најмалку два часа, поради непредвидени одложувања, посебно ако леташ со чекиран багаж (за багажот ќе објаснам подолу).

г) Доколку имаш пријател или роднина во некој европски град, можеби може да одбереш и варијанта со преспивање – ако тоа ти ја намалува цената на картата.

3. Багаж – Нискобуџетните компании обезбедуваат ниски цени со кратење на сите трошоци што не се неопходни. Кога патуваш со нив мора да сметаш дека за речиси сè, освен за билетот, мора да доплатиш. Внимателно прочитај на сајтот на авиокомпанијата што е вклучено во картата, а за што ќе треба да доплатиш.

И покрај доплаќањето, цената на билетот со нив е поевтина од „нормалните“ авиокомпании. Фактот дека бираш за што ќе доплатиш, ти дава можност да си го планираш нивото на комфор во зависност од твојот буџет. Во авионот можеш да си купиш кафе, може со билетот да резервираш седиште со дополнителен простор за нозете, да земеш рачен багаж или чекиран куфер и слично.

Моја препорака е доколку патуваш сам и не повеќе од 5-6 дена да не уплаќаш за голем куфер. Мал куфер што може да го земеш во кабината е доволен. Доколку патуваш заедно со уште двајца или тројца сопатници, можеби треба да ја разгледате можноста да чекирате заеднички куфер.

Во секој случај, моја препорака е да патуваш лесно. Не земај со себе повеќе од она без кое навистина не можеш.

Мислам дека најдобрата опција, посебно ако самиот си ги планираш летовите е да не чекираш голем куфер, затоа што чекајќи го багажот од претходниот, може да го пропуштиш наредниот лет.

Кога купуваш билети не е непходно да резервираш багаж, тоа обично може да го направиш кога ќе направиш чек-ин, еден ден пред летот.

Биди свесен и дека кога леташ со нискобуџетните компании често ќе треба да имаш испринтана карта или бординг пас на мобилниот.

Доколку ти се допаѓа овој пост, можеби ќе ти биде интересен и Прирачникот за наоѓање евтини авионски карти. Те молам да го споделиш постов на социјалните мрежи или на друг начин за што повеќе луѓе да имаат корист од информациите во него.

Претплати се на мојата и-мејл листа за да ги добиваш содржините на блогов директно преку елеткронска пошта.

 

Прирачник за наоѓање евтини авионски карти

evtini avionski kartiПатувај со евтини авионски карти. Немој да дозволиш парите да стојат помеѓу тебе и твојата желба да го видиш светот. Ова е советот кој од срце им го давам на сите, посебно на оние кои се помлади и не се врзани со премногу обврски.

Со појавата на нискобуџетните авиокомпании летањето со авион престана да биде привилегија само на побогатите. Сега може да се патува со авион по цена која понекогаш е поевтина и од автобус или воз.

Доколку станува збор за директни нискобуџетни линии планирањето на летот не е толку тешко, но кога треба да смениш неколку лета за да стигнеш до саканата дестинација, тоа е комплицирана операција. Ќе се обидам во оваа серија од два поста да ти дадам неколку трикови за тоа како да најдеш поевтин авионски лет до било која дестинација во светот.

Она што отпрвин требаше да биде еден текст, решив да го поделам на две, затоа што излезе подолго од она што го замислував. Првиот дел е за пребарувачите на летови, додека во вториот почнува вистинската магија на умешноста на наоѓање евтини летови.

Благодарение на тоа што танцувам и држам часови по танго, а најмногу благодарение на тоа што сум танго DJ и кога патувам – трошоците ми се покриени, последниве неколку години речиси секој месец летам некаде. Моите најомилени дестинации за танго се северна Италија, Шпанија и Португалија, а често се случува да патувам и во Германија.

Некој може да си помисли дека трошам многу пари за авионски карти – тоа не е точно: ако знаеш да пребаруваш и да планираш може да си поминеш со изненадувачки евтини летови.

Во овој пост ќе објаснам како можеш да најдеш евтини авионски карти. Ова не е егзакна наука, сигурен сум дека има и други начини освен овие. Ако некој знае таков ќе му бидам благодарен да го сподели во коментари или директно да ме контактира.

1. Пребарувач на летови – Постојат многу пребарувачи на летови и секој од нив има свои добри и свои лоши страни. Не сум пробал премногу за да можам да издвојам доминантен, овде ќе зборувам само за моите искуства. Многу често луѓето се држат по навика на оној пребарувач со кој првпат се сретнале. Мои омилени пребарувачи се Момондо и Скајскенер. Момондо е мета-пребарувач, што значи отприлика, пребарувач кој ги користи резултатите на други пребарувачи.

Еве како работат пребарувачите. Кога ќе внесеш од каде до каде патуваш, и на кои датуми, пребарувачот ќе ти понуди листа на опции. Први на листата најчесто се најефтините можности. Ако немаш директен лет, пребарувачот ќе ти понуди комбинација на два или повеќе летови.

Овде сакам да ти дадам неколку напомени за кои треба да бидеш свесен:

Провери ги датумите. Доколку менуваш два или повеќе лета, провери ги датумите и часот на слетување и полетување. Пребарувачите внимаваат да има доволно време да можеш да го фатиш следниот авион. Од друга страна, често нудат широки опции со периодот меѓу два лета, па знаат да ти понудат и опција со преспивање. Ако мора да преспиеш во некоја метропола целиот пат може да те чини поскапо. Обично кога има преспивање во планот на летот, пребарувачот тоа ќе го означи со црвени букви.

Провери ја цената. Прабарувачите се само пребарувачи, не и провајдери. Тоа значи дека тиe само ќе ти го испланираат патот, но комбинацијата на билети (често од различни компании) ќе мора да ги купиш преку друг сајт, како на пример: Tripsta, Airtickets.com, mytrip.com и слично.

Пребарувачот често ќе ти понуди повеќе опции за тоа од кој сајт може да купиш билет, а покрај опцијата ќе ти каже и цена. Кога ќе отидеш на сајтот и ќе ја почнеш процедурата на купување ќе видиш дека провајдерот додава некој процент провизија, така што цената ќе биде малку повисока. Понекогаш се наплаќа извесна провизија и во зависност со која картичка плаќаш – со Visa и другите стандардни картички се наплаќа по 8 евра плус. Затоа можеби е добро да купуваш повеќе карти наеднаш, затоа што провизијата ја плаќаш еднаш.

Веројатно според истиот принцип на навика, секоја моја претрага по лет почнува со Момондо. Во последно време го користам и Скајскенер затоа што открив дека наоѓа навистина добри опции, а често, не ми е јасно како, цените се без провизии. Знам дека и самиот Гугл има опција за пребарување летови, но не сум ја користел.

2. Експериментирај и симулирај – Кога пребаруваш лет биди свесен дека често може да менуваш какви опции сакаш пребарувачот да ти понуди. На пример, со Момондо можеш да прецизираш кога најрано летот смее да полета, или кога најдоцна смее да долета на дестинацијата каде што си тргнал. Исто така, може да го прецизираш и целокупното траење на летовите, заедно со паузите за трансфер.

Доколку сакаш навистина евтина опција, препорачувам да не правиш никакви ограничувања затоа што на тој начин пребарувачот ќе биде слободен да бара само летови со пониска цена.

Ако и вака не добиеш лет со поволна цена – не се разочарувај, постојат и други опции. Обиди се да експериментираш со датумите. Момондо има посебна секција каде што на календар визуелно ти покажува кои денови во периодот кога патуваш летовите се поевтини. Ако цената ти е поважна од датумот, одбери датум со пониски цени. Обиди се со тргнување ден или два порано или подоцна, обиди се и со враќање ден или два порано или подоцна. Ќе се изненадиш колку голема разлика во цената може да направи тоа. Доволно е само една нискобуџетна авиокомпанија да влезе во комбинација и имаш карта за 50 евра поевтина.

Кога ќе одбереш лет, симулирај дека ја купуваш картата. Притоа не ги користи твоите податоци затоа што некои сајтови имаат превенција за дуплирање на порачки по грешка, па кога ќе сакаш вистински да купиш, ќе бидеш блокиран. Симулацијата е важна затоа што ќе ти даде можност да ги откриеш сите скриени додатоци и провизии и да ја видиш крајната цена. Процедурата прекини ја пред самиот крај, пред да кликнеш „купувај“. Притоа прочитај внимателно, ако не разбираш доволно англиски, побарај помош од пријател. Многу е важно убаво да разбереш сè што пишува.

Внимавај да ги отштиклираш разните можности за осигурувања, известувања по смс, опции за промена и откажување и слично, зашто на крај евро по евро може да ја удвојат цената на картата.

Исто така, доколку има опција, секогаш одбери да направиш чек-ин преку интернет, кој што обично е бесплатен.

3. Купувај директно – Кога ќе ја направиш симулацијата запиши ја крајната цена, имињата на авиокомпаниите и времето на летовите. Потоа отвори го сајтот на секоја од компаниите и побарај која е поединечната цена на секој од летовите.

Ако ги споредиш цените кои ги нудат провајдерите и оние купени директно преку авиокомпаниите, понекогаш може да има значителна разлика.

Не знам како го прават тоа, но кога комбинираат летови од различни компании, провајдерите нудат значително пониска целокупна цена отколку ако самиот си ги купуваш билетите еден по еден. Но, ако леташ само со една компанија, поевтино е да купиш директно на сајтот на таа компанија.

Но, што ако цената е сè уште неприфатливо висока? На располагање ти стојат уште неколку опции, кои немаат врска со пребарувачите на летови. Ќе треба малку повеќе да работиш, но резултатите се изненадувачки ниски цени. За дополнителните опции повели инфо во мојот пост за ризичните финти за наоѓање евтини авионски карти.

Претплати се на мојата и-мејл листа за да добиваш бесплатни извесувања за сите нови постови.

Доколку знаеш за некои дополнителни трикови што ги нудат пребарувачите на летови, соопшти го тоа во коментарите под постов или контактирај ме директно.

Како се заработуваат пари

kako se zarabotuvaat pariВистината за тоа како се заработуваат пари не е ниту комплицирана, ниту тајна. Сепак, за многумина тоа претставува мистерија што не можат да ја решат целиот живот. Секако дека трудот секогаш се исплати, но доколку го насочиш во вистинска насока тој е многу поисплатлив.

Ќе се обидам во овој пост да формулирам неколку идеи до кои сум налетал на разни места и кај различни автори.

Многумина се талентирани и имаат желба да работат за да си ја подобрат материјалната состојба, единствено што не знаат што да работат. Многумина одлучиле да почнат со сопствен бизнис и сакаат да преземат иницијатива, само не знаат од каде да почнат.

Како што веќе напоменав во еден мој претходен пост, досега најчесто пишував за тоа како се штеди. Дури и во оној еден пост во кој пишував како да си ги зголемиш приходите, само ги поставив темелите, ја нацртав основата. Во овој пост ќе загриземе малку повеќе.

1. Што значат парите? – Идејата за која пишувам не е метод на кој можеш да заработуваш, туку се однесува на твојот однос кон парите. Повеќето луѓе кај нас ги гледаат парите како вредност сама за себе. Притоа тие не гледаат што всушност парите симболизираат.

Поентата ми е дека кога некому му плаќаш, твоите пари се само доказ дека некому некаде си му дал некаква вредност. Со парите ти бараш тоа да ти биде вратено.

Пред да постојат парите, постоела разменска трговија – во која луѓето директно си менувале производ за производ или производ за услуга. Сега ги имаме парите да посредуваат. Парите се всушност доказ дека си создал некаков производ или некаква услуга.

2. Колку вредат парите? – Нема ништо порелативно од вредноста на парите. Замислете еден човек кој работи како хонорарец за 6.000 денари, а потоа почнува на друго место со плата десетпати поголема. Секако дека кога прима 6.000 денари е проблем ако сака да му го плати ручекот на пријател. Кога има плата од 1.000 евра, тоа е ситница. Тие 500 до 1.000 денари, колку што отприлика би чинел ручекот за двајца, му вредат многу повеќе кога прима мала плата, вредат многу помалку кога прима голема плата.

Има еден многу добар текст на Стив Павлина во кој зборува за тоа дека за човек кој лесно може да заработи многу пари, 10.000 долари за хотелска соба се нормална работа.

Ако некому му речеш „Дали си полудел? Можеше да го купиш тој Ејпл компјутер за 5 центи поефтино во продавницата понатаму! Ти сигурно дома си штампаш пари!“ – ќе си помислат дека си полудел. Слично на ова и многу богатите луѓе мислат за разликата во цените на хотелски соби од 10.000 долари и 100 долари. Ако им сугерираш дека би требало да седат во поефтината соба и да заштедат 9.900 долари, тие ќе те гледаат како да си швркнал со умот.

Поентата е дека за луѓето што лесно може да ги заработат тие пари, откажувањето од комфорот на поскапата соба нема никаква смисла. За нив, всушност, важи правилото што народниот мудрец си го формулирал во поговорката дека „парите не можеш да си ги земеш на оној свет“. Затоа нема смисла да штедиш на нешто што го имаш во изобилство.

3. Како се создаваат пари? – Имајќи го предвид она што го кажав во претходните две точки, следува дека ако сакаш да „создадеш“ пари, треба да создадеш вредност. Под вредност подразбирам предмет или услуга што на луѓето ќе им значи, која им треба и која им решава некаков проблем.

Секако, тоа не мора да значи дека мора да создадеш апсолутно нов производ или услуга. Доволно е да додадеш вредност на веќе постоечките производи и веќе си заслужил за тоа додавање вредност да заработиш пари. Додека лежиш на плажа понекогаш би дал богатство некој да ти донесе коктел. Можеби кога би станал и би отишол до блискиот бар би си поминал поефтино, ама ако некој ти ги донесе на плажата, не би ти пречело да доплатиш. Тој што ќе го донесе коктелот не го произведува, тој само му додава вредност со тоа што го изладил и ти го донел кога ти е најпотребно.

Затоа, најдобриот совет за тоа како се заработуваат пари е да откриеш кои проблеми ги имаат луѓето и кои од нив можеш да ги решиш со талентите кои ги поседуваш.

Доколку ти се допадна овој пост можеби ќе те интересира и постот за тоа како да си ги зголемиш приходите.

Препорачај го постов на твоите пријатели преку социјалните мрежи. За да не пропуштиш ништо од содржините претплати се бесплатно на мојата мејлинг листа.

Институција ти должи пари





institucija mi dolzi pariКомпанија или институција ти должи пари? Колку и да изгледа невозможно да преземеш нешто освен да одиш и да им се издереш на шалтер, паметните луѓе може да постигнат многу доколку постапуваат со план.

Ќе се обидам во овој пост да ти дадам неколку идеи кои може да ти помогнат при твојата потрага по правда.

Враќањето пари кои ти ги должи институција или компанија не е толку емотивно комплициран процес како што се случаите кога должник ти е пријател. Компликациите во овој случај се однесуваат најмногу на техничките детали и разбирањето на процедурите.

Кога бараш пари од институција или компанија треба да бидеш подготвен на маратон, посебно кога си имаш работа со високобирократизирана организација.

Подготви се добро, познавај ги неформалните и формалните процедури, биди позитивен, размисли за компензација, побарај поддршка. Мислам дека овие и уште неколку други идеи би можеле да ти помогнат доколку компанија или институција ти должат пари.

1. Подготви се добро – Не можеш да прогласуваш право дека некоја компанија или институција ти должи пари без да можеш тоа недвосмислено да го докажеш. Колку докази ќе ти требаат зависи од тоа за колку пари се работи и колку е комплициран случајот. Собери ги сите потврди што ги имаш, изводи од банки, сметки и слично, и стави ги во една папка. Осигурај се со тоа што секаде ќе носиш и една папка со копии.

За покомплицирани случаи или ако се работи за повеќе пари можеби не е лошо за ова да се консултираш и со адвокат. Во некои случаи можеби ќе биде паметно како дел од доказите да ти бидат и писмени изјави (доколку можеш да ги обезбедиш) заверени на нотар.

Понекогаш самата сериозност во подготовката може да биде дополнителен аргумент што ќе ја убеди фирмата или институцијата да ти ги врати парите што ти ги должи.

2. Формални процедури – Дел од твојата домашна работа е и колку што е можно да ги проучиш формалните процедури. Речиси сите фирми и институции денес имаат сајтови на кои многу често се објаснети формалните процедури. Дополнителни информации може да добиеш ако се јавиш или напишеш и-мејл до секторите за односи со клиенти и за поддршка, а често корисни може да се и информациите што може да ги добиеш и од други клиенти кои имале слични проблеми.

Генерално компаниите и институциите не можат да постапуваат пред да добијат и формално барање за враќање долг од твоја страна. Меѓутоа, убаво е пред да го поднесеш формалното барање да се консултираш со некој од компанијата или институцијата дали е тоа паметно, затоа што понекогаш интерните регулативи може да го одложат процесот доколку тој започне по формален пат. Понекогаш неформалните процедури може да бидат поповолни за тебе. Секако, ова важи само во случај кога од страна на вработените има волја и разбирање.

3.Неформални процедури – Како што споменав неформалните процедури во многу случаи може да се поповолни за тебе. Обиди се да дознаеш колку што може повеќе за вработените, посебно оние кои се на одлучувачки позиции. Побарај да те примат за лично да го искажеш своето барање и да се консултираш пред да ја почнеш формалната процедура. Понекогаш со менаџментот може да направиш неформален договор, пред да почне формалната процедура.

Обиди се да научиш колку што можеш за тоа кој навистина одлучува, а кој има само привидна моќ. Разговарај со секретарките, со службениците од пониските рангови – тие може да ти дадат многу корисни информации за начинот на функционирање, па дури ако се пријателски расположени, дури и да те препорачаат кај некој од менаџерите.

4. Биди позитивен – Секако дека кога компанија или институција ти должи пари е многу фрустрирачко искуство, но ако се обидеш да го искажеш својот бес директно во очи, нема да постигнеш многу. Постапувај паметно. Доколку ги третираш тамошните вработени како луѓе, многу од нив може да ти станат сојузници. Многумина од службениците не се задоволни со платата и односот на раководството, а некои дури и ја мразат компанијата или институцијата во која работат. Не можеш да знаеш кој од нив може да одлучи да застане на твоја страна и тајно да те поддржува, некогаш со информации, а некогаш и со директна интервенција.

Биди позитивен и ако некој од раководителите те примат да разговараат со тебе. Немој веднаш да настапиш со нервоза и напаѓање, туку пробај смирено да го искажеш својот проблем, да ги покажеш аргументите кои си ги подготвил (точка 1) и да прашаш како заедно да дојдете до решение. Како што велат старите: договор куќа гради, а добриот збор – железни порти отвора.

5. Компензација – Компаниите и институциите секогаш се малку тешки на враќање пари. Често тоа е затоа што и самите се ограничени со законски и интерни ограничувања. Биди подготвен да понудиш доколку не може долгот да го покријат со пари, да добиеш компензација или услуга. Размисли што компанијата произведува и што од тоа може да ти користи. Некој од производите би можел и да го препродадеш и на тој начин да си ги добиеш парите.

6. Поддршка – Во модерните демократски капиталистички општества многу често постојат разни потрошувачки организации, сојузи на разни интересни групи (пензионери, студенти, пациенти и слично), синдикати, организации за заштита на човекови права, а кај нас има и омбудсман (Народен правобранител). Обрати се до нив, тие може да ти помогнат и да те поврзат со други кои имаат сличен проблем, па заедно да си ги барате правдата и парите.

Доколку станува збор за поголем случај помош и информации може да добиеш дури и од политички партии. Биди свесен дека често политичките партии ќе сакаат твојот случај да го искористат за напад на опонентите, но тоа сепак  може да ти користи.

Овие организации може да ти помогнат и со обезбедување правна помош, а понекогаш и да ти платат адвокат. Исто така, тие ќе ти бидат од значителна помош доколку се одлучиш да поведеш јавна кампања.

7. Јавна кампања – Нема ништо полошо за компаниите и за институциите од лош PR. Затоа, доколку ништо друго не функционира секогаш ти останува во рака можноста да почнеш јавно да ги кажуваш проблемите кои ти ги предизвикале. Тоа може да им ја уништи репутацијата до непредвиливи размери.

Биди свесен, дека оваа можност е секогаш посилна како закана, пред да ја употребиш, отколку кога ќе почнеш да ја реализираш. Пред да почнеш со јавна кампања, биди сигурен дека си ги поминал сите формални процедури и дека имаш документи за сите нив: писма, барања, записници, и-мејли, смс пораки. Немој да им оставиш можност да ти одговорат дека не знаеле за проблемот или дека не си искористил некоја можност што ти ја нудат процедурите и дека затоа твојот долг не е вратен.

Пред да почнеш со кампањата, побарај уште еднаш да се видиш со луѓето кои одлучуваат и да ги предупредиш што планираш. Тоа може биде одлучувачкиот притисок.

Во кампања се влегува подготвен. Лоцирај ги клучните точки на напад и клучните медиуми преку кои ќе го правиш тоа. Исто така, најди сојузнизи: тоа може да бидат невладини организации, еснафски здруженија, новинари, уредници на медиуми, јавни личности, други институции и компании и, секако, оние на кои како тебе компанијата или институцијата им должи пари. Користи ги сите можни медиуми, печатени и електронски, а најголем сојузник може да ти е интернет – социјалните медиуми, блоговите, форумите. Доколку станува збор за позначаен случај, може да размислиш и да свикаш прес конференција – за помош обрати се до невладините организации.

Ах, да, очекувај и контранапад. Многу компании имаат „свои“ луѓе по медиумите и во јавноста. Исто така, биди свесен дека колку и да се силни, ти си во предност, затоа што репутацијата многу потешко се брани отколку што се напаѓа.

8. Суд – Ако се одлучиш на јавна кампања многу е веројатно да немаш избор. Случајот ќе мора на суд. Покрај адвокат, биди свесен дека многу е важно да обезбедиш и медиумска покриеност на настанот: информирај ги новинарите за тоа што се случува, преку и-мејл и телефон и одржувај добри односи со нив. Секогаш давај им информација кога е следното рочиште за, ако можат да бидат присутни. Доколку се сомневаш во правичноста на судот, од невладините што се занимаваат со правично судење, побарај да обезбедат претставник на секое рочиште. Едноставно пребарување на интернет може да ти даде информација за тоа кои органзиации би можеле да ти помогнат.

Те молам овие препораки да ги сфатиш само како идеи. Тие не можат сами по себе да важат како корисни секогаш, бидејќи понекогаш станува збор за многу сложени случаи кои бараат сложени решенија.

Можеби ќе ти биде интересен и постот каде што пишувам за случаите кога пријател ти должи пари.

Дали овие идеи ти помогнаа? Доколку си имал слични искуства или имаш и други идеи, те молам да ги споделиш во коментари за да може да им користат на оние што се соочуваат со слични проблеми.

Сподели го постов на Фесјбук, Твитер или преку месинџер. Претплати се за бесплатно да ги добиваш сите постови директно на твојот и-мејл.

Кога пријател ти должи пари




koga prijatel ti dolzi pariКога имаш пријател коj ти должи пари тоа може да биде навистина непријатно искуство кое предизвикува многу фрустрации. Веројатно си во многу комплицирана ситуација, а како ќе постапуваш зависи од многу фактори. Постои една поговорка, за која не знам дали е фолклор или модерен мим, која вели

ако сакаш да изгубиш пријател, позајми му пари

Да се разбереме, јас не заговарам овде да не им позајмуваш на пријателите. Нема ништо поблагородно отколку несебично да му помогнеш на некој што е во неволја и доколку некој има потреба сметам дека треба да се помага во рамките на можностите.

Ќе се обидам во овој пост да дефинирам неколку идеи кои ќе ти помогант да не ги губиш пријателите поради пари. Тие се однесуваат на начините на кои може да си ги добиеш назад своите пари.

Решението на овој проблем може да биде многу комплицирано и најчесто пред да преземеш што и да е, треба да расчистиш неколку работи најпрвин самиот со себе.

Прво, за тоа како ќе се поставиш во таква ситуација веројатно најголемо влијание има прашањето колку сте блиски со оној што ти должи пари, а секако и колку ти е важно да го зачуваш пријателството? Одговорите на овие прашања ќе ти помогнат во одлуките дали и колку би требало да инсистираш на враќање на долгот? Не заборавај, пријателстото е поважно од парите, пријатели со пари не можеш да купиш.

Второ нешто што ќе влијае на тоа како ќе го решиш овој проблем е тоа колку пари ти должат. Малку е парадоксално, но обично, колку што е помала сумата, толку е понепријатна ситуацијата.

1) Една категорија е кога станува за занемарливи износи, какви што се плаќањето пијачка или ручек, сума која, колку и да е безначајна, со време може да се натрупа и да стане значителна.

2) Малку посериозно е кога на пријатели им позајмуваш поголеми износи кои се отприлика 50 отсто од присечна плата. Тоа може да се позајмици за плаќање сметки кои твојот пријател мора да ги плати итно, а во моментот нема пари.

3) Овде спаѓаат сериозни суми на пари кои многукратно го надминуваат износот на една плата. Тоа се разни позајмици за купување стан или автомобил или некоја инвестиција.

Третиот фактор што ќе влијае на решението веројатно ќе зависи од тоа колку ти се потребни парите што ти ги должат и колку должникот е во состојба да ги врати.

На барање на читателите на Еден денар направив мало истражување и во продолжение ќе ти предложам неколку идеи за тоа како би можел да си ги вратиш парите што ти ги должат.

1. „На ти го – дај ми го“ – Овој пристап е најпогоден доколку имаш пријател кој често намерно или случајно заборава дека ти си ги платил пијачките или ручекот. Станува збор за првата категорија, односно, износи кои се многу мали. Меѓутоа колку и да се мали со време овие мали честења може да станат значителна сума. Доколку се чувствуваш изиграно, пред да се договориш со пријателот би било убаво да му нагласиш дека овојпат ручекот е на негова сметка, затоа што претходниот пат бил на твоја. На тој начин, наместо да го доведеш и него и себеси во непријатна ситуација на дирктно соочување, однапред ќе му дадеш до знаење дека очекуваш она што ти го должи да ти биде вратено.

2. „Присилна“ сметка – Додека го правев истражувањето налетав на една идеја која според мене е малку поагресивна и може дури и да го оштети пријателството, меѓутоа може да функционира. Имено доколку некој ти должи извесна сума пари може да го поканиш на ручек и „случајно“ да порачаш нешто што чини потполно исто како и сумата што ти ја должи. Потоа исто така „случајно“ ќе излезе дека си го заборавил новчаникот дома, така што тој ќе мора да ја плати сметката. Секако, ако и тој не го „заборавил“ неговиот.

Друга варијација на „присилна“ наплата е ако истата сума на пари ја позајмиш од некој кој веќе му должи пари на твојот пријател. На пример, ако тој има потстанар кој плаќа месечна кирија од 9.000 денари. Ти ќе ги позајмиш тие 1.000 денари од потстанарот, и ќе му кажеш на пријателот дека си позајмил и дека наредниот месец киријата што тој ќе ја плати ќе биде 8.000 денари. Секако овие решенија може да функционираат само во одредени услови, на пример, ако знаеш дека пријателот нема да се налути и дека чувствува одговорност кон тебе.

Оваа идеја би можела да функционира за сите три категории долгови, но, според мене, најдобра е за првите две.

3. Пријателска медијација – Доколку имате заеднички пријател кој го почитувате и обајцата, тој би можел да е одличен медијатор. Поразговарај со потенцијалниот медијатор отворено и кажи му дека тие пари ти требаат. Потоа закажи заедничка средба на која тројцата ќе можете невознемирувано да поразговарате. Бидејќи овој метод е најпогоден за ситуации во кои по ниедна цена не сакаш да го изгубиш пријателот што ти должи, гледај притисокот за враќање на парите колку што може помалку да доаѓа од тебе, туку тоа да оди преку медијаторот.

Овој метод може уште подобро да функционира во ситуации кога медијаторот е многу близок со должникот, а во исто време сериозно ја сфаќа твојата ситуација. Овој метод е исто така функционален во сите три категории, но најдобар е за последните две, оние каде што станува збор за повеќе пари.

4. Враќање на рати – Ако знаеш дека оној што ти должи нема доволно пари да ти го врати целиот долг наеднаш, можеби можеш да побараш да ти даде одредена сума одвреме навреме. На пример, во лето може да го замолиш да ти даде макар дел за да може да уплатиш за одмор. На тој начин, малку по малку може да си ја вратиш целата сума без да изгубиш нешто од пријателството. Како додаток, понекогаш може да му ветиш дека ќе симнеш дел од долгот за некаква услуга.

Негативност во овој пристап е што ќе треба постојано да се јавуваш со секакви изговори, што знае да биде прилично напорно и за двајцата. И оваа идеја, како и претходната, е погодна за позначителни суми.

5. Институционална интервеција – Доколку станува збор за посериозна сума и доколку си ги исцрпил сите пријателски можности, за жал, целата работа ќе мора да ја пренесеш на малку повисоко ниво. Меѓутоа биди свесен дека и овде на располагање ти стојат повеќе мерки во зависност од тоа во какви односи сакаш да останеш со должникот. Можеби добра идеја е пред да почнеш со судска процедура, да го замолиш твојот адвокат да му прати официјално писмо во кое го предупредува дека доколку не си ја сфати обврската сериозно наскоро ќе добие тужба. Исто така, треба да ја разгледаш и можноста за институционална медијација, која понекогаш и самиот суд ја предлага како задолжителна.

Овде не ги постирав случаите кога пари ти должи институција или голема компанија. Враќањето пари од такви места, посебно ако се високо бирократизирани како во Македонија, е цела наука и за неа ќе треба посебен пост.

Ако ти се допадна овој пост, ќе ти бидам благодарен да го споделиш со некој кому навистина може да му помогне. Тоа може да го направиш преку и-мејл или месинџер, но и преку својот профил на социјалните мрежи (Фејсбук, Твитер и слично) каде што може да го видат повеќе луѓе.

Доколку ти се допаѓаат содржините на мојот блог, претплати се за да ги добиваш преку и-мејл.

Како да си ги зголемиш приходите

kako da si gi zgolemis prihoditeЗголемувањето на приходите е најдиректниот метод на обезбедување на балансиран буџет. Можеш да штедиш колку што сакаш, ама тоа само по себе не може да ти помогне да си ја подобриш финансиската ситуација ако не си обезбедиш некакви приходи.

Пред да почнеш да го читаш постов, сакам да ти напоменам дека намерата не ми е да формулирам магична формула за збогатување – такви не постојат. Ова се само основни принципи, начин на размислување. Жалам ако тоа разочара некои од моите читатели.

Во овој пост ќе ги дефинирам основите на секое зголемување на приходите. Доколку не знаеш како да размислуваш за овој дел од твоите финансии, дури и милион долари кеш нема да те направат побогат.

Во основите на секое буџетирање се две ставки: приходите и расходите. Во скоро сите постови досега пишував за намалување на расходите. Поедноставено кажано, најголем дел од времето досега зборувавме како да заштедиме. Меѓутоа подобрувањето на финансиската состојба може да дојде и од зголемување на приходите. Независно колку се трудиш да заштедиш, ако не ги зголемуваш приходите не можеш да сметаш на материјална благосостојба. Не е залудно верувањето дека најмногу штедат сиромашните: тие не штедат затоа што се сиромашни, туку најчесто се сиромашни затоа што премногу мислат на штедењето.

Ова е толку едноставно, што многумина од нас дури и не се трудат да размислат како всушност функционира. Од друга страна, важно е како и учењето на таблицата на множење. Додуша, денес речиси на секој компјутер и телефон имаш калкулатор, така што можеш да бидеш сосема среќен и без да ја знаеш таблицата на множење, ама без учење на динамиката на приходите и расходите не се може. Тоа е основата на финансиската писменост. За жал, многумина го поминуваат поголемиот дел од својот живот без да ги научат овие основи.

Ако успееш да ги зголемиш примањата од плата и од активата што ја поседуваш твојот буџет ќе биде балансиран, дури може и да се збогатиш. Во наредниве неколку пасуси ќе се обидам да ги дефинирам двата главни начини за зголемување на приходите.

1. ПлатаОсновен начин. Првиот начин на кој луѓето ги зголемуваат своите приходи е работа за плата. Но што е во суштина работењето за плата?

Кога работиш за плата, ти во суштина го продаваш својот труд, своето време и својата вештина или знаење. За овие три нешта мора да размислуваш како за ресурси. Трудот и времето се ограничени ресурси, што значи, колклу повеќе работиш, толку повеќе ги трошиш и постои момент некаде во иднината кога ќе останеш без нив. Што се однесува до знаењето, колку повеќе работиш, толку повеќе го стекнуваш. Меѓутоа и знаењето е ограничен ресурс, во смисла дека никој од нас не знае сè и не може сè да направи.

Доколку платата не е доволна за да ги покрие расходите, мора да размислуваш на две нешта: да најдеш начин како да добиеш зголемување на платата или да почнеш да работиш и нешто дополнително.

Постои еден сериозен недостаток во овој начин на зголемување на приходите: како што веќе напоменав, твоите ресурси се ограничени, а со тоа и твојата можност да ги зголемуваш приходите. Колку и да е голема цената на твојот труд, ресурсите ти се ограничени, постои горна граница до каде што можеш да одиш.

Пример за ова е платата на холивудските ѕвезди. Том Курз на пример, може да затаботува и по неколку милиони долари на еден филм, меѓутоа неговото време е ресурс што се троши и тој може да сними ограничен број на филмови. Да работиш добро платена работа е одлично, меѓутоа мора да бидеш свесен за ограничувањата.

2. Актива – За жал, повеќето луѓе застануваат кај платата. Заработувањето пари е малку повеќе од продавањето на сопствениот труд. Овде наместо да објаснувам, ќе се обидам да го пренесам она што и јас го научив прилично доцна во животот. Еден совет на кој налетав пред неколку години беше оној во книгата „Богат татко, сиромашен татко“ (сега ја има и на македонски) на Роберт Киосаки. Една од неговите пораки е – не работете за пари, направете парите да работат за вас. Тоа во суштина значи дека наместо со парите да купувате пасива, треба колку што можете повеќе да купувате актива.

Ако единствен извор на приходи ти е платата, целиот твој живот е целосно зависен од твојот работодавач, вели Киосаки.

Пасива во суштина е имот кој учествува во расходните страни на твојот буџет. Тоа може да е стан за кој треба да плаќаш сметки, а кој ништо не внесува во твоите приходи. Од друга страна, ако станот го изнајмуваш, тој учествува во приходите и станува актива. Колку повеќе ја зголемуваш активата (хартии од вредност, обврзници, недвижнини, авторски права), толку повеќе растат твоите приходи.

Доколку ти беше интересен овој пост веројатно ќе те интересира и мојот пост за тоа како да ја преземеш контролата на својата финансиска состојба.

Доколку имаш нешто да додадеш на работите кажани во постов, секој коментар е добредојден. Можеш да го споделиш со своите пријатели по и-мејл или преку социјалните мрежи.

10 идеи како да најдеш поефтин стан за студенти




najdi poeftin stan za studentiПри изнајмување стан за студенти најефтино си поминуваат оние што навреме планираат. Непромисленоста најчесто се плаќа со пари, а понекогаш и со нарушено здравје од нехигиенски услови или небезбедно опкружување.

Во овој пост ќе се обидам да ти помогнам при изборот на стан со неколку идеи. Од тебе зависи да процениш што е применливо за тебе, а што ќе може да го примениш со некои модификации.

Секој што во Македонија бил студент од внатрешноста знае што мислам кога ќе ги споменам нервозите при сместување во студентски дом. Проблемот е следен – има многу повеќе студенти, отколку места. На крајот некои ќе мора да бараат приватно сместување.

За други, пак, сместувањето во студентски дом не доаѓа предвид поради лошите услови и нехигиената. На некои, пак, им треба простор зашто, како што Достоевски вели во широка соба, на човек му се широки и мислите.

Во која група и да припаѓаш, твојата учебна година почнува со потрагата по стан.

Ако знаеш каде да бараш стан и ако дефинираш што точно ти треба, потрагата ќе ти оди многу полесно. Ако вклучиш и трошоци за превоз поскапиот стан може и да е поефтин, а можеби ти треба само соба или ненаместена гарсоњера? Ќе се обидам да ти дадам десетина идеи кои ќе ја направат твојата потрага малку полесна.

1. Почни да бараш стан рано – Биди свесен дека не си единствениот студент што бара стан: колку порано почнеш, толку повеќе опции ќе имаш на располагање. Во моментов кога го пишувам текстов е веќе крајот на август, што значи дека, ако сè уште немаш стан, малку доцниш со твојата потрага по сместување. Тоа сепак не значи дека не можеш да најдеш стан со навистина поволни услови.

2. Прошетај во близина на кампусот – Твојата потрага не би требало да почне со купување огласник. Првиот чекор би требало да биде лично да појдеш и да прошеташ околу кампусот, местото каде што ќе го поминуваш најголем дел од твоето време. Разгледај ги сите улички и ако можеш поразговарај со некој од локалните жители. Обично во локалната продавничка, доколку не е премногу врвулица ќе може да ти ги дадат сите информации што ти требаат. Заинтересирај се кој изнајмува, какви се условите за живот и слично. При оваа посета веројатно ќе наидеш и на јавни огласи што изнајмувачите често ги поставуваат пред своите станови. На тој начин можеби ќе ја избегнеш и провизијата што ја земаат агенциите.

4. Поблиску е подобро – Колку што е станот поблиску до кампусот, толку поефтино ќе го чини студентот. Ова мора да се земе предвид при одлуката каде да се изнајми. Понекогаш е поисплатливо да се плати поскап стан, ако тоа значи помалку патни трошоци. Секогаш распрашај се за поврзаноста и превозот. Тоа мора да биде важен фактор при одлучувањето.

3. Најди цимери – Секогаш е поефтино да се изнајми поголем стан за повеќе луѓе отколку помал за помалку. Доколку веќе имаш пријатели што студираат на кампусот тоа е одлична прилика да се организирате и да изнајмите заедничко сместување. Одлични цимери може да се и колегите од твојот факултет – поразговарај со нив порано за да знаеш какви се нивните планови.

6. Изнајми само соба – Доколку се одлучиш да живееш сам, или со само еден цимер, можеби би можел да размислиш да изнајмиш соба наместо стан. Ваквото решение можеби не нуди толку голема слобода и комфорт, но може да биде многу благопријатно за твојот буџет. При изнајмувањето на соба води сметка да имаш, по можност, неограничен пристап до бања и тоалет, како и можности за користење на кујна. Биди внимателен однапред да го договориш начинот на плаќање на сметките кои при изнајмување на соба веројатно ќе ги делиш со сопственикот на станот.

7. Имај подготвено чеклиста – Што за тебе е најважно за станот во кој ќе живееш? Каква и да е твојата чек-листа, таа мора да вклучува некои основни работи како што се струја, вода, греење, хигиена, исправна бања и тоалет. Многу станови имаат проблем со влага, посебно во зима, обиди се да ги избегнеш. На твојата чек листа можеби ќе влезат и можностите за чување на куче или мачка, можност за дружби до доцна навечер, можноста да учиш дома и слично. Доколку ти се важни, на овие работи би требало да мислиш однапред.

8. Ненаместен стан – Изнајмување ненаместен стан може да биде навистина добра инвестиција. Доколку можеш да вложиш во основни парчиња мебел, или доколку веќе ги поседуваш, како што се кревет и работна маса, тоа е долгорочна инвестиција што ќе ти се исплати. Оние што имаат искуство со живеење во изнајмен стан, знаат дека дури и кога се изнајмува наместен стан, понекогаш е потребно да се инвестира во мебел, така што изнајмување комплетно ненаместен стан е добра опција. По завршувањето на студиите твојот мебел може да го продадеш на други студенти или на сопственикот на станот.

9. Не изнајмувај на прва – Немој да носиш дефинитивна одлука без да провериш најмалку три или четири стана. Многу често се случува да се вљубиш на прв поглед во некој стан и да се откажеш од некоја многу поповолна понуда само затоа што си престанал со потрагата. Постави си го ова како генерално правило – нема да изнајмиш стан без да прегледаш најмалку три или четири места.

10. Биди подготвен – Доколку изнајмуваш преку агенција, тие најверојатно ќе ти понудат договор. Ти сепак инсистирај на договор дури и ако не изнајмуваш преку агенција. Информирај се каде и како можеш да склучиш ваков договор. Исто така, паметно е секогаш со себе да носиш извесна сума пари за депозит, за ако најдеш некоја прилика што не се пропушта, да можеш веднаш да се договориш, затоа што, како што напоменав, постои голема побарувачка на почетокот на учебната година.

Потрагата по стан понекогаш е резултат и на добрата среќа. Затоа ти посакувам многу среќа во твојата потрага.

Можеби ќе те интересира и мојот пост за тоа како да ги намалиш трошоците на почетокот на учебната годна и до 50 отсто.

Доколку ти се допадна овој пост претплати се на мојата мејлинг листа за да бидеш информиран за содржини слични на оваа. Можеш да додадеш други идеи во коментари, а ќе ти бидам благодарен ако го споделиш постов со своите пријатели на социјалните мрежи.

Училишните трошоци може да бидат 50% помали




Училишните трошоци може да бидат 50% помалиМоже многу да се заштеди на есенскиот училишен шопинг ако тоа го направиш на паметен начин. Планирањето и размислувањето однапред ќе го направи целото искуство многу попријатно и за тебе и за твоите деца.

Во овој пост ќе се обидам да формулирам неколку идеи на кои сум наишол на разни места, а кои се применливи и во наши услови. Ако издвоиш малку време за да испланираш и да се информираш, целиот училишен шопинг може да го направиш и до 50% поефтин.

Поголем дел од учениците го мразат септември поради фактот што им завршува летниот распуст и почнуваат нивните училишни обврски. На студентите, пак, им почнуваат испитните сесии.

Овој период за родителите е лош поради есенскиот училишен шопинг, кој е товар за буџетот кој веќе ионака е испразнет од летните одмори.

Одлична идеја е ако провериш што е неопходно, а што не мора да купуваш. Важно е и да знаеш каде да купуваш, затоа што нема смисла да плаќаш поскапо само затоа што не си одвоил време да провериш дали истото може да го купиш поефтино. И, на крај, направи сè што можеш за да имаш контрола на трошењето. Во овој пост ќе се обидам да ти дадам неколку идеи како може да го сториш сето тоа.

1. Провери ги шкафовите – Посебно ако имаш деца на школска возраст, шкафовите и фиоките дома веројатно ти се полни со пенкала, тетратки и друг школски прибор кои се неупотребени или може да се користат повторно. Стави ги работите на куп и направи список што имате, а што е неопходно да се купи ново. Секако, пред да го определиш дефинитивниот список, можеби е паметно да се консултираш со ученикот или студентот и да го убедиш дека не е неопходно да се купува.

2. Определи лимит – Разгледај и процени, а потоа задолжително определи лимит колку пари смееш да потрошиш. Компаниите често ги дизајнираат производите со ликовите на познати фаци и ги продаваат поскапо, иако понекогаш квалитетот е многу полош од другите. Објасни им го ова на децата, нека сфатат дека плаќате поскапо само за налепници.

3. Користените работи се поефтиниНе е толку гламурозно, но секој од нас веројатно макар еднаш купил користен учебник. Можеби државата кај нас дава некои бесплатни учебници, но сигурно е дека оние работи кои не се бесплатни, а може да ги најдете зачувани, ќе го олеснат притисокот на вашиот буџет.

4. Побарај попусти – Во Македонија последниве години се појавија многу сајтови што нудат попусти за разни производи. Провери дали на некој од нив има понуда за она што му е потребно на твоето дете: нови патики, нова тренерка, нов ранец… На овој начин може да заштедиш и до 20 отсто. Едноставно пребарување на Гугл може многу да му помогне на твојот буџет.

5. Користи кешбек опции – Благодарение на неколку компании во Македонија може да се пазари и со кеш-бек картички. Ако продавницата каде што купуваш е на листата на твојата картичка, за секое купување на твојата сметка ќе се враќа одреден процент, зависно од договорот што го имаат продавницата и менаџментот. Колку и да е мал овој процент, кога трошиш многу, тоа може да биде значителна сума. Пиши ми и-мејл за повеќе детали за оваа опција.

6. Купувај после сезона – Секако дека твоите деца сакаат да имаат сè што им треба сега, но ако почекаш може да начекаш и до 70% поефтини производи. Сите купуваат во септември и во јануари, па продавниците некаде во октомври и во февруари нудат попусти затоа што ги празнат своите полици. Ако за дел од потребните работи може да почекаш, твојот буџет ќе ти биде благодарен.

Имај на ум дека наесен многу од продавниците, посебно оние за облека, ги празнат полиците од летната сезона и се подготвуваат за зима. Тоа значи дека многу летни работи може да се купат со големи попусти.

7. Купувај во поефтините продавници – Кога одиш во училишен шопинг, посети ги најпрвин поефтините продавници. Понекогаш може да ги најдеш истите производи како и во скапите, но со многу поповолни цени.

Може да им напоменеш на блиските и пријателите да те информираат ако забележат некоја продавница со поефтин училишен прибор.

8. Купувај на големо – Старо правило во трговијата е дека кога купуваш на големо може да обезбедиш поефтини производи. Добра идеја е да се договориш со други родители кои купуваат училишен прибор да купите заедно во поголеми количини. Секако, доколку може да се договорите со трговците тоа да биде со поповолна цена. Понекогаш може да купите поголема количина производи кои може да се користат и наредната година.

9. Купувај во кеш – Користењето на кредитна картичка кога купуваш училишен прибор е секогаш лоша идеја. Дури и да пазариш според списокот што си го подготвил од дома, работите полесно може да излезат од контрола ако не ги гледаш парите што ги трошиш. Затоа, определи ја сумата за есенскиот училишен шопинг и извади кеш од картичка пред да почнеш со купување.

Секој може да најде и други начини за да заштеди. Доколку имаш некоја идеја добредојден си да ја напишеш во коментарите на постов. Сподели го постов преку и-мејл или Фејсбук со твоите пријатели. Претплати се за мојот бесплатен њузлетер и не ги пропуштај постовите слични на овој.

Преземи ја контролата на својата финансиска состојба





преземи ја контролата на својата финансиска состојбаКонтролата на личните финансии може да звучи многу комплицирано, имајќи предвид дека треба да обрнеш внимание на работи какви што се буџетот, заработката, трошоците, долговите, осигурувањето и штедењето. Добро е да се знае како се планираат сите овие работи што ги наведов, и веројатно еден ден ќе треба да научиш нешто за секоја од нив, но тоа не е неопходно за да почнеш да ја преземаш контролата на своите пари.

Секој од нас си прави свој буџет во главата кога проценува колку може да потроши за нешто, но тоа го прави несвесно. Преземањето на контролата на овој процес подразбира тоа тој да се направи свесен и овде ќе го образложам најосновниот начин како да го постигнеш тоа. Ќе го образложам наједноставниот можен начин – затоа што намерата ми е да те натерам да преземеш акција, а не да читаш учебници по сметководителство.

Еве ги петте едноставни принципи што ќе ти помогнат да ја преземеш контролата на својата финансиска состојба.

1. Одвои време за буџетирање – Што си подготвен да дадеш за да добиеш контрола на својата финансиска состојба? Дали би издвоил еден час неделно за да ја постигнеш овааа цел? Секој ден ќе издвоиш по 5 до 10 минути за да ги запишеш своите дневни трошоци и еднаш месечно за да ги пресметаш ставките во твојот буџет. Станува збор за многу едноставни операции: запишување и едноставна математика (главно собирање и одземање) за која не треба ни калкулатор.

Издвојување на најмногу еден час неделно е мала цена за контролата на своите финансии што ќе ја добиеш за возврат.

2. Запиши го својот месечен буџет – Секој буџет има две основни ставки: приходи и расходи. Во ставката приходи влегува сè што го полни твојот буџет; во ставката расходи – сето она што го празни.

Најосновниот буџет има една вертикална линија во средина на листот. На левата страна најгоре пишува „приходи“, на десната – „расходи“.

Во приходи влегуваат ставки како платата, дополнителните приходи од „работа на страна“, и (за оние што живеат во заедница) примањата на другите членови на семејството.

Во расходи влегуваат редовните трошоци како сметките за струја, комуналии, телефон, кирии и разни други месечни давачки, трошоците за храна, превоз, облека, одмори и сè друго што го празни буџетот.

Приходите се позитивна ставка, расходите – негативна. Кога ќе пресметаш колку пари ти остануваат на крај, си го добил билансот на твојот буџет.

приходи – расходи = биланс

3. Води дневник на трошоци – Во реалноста е многу полесно да се следат приходите отколку расходите. Тоа е затоа што сите имаме во главно непроменливи приходи (главно фиксна плата), но многу променливи и непредвидливи трошоци.

Овој проблем се решава со запишување на секој трошок што го правиш. Полесно е отколку што изгледа и кога еднаш ќе ти влезе во навика, нема ни да го забележуваш овој процес. Доволно е на мобилниот да ја отвориш апликацијата за забелешки какви што се One note или Evernote (или со обично ливче и пенкало) и да го запишеш секој трошок што си го направил во текот на денот; на крајот на месецот ќе пресметаш колку и на што си трошел.

4. Бори се за позитивен биланс – Кога од приходите ќе ги одземеш расходите, ќе го добиеш билансот. Добро е кога тој е позитивен, зашто негативен биланс значи дека си влегол во долгови.

Има главно два начини да го направиш билансот позитивен. Првиот е да ги зголемиш приходите, а вториот е да ги намалиш расходите. Едното значи повеќе или подобра/ поплатена работа, другиот значи штедење. Разгледај кој начин е поприменлив во твојов случај.

5. Биди истраен – Водењето ваков буџет во подолг период ќе почне да ти открива некои интересни факти: ќе ти покаже кои твои навики се најголем товар за буџетот, каде си најмалку одговорен, а кои се твоите силни страни во поглед на парите. Тоа ќе ти помогне да станеш свесен како се движат твоите пари и со тоа ти го почнуваш сопственото финансиско образование.

Читањето на блогов нема смисла ако не те натера да преземеш нешто. Затоа уште сега земи лист хартија и подели ја со една вертикална линија: левата страна наречи ја приходи, десната – расходи. Направи го својот буџет и држи се до него некое време – наскоро ќе си заблагодариш себеси што си го направил тоа.